Компании од Централна Европа бараат локации, потпишуваат договори и започнуваат проекти во Украина разурната од војна, барајќи основа за идните реконструктивни работи што би можеле да ја чинат земјата милијарди долари.

Иако повеќето актуелни проекти се фокусирани на клучната инфраструктура оштетена или уништена од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, директорите на компанијата и владините претставници предвидуваат бран инвестиции откако ќе заврши војната, јавува Ројтерс.

„Токму оние земји кои сега не се плашат да одат во Украина, ќе тргнат од првите позиции“ кога ќе почне реконструкцијата, изјави за британската агенција Томаш Копечни, претставник на чешката влада за обнова на Украина.

Чешката влада вети дека ќе потроши околу 23,5 милиони долари секоја година до 2025 година за да ги поддржи земјите кои сакаат да работат во Украина и да им помогне на компаниите да потпишуваат договори со украинските официјални претставници преку регионалните трговски мисии.

„Компаниите и владите разбираат дека украинскиот пазар ќе биде одлична можност за иднината“, рече Копечни, кој очекува приходот на чешките компании во Украина да се зголеми многукратно во текот на следните години.

„Реконструкцијата на Украина, барем во почетната фаза е веќе во тек“.

Неколку директори на компании и владини претставнициво разговор за Ројтерс, наведоа детали за операциите и плановите за Украина, дури и кога таму беснее војна, во која загинаа десетици илјади луѓе, милиони ја напуштија земјата и голем број градови се срамнети со земја.

Влогот е голем. Трошоците за закрепнување веројатно ќе бидат 411 милијарди долари, или 2,6 пати повеќе од проценетиот БДП на Украина во 2022 година, според заедничката проценка на Светската банка и Украина.

Полската банка Pekao SA проценува дека реконструкцијата може да ја поттикне економијата на соседна Полска за околу 45,6 милијарди, или околу 3,8 отсто од БДП.

„Кога војната ќе заврши, парите ќе пристигнат во Украина и тоа ќе биде еден голем градежен пазар, можеби еден од најголемите во Европа“, рече Лезек Голабиецки, заменик извршен директор на полската градежна компанија Унибеп.

Корупцијата е главниот проблем

Додека многу централноевропски фирми гледаат можност што се појавува еднаш во генерација, напредокот ќе зависи од способноста на украинските власти да покажат транспарентност, рече Вијеслав Новак, извршен директор на полската градежна компанија ZUE.

Според Индексот на корупција на Транспаренси Интернешнл, Украина е на 116-то место, далеку под соседите во Европската унија. Украина им даде приоритет на напорите за справување со корупцијата додека се обидува да пристапи во Европската унија.

„Ако нема транспарентност на економскиот процес, фер тендери, транспарентно трошење и распределба на средствата, никој нема да инвестира во Украина“, изјави Новак за Ројтерс. „Тоа е главниот предизвик за Украина“.