„Кондево“ за 50 отсто ќе ги зголеми своите капацитети во ТИРЗ Штип

41

Преку инсталирање две нови високософистицирани линии за нови производи италијанската фабрика „Кондево“, која е лоцирана во ТИРЗ Штип, планира првичната инвестиција од 35 милиони евра да ја зголеми за 50 отсто и да го зголеми број на вработени од сегашните 107 на 150 вработени до средината на годинава, како и да има дополнително зголемување на бројот на вработените со воведување нови производи, најави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на компанијата.
Кондево, како што рече, е инвеститор кој е еден од лидерите во својата индустрија во светот што ги снабдува најголемите светски производители на бојлери со опрема што се вградува во нив.
– Со менаџментот на Кондево имавме одлична можност да разговараме за нивниот план за инвестиции во наредниот период. Тие планираат да ја зголемат својата инвестиција. Во време на пандемија потврдија дека таа може да претставува и можност и ниту еден вработен не беше отпуштен од работа, а додека траеше локдаунот тие веќе ги правеа своите нови планови за инвестиции и затоа веќе воведуваат нови производи. Нивниот најнов производ, којшто ќе претставува и носечки производ во светски рамки во однос на зголемување на ефикасноста на производите од оваа индустрија, ќе биде практично правен во фабриката тука во Штип. Станува збор за инвестиција која компанијата веќе има доставено план за инвестирање до Дирекцијата на ТИРЗ, рече Ковачевски.

Во моментов, додаде, 107. вработени кои работат во фабриката се обучуваат според највисоките стандарди за обуки надвор од државата. Исто така, тука престојуваат и експерти коишто доаѓаат од Италија, од централата на оваа фабрика.
Нагласи дека во ТИРЗ во Штип, во моментов се инвестираат 430 милиони денари во нова патна инфраструктура, атмосферска и фекална канализација, како и водоводна мрежа. Зоната ќе биде споена со експресниот пат што ќе овозможи да се отворат нови парцели за кои ќе биде подготвена целата инфраструктура и веќе се водат разговори на ниво на ТИРЗ со потенцијални инвеститори што ќе градат свои нови индустриски капацитети.
Порача дека во сите зони во земјава и во услови на пандемија се регистрира зголемување на бројот на вработени, пораст на платите и пораст на уплатите во Буџетот на државата од компаниите лоцирани во зоните и вети.
-Од 2017 година во ТИРЗ континуирано расте бројот на инвестициите, бројот на вработените и нивото на платите. Во периодот од 2010 до 2016 година просечната плата во ТИРЗ изнесуваше 21.700 денари, додека во периодот 2017 до 2020 година просечните плати пораснаа и сега се на ниво од 28.600 денари. Дополнително просечниот број на вработени во ТИРЗ е зголемен за повеќе од двојно од 6.200 вработени во 2016 година на 13.000 вработени денеска. Во досегашниот период Буџетот на државата досега остварил близу 11 милијарди денари приходи по различни основи од компаниите во ТИРЗ, рече Ковачевски.
Најголемиот годишен пораст на приходите во Буџетот, како што кажа, е регистриран во 2017 година кога има зголемување за 327 проценти во споредба со претходната година.
-Во 2020 година компаниите во ТИРЗ уплатиле над 2,4 милијарди денари во државната каса на име на придонеси од задолжително пензиско и социјално осигурување, трошоци за даноци на плати и надоместоци за плати и данок на добивка што е за четири пати повеќе во однос на 2016 година. И во услови на пандемија и глобална економска криза постигнати се договори за инвестиции во вкупна вредност од 190 милиони евра кои треба да донесат 2.700 работни места потенцира Ковачевски.
Посочи дека се во напредна фаза преговори за нови инвестиции од близу 300 милиони евра и над 1.500 вработувања и нагласи дека се очекува ваквиот тренд уште повеќе да продолжи до 2024 година.
-До 2024 година очекуваме инвестиции во висина од една милијарда евра. Според анализите во наредните четири години очекуваме и раст од 100 проценти на учинокот во однос на 2010 – 2020 година и дополнителни 14.000 работни места, нагласи Ковачевски.

Сопственикот на Кондево, Рафаеле Џанони искажа задоволство од посетата на премиерот и додаде дека тоа многу ќе значи за неговата семејна фирма.
-Моето семејство и ние како фирма веруваме во соработката. Одлучивме и веќе кажавме дека сакаме да ја дуплираме нашата инвестиција. Веруваме во луѓето од оваа земја и мислиме дека ова е точното место каде можеме да успееме во иднина, рече Џанони.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски истакна дека денеска беше означен почетокот на градежните работи на новата капитална инвестиција што се реализира во ТИРЗ во Штип.
-Станува збор за најголемата капитална инвестиција воопшто во историјата на зоните која што тежи некаде околу седум милиони евра. Очекуваме во брзо време, во текот на годината овој организиран простор да биде дополнително оспособен за да може да прими нови инвеститори. Веќе сме во фаза на разговори, односно многу брзо ќе ја објавиме новата инвестиција што ќе дојде во ТИРЗ во Штип во делот на фармацијата, а разговараме и со една голема странска компанија која наскоро исто така треба да донесе одлука да вложи тука, рече Деспотовски.
Дел од нашиот нов концепт на работење, нагласи, е придобивките од странските инвестиции да ги доближиме до сите наши сограѓани, вклучително и сограѓаните коишто не живеат во главниот град.
-Нашата посветеност е да вложуваме во зоните коишто се наоѓаат надвор од главниот град. Во изминатите 10 години вкупно во инфраструктура во зоните е вложено 50 милиони евра, а само капиталните инвестиции коишто ги започнавме во 2021 година тежат 10 милиони евра. Овој инвестициски циклус во зоните надвор од главниот град ќе продолжи, потенцира Деспотовски.