„Комунална хигиена“ ќе добие 540 контејнери од Градот, а Струмица „пајак“ возило

300

Град Скопје на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе му го пренесе правото на трајно користење на 540 статични контејнери за одлагање на комунален отпад со капацитет од 3.200 литри кои ги набави. Одлуката за пренесување на правото на трајно користење на статични контејнери за одлагање нас комунален отпад беше на дневен ред на вчерашната седница на Советот на Град Скопје.

Како што е наведено во образложението, контејнерите се набавени во функција на одржување на поголем степен на хигиената во Градот.

– Со набавените контејнери во голема мерка ќе се заменат постојните од 1,1 кубни метри и со тоа освен поголем степен на хигиената ќе се обезбеди и естетска компонента – пишува во образложението на одлуката.

Паралелно со реализација на јавната набавка на овој вид на контејнери се одвиваше и јавната набавка на специјални комунални возила кои ќе вршат празнење на истите. По реализација на тендерот се наметнува потреба за ниво преотстапување на ова јавното претпријатие.

„Комунална хигиена“ исто така, постави и садови за селекција на отпад во кањонот „Матка“, што е дел од големата акција на 4 Селект – „Чиста Матка-спасете ја Матка“ (clean Matka-save Matka).

Јавното претпријатие  „Комунална хигиена“ во повеќе наврати го посочуваше проблемот со оштетување на контејнерите од страна на несовесни граѓани. Од таму реагираа дека наместо комунален смет, во нив се фрла градежен шут, од што се оштетуваат, а други, пак, се палат и на тој начин не можат повеќе да се користат. На тој начин претпријатието претрпува големи штети и мора да ги поправа оние што може да се поправата или да купува нови.

Со цел да се спречи оваа појава од „Комунална хигиена“ вчера разговараа со стотина граѓани од општина Центар и им укажаа дека несовесното одлагање на комуналниот, кабастиот и градежниот отпад доведува до создавање диви депонии и загадување на животната средина.

– Со граѓаните од оваа скопска општина беше разговарано и за актуелните проблеми со коишто се соочуваат екипите на претпријатието, како што е паркирањето на приватните автомобили во непосредна близина на контејнерите, со што се блокира пристапот на специјалните комунални возила и се оневозможува собирањето и транспортот на комуналниот отпад, како и одлагањето на отпадот на платформите на подземните контејнери-велат од претпријатие.

Од таму очекуваат едукативно-информативните активности да резултираат со намалено прекршување на Законот за јавна чистота и воедно поздрава и почиста животна околина.

Освен тоа, советниците на Град Скопје одобрија јавното претпријатие „Градски паркинг“ да донира специјално возило „пајак“ на Општина Струмица. Барањето за добивање на донацијата Општина Струмица до „Градски паркинг“ ја доставила 10 минатиот месец, а Управниот одбор на „Градски паркинг“ на втори овој месец ја одобрил донацијата.   

(А.П.)