КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Шарени лаги

265

Најмногу ми е жал за шарените. Со презервативи почнаа, без презервативи ги онадија. Сега кога ги гледаат јасно контурите на целиов проект, кога пред очи она “нема правда, нема мир“ им стана “неправда, но ќе си молчите“, она “че си лежите“ стана “че си лежите во хотели“, дали за миг не им доаѓа да скокнат, да шарнат, да свирнат, да кампуваат, да варат кафе на среде улица, да ја срушат оградата пред Влада. Долго не труеја со фалбите дека срушиле “режим“. Се смеевме, бидејќи рушење на режим не бива со боенки и гласна музика. Груевски ќе беше единствениот “диктатор“ на светот кој паднал од власт од гласна музика и од неколку канти боја. Сите знаевме дека рушењето дојде од надвор и дека договорот беше направен во Пржино. Наседнаа како дете на лижавче. Тука не мислам на оние “шарени“ кои удобно седнаа да слугуваат на новиот режим, туку на наивните кои со маичките на Чарлиевите ангели шетаа (убаво беше и времето за прошетки), некои само за да бидат видени. Со велосипеди, со кучиња, со мачиња. Епа видени сте и забележани како најголеми лузери.

Прво, од денешна перспектива гледам, дека тоа и не било баш режим. Само мека диктатура . Да беше вистински режим како овој сега, немаше да се башкарите двајца без троица со месеци пред Влада, со кафињата на плинско и да блокирате сообраќај на две ленти. Ќе ве маваа со шок бомби, ќе ви пуштаа солзавец и ќе ви забрануваа уредно пријавени протести. Ќе ви беа паркирани полициски возила пред куќите (како пред некои наши) и дење и ноќе. Пред очи ви го пуштија вашиот архи непријател Грујо, деновиве сите апаши се пуштени дома. Ката објасни дека како фамилијарни луѓе, немало да избегаат. Небаре Грујо со две деца беше самец. И ова ќе го голтнете? Наздравје.

Дали вие шарени, не се сеќавате на клучната реченица на “елоквентната“ Ката, која на собраниска комисија, уште на почетокот, не снаоѓајќи се со шест суфлери зад неа, во налет на говорништво во очи ни “плесна“, цитирам: “Не ви се плашам, зад мене стои Никола Груевски“. Дали не се сеќавате дека јас од истата таа говорница ви порачав вам, после оваа изјава, да си ги фрлите маичките со трите примадони, бидејќи примадоните се консензуален проект и никакво независно обвинителство. Ама беше ин да се фалат, да им се покрива плиткоста и незнаењето со “најубаво им стои црвен кармин“. За волја на вистината некои од вас и ги вработија во СЈО, да бидат колеги со внуците (тоа не е непотизам, и тоа го голтнавте) и комшиите на истата таа Ката. Сега, дали ви е јасно зошто женичките започнаа со смешните обвиненија за (никогаш неудрени) шамари и набавка на службен Мерцедес (без прибавување на лична корист, која деновиве режимов плус ја исклучи од казнивост), а не да речеме со сериозни предмети за земени провизии (ако имаа такви во ракав, бидејќи после оваа фарса во ништо не верувам)? Одговорот е: тоа беше визата за добивање на азил. Секоја земја веднаш ќе препознае политички монтиран процес и прогон, посебно на пратеник кој за дело од две години не оди во затвор. Просто е, ама не смее да се има перде пред очи и безгранична љубов кон власта, наместо кон правната држава и правдата. Она што вие го извојувавте е промена на Кривичниот законик за (селективно) помилување на криминалци, селективна и неуставна амнестија која им се даде на уценетите пратеници, се “боревте“ за Мериот, за “фамилијарни“ луѓе на чии разговори онаниравте. Друг го сруши режимот, ама вие дадовте поддршка на овој сега, чиј дострел нема крај. За да го снема Македонецот од картата на народи, не постои цена (или омраза) која не може да ја платат. Се разбира на наша сметка. Ако во државата Македонија се вградија Гоце, Мисирков, Даме, Апостолски, Конески, во темелот на Северна (во најава) се вградени криминалци и највисока корупција. Да, тоа беше вашата борба и ќе ве паметиме долго.

Дали не сте свесни (тука мислам на сите граѓани) дека сме сведоци на најголемата, грандиозна корупција на правосудството и на сите системи воопшто? Не е корупција само земање мито и местење на тендери. Корупција е злоупотреба на сите институции за свои цели, злоупотреба на (уценето) мнозинство во Парламентот, прекројување на закони за поединци, селективна амнестија, корупција се партиските вработувања, корупција е кога немаш кому да се обратиш ако немаш партиска врска. И ова ретко кој го разбира. Така ги научија партииве на власт од чија милост зависи секое вработување, секое напредување, секоја банка во џебот, секој атом воздух од кој се труеме. Затоа, сосема погрешно, во анкетите луѓето го насочуваат прстот кон “корумпирани“ еснафи како: судии, професори, доктори…Нема корумпирани еснафи. Има корумпирана власт која ги присвојува сите институции. Власт која на едните ќе им прости, другите (по правило невини) ќе ги казни. Поединци ниту можат да направат систем, ниту да го срушат. Се руши само власт, која е трула до коска.

Читам некои млако критички написи од целосно режимски колумнисти (а како и може во вистински режим?), дека иако е се отидено во Хондурас, целта НАТО и ЕУ (последнава ни порача да не ги вознемируваме најмалку една декада), ги оправдувала донекаде средствата. Хаааа…Која бре цел може да оправда укинување на еден народ, кој веќе сега служи за потсмев и грабеж од сите комшии? И впрочем, која ви е целта? Белки ништо не може да биде цел, самата за себе. Дали е тоа правна држава? Зошто не ја направите, туку ја срушивте до темел? Побогат живот? Зошто се краде душмански, зошто имаме креатури од советници, зошто се зголемува администрацијата, зошто се уништуваат малите фирми, зошто…наместо серозно да се создадат услови за добар живот, сега и веднаш? Ви треба камшикар? Еве јас се нафаќам на таква улога, без око да ми трепне. Не, вашата цел е само една. Да останете на власт по секоја цена и да купувате торби со виски пред Нова Година (ова го видов лично пред некој ден во малата продавница кај мене, кога шеф на една позната и гласна “невладина“ организација блиска до власта, се товареше со торби виски и вино, токму кога влегоа во процедура измените на Кривичниот законик). Поминете во кафулињата во Дебар Маало и видете ги секој ден вселени од “началството“ и од некои невладини, како лумпуваат во работно време и им свират џез (се разбира ништо под тоа) на уво. И добро е што е во работно време. Замислете овие корумпирани, неспособни ликови уште и да почнат да работат на турбо.

Вашата цел е таа. А другите, обичните, имаат ли тие право на своја цел? Да, како во една куса приказна на Кафка. Патникот му наредил на слугата да му го оседла коњот. Слугата го прашал: “Господине, ја знаете ли целта на Вашето патување?“. Патникот одговорил: “Се разбира дека ја знам: што подалеку од овде. Само така ќе стигнам до целта“. Ете тоа е целта на една војска од млади луѓе ( и не толку млади) на кои им ја убивте и последната надеж за правда, за држава, за кариера, за нормален живот без политика.

Среќна Нова 1949!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)