Колумна, Сузана Турунџиева: Црна овца

Тие не се вклопуваат во стандардите или традицијата на семејниот систем, најчесто од многу млади креваат „револуции“ каде и да се движат, што и да работат и поради тоа многу често се критикувани, неприфатени, осудувани или отфрлани од средината. Сфаќањето дека црната овца не е „дефект“  во семејството туку огромна шанса за надминување на стереотипите за луѓето кои ја следат толпата,  им  доаѓа како утеха на оние луѓе кои до сега се чувствувале како да  „не се со сите“, односно дека нешто со нив не е во ред. Тоа на многумина им овозможило да ги остварат своите вистински улоги во семејството и да ја прифатат својата различност

436

Сигурно многу пати досега сте имале прилика да запознаете некоја „црна овца“, каква што веројатно има во секое семејство. Не дека се овци, ниту пак се црни, едноставно отскокнуваат од останатите, и за нив најчесто се вели дека тие се однесуваат така како да не се од своето семејство туку случајно залутале таму. Тоа се оние членови во семејството кои први прават некои чекори за кои останатите немаат храброст.

На пр. први одлучуваат да се разведат, иако во нивното пошироко семејство нема ниту еден разведен, први се одлучуваат на некоја неконвенционална и несфатлива (за останатите) љубовна врска, први одлучуваат да заминат во странство иако овде имаат сè што им треба, први се спротивставуваат на системот или влегуваат во сукоб со законот, први имаат некакви искуства со пороци и други несекојдневни дејствија или, пак, први остваруваат некакви натпросечни успеси паради кои стануваат забележани и издвоени од толпата… Па и покажани со прст, бидејќи не секогаш средината може да ти го прости успехот! Во секој случај, не е секогаш пријатно и забавно да бидеш црна овца во една средина, па макар и да се работи за твоето матично семејство

Но, ако се земе предвид дека црните овци некогаш можат да бидат и те како успешни, уникатни и полезни за човештвото, тогаш не ни преостанува ништо друго освен да се сложиме со онаа позната мудрост дека само ретките, скапоцени птици летаат сами, додека сите други: ластовичките, чавките и врапчињата летаат во јато и не се двојат.

Арно ама, фокусот на вниманието денеска нам ни е на црната овца, која во најчест случај знае и свесна е дека е црна, ама ни под разно не ú паѓа на памет да се „обели“ и да биде иста или слична како другите. Тие не се вклопуваат во стандардите или традицијата на семејниот систем, најчесто од многу млади креваат „револуции“ каде и да се движат, што и да работат и поради тоа многу често се критикувани, неприфатени, осудувани или отфрлани од средината. Сфаќањето дека црната овца не е „дефект“  во семејството туку огромна шанса за надминување на стереотипите за луѓето кои ја следат толпата,  им  доаѓа како утеха на оние луѓе кои до сега се чувствувале како да  „не се со сите“, односно дека нешто со нив не е во ред. Тоа на многумина им овозможило да ги остварат своите вистински улоги во семејството и да ја прифатат својата различност.

Но, многумина не знаат дека црните овци се благослов за секое семејство. Зошто?

Е па замислете во едно семејство на математичари да се роди уметник. Тој по природата на својот карактер е  слободен, по малку мрзлив, нема некој сериозен однос кон времето, и не поднесува математики и правење на есап за сè и сешто. Е сега, можете да замислите колку многу таквата црна овца може да ги ужаснува и да ги живцира математичарите во тоа семејство, кај што буквално сè, секоја постапка, активност, план или инвестирање во нешто има точна и зацртана математичка прогресија, притоа не оставајќи простор за ризик, ниту пак одложувајќи нешто за утре.

Анализирајќи ја ситуацијата, навистина тешко може да се констатира кому му е потешко во приказната. Дали на уметникот со сите математичари пред и после него, или пак на математичарите со еднаков ноншалантен, понекогаш неодговорен и лабав тип, кој светот го гледа со многу поинакви очила од другите.

