Компаниите да ги вратат субвенциите за струја, парите Владата да ги даде на граѓаните

Владата да им ги земе субвенциите за електрична енергија на компаниите од прехранбената индустрија и тие средства да им ги врати на граѓаните преку разни мерки. Од Организација на потрошувачи на Македонија сметаат дека треба да се прекине субвенционирањето и да се плафонираат цените, бидејќи со замрзнување на маржите не успеавме да видиме никакво намалување на производите

63

Владата треба да побара компаниите да ги вратат парите кој ги добија за субвенционирана струја, бидејќи цените на храната не се намалија, сметаат од Организација на потрошувачи на Македонија. Овие пари треба да се вратат во Буџетот на државата и преку различни мерки да им се вратат на граѓаните, бидејќи тие се собрани од ДДВ и од други давачки кои тие ги плаќаат.

-Парите треба да се вратат во Буџетот од каде што се земени и тие средства на друг начин да им се вратат на граѓаните зашто од наши пари преку ДДВ ние ги финансираме сите активности. Производите постојано наоѓаат причини поради кој неможат да ги намалат цените на производите и не сакаат да се лишат од дел од профитот кој го остваруваат со продажбата на тие производи, вели Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Според неа, треба да се прекине субвенционирањето и да се плафонираат цените, бидејќи со замрзнување на маржите не успеавме да видиме никакво намалување на цените на производите.

– Ние, како потрошувачи, мора да се бориме и повторно да бараме замрзнување на цените, на што коморите веднша ќе „рипнат“ зашто со маржите не успеавме да видовме ништо. Сепак, мерките ние не ги носиме, немаме таква моќ, но можеме да влијаеме. Колку што го слушмнав министерот за економија, рече дека не само што ќе ги прекине субвенциите, туку и ќе ги ограничи, замрзне цените. Но, тоа не е популарна мерка зашто компаниите ќе почнат да ги симнуваат производите од рафтови, да ги кријат, па ќе излезе дека нам ни е целта да ги казнуваат, а не ни е тоа целта. Сакаме добра соработка со фирмите и секогаш апелираме да бидат внимателни со цените., вели Лончар Велкова.

Таа смета дека Владата треба да размисли за да се заштитат граѓаните, треба да направи нешто посериозно. Со тие средства може да субвенционираат да имаме „зелена енергија“, нека субвенционираат за луѓето да имаат помали сметки за струја. Земјите кои сакаат да бидат членки на ЕУ треба да докажат дека се борат за „зелената енергија“, за помалку јаглерод диоксид и пониски емисии на гасови.

-Еден од начините за зголемување на цената е она што се случува со грамажата. Индиректно, и тоа исто така ја зголемува цената, а никој не го гледа. Оосбено се карактеристични во овој сегмент пакуваните производи, рече Лончар.

Таа ја оцени како не баш популарна кампањата што ја презема грчката Организација на потрошувачи која една недела ги организираше граѓаните да не купуваат млеко.

-Тоа е практично бојкот од страна на потрошувачите. Но, што ќе се направи со тоа? Да покажеме колкав ни е револтот? Сепак, треба да се земе предвид дека има деца, повозрасни, лица врзани за тој производ како еден од основните прехранбени. Подобро да се лимитира цената ако оди нагоре, подвлече Лончар и посочи дека особено се зголемени цените на средствата за хигиена, на детската храна, пелените, млеката забебиња, а потрошувачите се наоѓаат во многу тешка, речиси безизлезна ситуација, дополнително оптоварена со неизвесност.

Лончар не очекува натамошно енормно зголемување на цените на прехранбените производи, но, како што рече, и евентуално мало покачување ќе значи „енормно“.

(А.С.)