КОЛУМНА, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Ми лежи на срце

1000

Од сите тежини кои чат пат знаат да ми стежнат на срце, па морам да ги мозгам и разрешувам, денеска ми текна дека една од темите кои често пати  ми го матат умот, дури и ме растажуваат е прашањето дали  сличностите (секогаш) се привлекуваат, или постојат и спротивности кои магично се привлекуваат, надополнуваат и синхронизираат. На пример еве денес ќе си дозволам (малку) да бидам малограѓанка и ќе прашам со јазикот на некои: Дали еден рурален тип од провинција и градска шмизла родена у центар на Скопје се привлекуваат и дали можат успешно „да мелат брашно“ или не?! Дали некое мачо типче кое пуши 2 кутии цигари на ден може да има розова или непредвидлива иднина со урбана „еко“ девојка која не поднесува цигари, ама „паѓа“ на мачо фраери? И дали на двајца слични, ќутливи и романтични дечко и девојка кои во се се сложуваат и секаде одат заедно (како сабота и недела) им е загарантирана  успешна и долговечна брачна приказна, или сето тоа еден убав сончев ден може да  исчезне како балон од сапуница?

Затоа денеска, ете така понеделнички, ми дојде да ве прашам: Дали во вашата врска (брак) повеќе доминираат сличностите, или пак сте одбрале да бидете привлечени од различностите на тој другиот?! Имате ли и вие понекогаш впечаток дека вашата врска или врската на вашите блиски наликува на борба и натпревар со тензичен, променлив  и непредвидлив тек? Дали во таа врска (или брак) отсуствува чувството на толеранција, препуштање, надополнување, почитување и вистинско споделување на автентични мигови, а за сметка на тоа пак доминира чувството на „барање влакно во јајцето“, ривалство, нетолеранција, докажување, ароганција и надмоќ? Имате ли вие понекогаш впечаток дека во некои бракови (врски) е поважно кој е во право, кој што донел, кој колку повеќе дал, вложил,  отколку како заеднички да се надминат некои неповолни ситуации, кризи и  недоразбирања кои неминовно надоаѓаат во секој брак, без оглед на неговиот стаж и времетраење? И не ви се причинило ли некогаш дека во некои бракови (врски) побројни се причините кои ги раздвојуваат, отколку нештата кои ги поврзуваат?! А?

Е па ако ова ви звучи познато, или ако не дај Боже поголемиот дел од горе споменатото е реалност во  вашата врска (или брак), тогаш големи се шансите да вашата врска или врската на некои ваши блиски пријатели е „жртва“ на привлекување на спротивности.

Сега сигурно си велите: А зошто жртва? Па затоа што ако некоја врска повеќе наликува на натпревар и борба, отколку на соработка и партнерство, ако вам или на вашиот партнер ви е поважно да бидете проклето во право, отколку да бидете во мир и љубов, ако наместо да се договарате, вие постојано приговарате и негодувате, ако не го добивате она што мислите дека го заслужувате, тогаш сериозно треба да се запрашате: А што барам јас во оваа врска, брак?!

 Од друга страна пак, во врските каде партнерите меѓусебно биле  привлечени од своите сличности, тогаш  постојат сериозни шанси да помеѓу нив се развие цврсто партнерство, длабоко и искрено почитување, разбирање и компромис, надополнување и соработка, како и присутна желба за што полесно и побезболно да се надминат  кризите, нејаснотиите и предизвиците во оние „бош денови“.Притоа морам да нагласам дека кога велам слични, не мислам на исти. Бидејќи да бидеш ист со некого, малку звучи здодевно, нели?  Но кога си сличен со некого, кога имаш слични интереси, размислувања, ставови и погледи на живот, тогаш и двајцата добивате многу повеќе шанси за заеднички да напредувате, да  споделувате безброј страсти кон заеднички активности, заеднички пријатели и соработници, заеднички патувања и лудости, , како и можноста заеднички духовно и интелектуално да „растете“ и да се поддржувате. Со сличен партнер можеш совршено да уживаш и да се разбираш и во заедничкото молчење.

Овие партнери, привлечени од своите сличности, добиваат ексклузивна можност и привилегија секојдневно да си се восхитуваат едни на други. Постојано и непрестано. Тие умеат да уживаат во заедничкото утринско кафе (дури и кога  е без локум и шеќер), уживаат во сосема обични нешта како што се заеднички  прошетки по брегот на некоја осамена неатрактивна плажа, дури успеваат и на глас да се смеат и тогаш кога  знаат дека на нивната сметка одамна немало никаков прилив на средства. Тие, не ги премеруваат силите и не си ги вадат очите „за добро утро“… Ниту си ги пакуваат куферите при  првата кавга…Луѓето кои се привлечени од своите сличности имаат многу поголеми шанси да преживеат „клиничка смрт“ која вообичаено ни се случува кога се обидуваме да ја премостиме бездната помеѓу заљубеноста и љубовта. Затоа тие во најголемиот број случаеви успеваат преку џиновската бездна да соѕидаат мост од почит, љубов, компромис, разбирање, искреност, обожување и благодарност. И тој мост, верувајте ми е толку цврст и стабилен, што не може да го сруши и раздрма ни земјотрес од 6 степени по Рихтер.

Партнерите кои се привлечени од своите сличности имаат и ист „аршин“ кон своите деца. Дури и кога тие не се нивни биолошки (деца). Поточно тогаш, кога партнерите одлучуваат да влезат во втор брак и да основаат “secondhand” бракови, одн. кога и двајцата по вторпат си ја пробуваат среќата и го молат Бога да нивното дете од првиот брак не биде истрауматизирано, одн. Да биде прифатено и да  не се чувствува како „деветто прасе“ во новосоздаденото семејство.

Нивните слични погледи на живот во ваквите моменти се од клучно значење, особено ако и двајцата партнери имаат деца од претходните бракови. И благодарение на таа нивна предност, децата (кои по воља и избор на родителите влегуваат во една непозната вештачка заедница) имаат можност да што помалку трауматично се адаптираат на промените, на новиот член во семејството и на сите непознаници кои ги носи новата средина. Сличностите (секогаш) ќе им бидат главен сојузник и медијатор на ваквите партнери. Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…