Но, добрата вест е тоа што во ваквите случаи црната овца внесува свежина и „кислород“ во токсичниот амбиент кој многу често се развивал во средината каде што со генерации имало една иста и слична матрица на живеење и делување. Црната овца му доаѓа како вакцина, односно противотров  на семејството, и нејзината улога е да ги излекува од монотонија и стагнација останатите членови. Бидејќи со помош на повторување на истите обрасци во едно семејство (кога сите се слични и ништо поинакво не им ја раздвижува усталената шема на живеење) може да дојде до блокирање на животната енергија, а со тоа и до блокирање на векот на семејното стебло кое го фатило „некроза“ и почнале да го „подјадуваат  штетници“, притоа да шири отров, страдање или болест кај членовите на тоа семејство.

Но, за да не дојде до сето тоа, заслужни се црните овци, кои речиси никогаш не се движат по однапред зацртани патеки. Нивниот живот личи на една непредвидлива импровизација, која за многумина има несфатлив ефект.

Црните овци имаат поинаков аршин на вреднување, имаат различни уверувања од останатите, и во споредба со останатите членови на семејството имаат поинакви политички, морални или етички ставови.

Тие речиси секогаш го доживуваат светот, како и смислата на животот многу поинаку, односно дијаметрално спротивно од останатите членови во семејството…  Црните овци прават чудни избори, носат несфатливи одлуки и во многу случаи ги газат маргините. Без исклучок, црните овци најмногу подлежат на критики, казни, опомени и неретко се маргинализирани или исклучени од некои членови од семејната средина. Тие имаат нагласена индивидуалност, но и покрај тоа што меѓу нив ќе препознаете големи генијалци, таквите средината не ги прифаќа, ниту го поздравува нивното постоење.

Иако членовите на поширокото семејство ја земаат предвид оваа различност како аномалија, како фабричка грешка, семејното стебло се обидува да создаде противотров за сериозната нерамнотежа која постои и и се заканува на црната овца да ја донесе до точката на бездната од каде што нема враќање: изумирање на семејството.

Црните овци, како некои кои не се вклопуваат никаде, креваат бунтови, прават конфликти и ред други контра дејствија од останатите, верувале или не  прават детоксификација и создаваат нова „цветна гранка“ во семејното стебло кое веќе подолг период стагнира или тивко умира… Благодарение на овие членови, кои ги нарековме „црни овци“ вашето стебло ги обновува своите корени. Резултатот од нивниот бунт е плодна земја, резултатот од нивното „лудило“ е водата со која се храни стеблото, а резултатот од нивната страст и темперамент е оган кој ги освежува срцата на предците.

„Нераскажаните, недоживеаните и нереализираните соништа на нашите предци,  нивните фрустрирани и потиснати таленти, се манифаестираат во бунтот на овие црни овци, трудејќи се конечно да бидат реализирани. Семејното стебло ќе има тенденција да го задржи кастрењето и токсичниот тек на неговиот „багаж“, кој, рака на срце, секогаш им го отежнува животот на „црните овци“. Бидејќи за дрвото да роди плод, стеблото мора да биде здраво. За жал, тоа многу ретко се случува. Блокадите, тајните, неврозите или несогласувањата во секое семејство го попречуваат нивниот природен процес на смена на генерации и токму затоа се јавува опасност од пренесување на нетолеранција и поттикнување на несреќи во тоа семејно стебло. Најлошото што може во таков случај да се направи е да се помириме со тоа, и да го окарактеризираме тоа семејство како последица на лоша карма, и да потпишеме „капитулација“, односно дека не можеме ништо да преземеме.

​Знаете кој е тука спасителот, суперменот и месијата? Црната овца!

Семејството кое има црна овца во своите редови, го има противотровот за сите несреќи и неволји кои можат да го „оболат“ и „нападнат“ нивното семејно стебло. Како?! Со нивните нови, поинакви, некогаш луди идеи, новите концепти на живеење и делување, со револуционерниот став за кој многумина немаат храброст ни на сон да го спроведат,  тие навистина внесуваат нова, свежа крв  во семејството, а со тоа и ги поттикнуваат сите останати да излезат од рамката на досадата, да не прифаќаат наметнати обрасци, да бидат креатори на својот живот и судбина, а не некој друг постојано да ги држи „на ланец“ и да им го „дозира“ животот. Затоа, доколку имате црна овца во семејството, поклонете и се и бидете среќни, наместо да ја отфрлувате и судите…

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…