КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА:  Трик прашања

650

Голема група на клонови или поточно луѓе задоени на иста партиска града, цело време повторуваат иста мантра: сите што не биле за ЕУ, ќе ја врателе земјава назад за најмалку 25 години. На нивен товар ќе паднело сè што клоновиве или кловновиве го прават веќе 30 години. Многу итро и шегобијно.  А тие напротив, со нивните џипови, скутери, квадрицикли и по некоја јахта, ќе не однеселе веднаш за исто толку години напред. Толку напред, што другите долги години ќе ни гледаат во тилот и нема да можат да не стигнат. Таму каде не чекаат еден куп пари, структурни фондови за проневерување и конвенции за кршење. Ќе не одведат и до Венецијанската комисија чии заклучоци со голем мерак ги игнорираат. Ако треба и ќе не телепортираат набрзина онаму каде што не сакаат ниту да чујат за нас. Откако ни го удрија стапот, морковите стануваат сè помали и посмешни. Како последниот со Законот за ЈО, кој ќе ни бил дополнително гориво во рампата за лансирање. А колку такви имаше досега, бројот не им се знае. Како вештерката со седумте замки зад седумте рида. Само многу повеќе.

Во меѓувреме додека чекаме телепортација, истите тие слаткоречиви кариеристи, си свиваат гнезда по институциите кои ѝ припаѓаат на власта, по факултетите кои се сопственост на власта, по болниците кои се во посед на власта, по претпријатијата кои ги владее партијата, по сите ќошиња каде што удобно се живее. Директоруваат, градат дивоградби кои никој не смее да ги допре, увезуваат отпад од европската мафија, не плаќаат даноци, рекетираат „бизнисмени“ кои самите ги направиле такви на сметка на народните пари. Со години си создаваат алиби за неработење, оправдување за искривениот систем на правда, легитимитет на партиското дивеење, на најголемата корупција како во некои африкански земји.

Но, еден убав ден, само со еден ДАТУМ ќе не огреело сонцето на слободата кое, ако е барем малку фер, треба најпрво нив да ги спржи. Како сардини на сонце. Бидејќи цели децении од корен ја разорувале и присвојувале државата која им припаѓа на сите. И според нивното упорно замајување, сме немале други опции, освен ним да им веруваме по којзнае кој пат. Ним, кои продадоа се за бадијала. Но, мора да им се признае дека се најдобри чекачи на светот кои играат на картата дека народот по кој знае кој пат ќе повторува. Им треба нација на повторувачи.

Но во насловот на колумната, а врзано со сè погоре, најавив дека кло(в)новите се научија да поставуваат трик прашања. Секогаш истите прашања. Веќе не можеш да се појавиш на дебата без соговорникот да ви фрли трик прашање: “Дали сте за ЕУ (НАТО е веќе тука, сакале или не)?“ . И силно додава: „Веднаш да им кажете на гласачите дали сте или не, да си знаат со кого си имаат работа“. Демек ја разоткрива мојата „назадност“, „ретроградност“, „кусогледост“, за разлика од неговите јасни визии за иднината. Во моментот кога ми го поставува ова папагалски научено прашање, веднаш си го замислувам шегобиецот со ставена шака на челото, загледан  некаде во светлата иднина. Ме прашува токму мене која сум работела во Европа, мојата мајка исто така, мене која имам изработено еден куп европски научни  проекти каде јас сум им била шеф на европските научници, а не обратно. Него пак, евентуално го прошетале на државна сметка да ја види Ајфеловата кула. Импресиониран од неверојатната глетка, не ни помислува дека неговите „јасни визии“ се претворија во прав и пепел и дека прашањето му е строго реторичко. Мојот конечен одговор е: „Јас сум за Македонија, без вас“. Македонија со европски вредности, но суверена и напредна. Македонија партнер, а не марионета. Јас никогаш не очекувам спас од никого, бидејќи никој и нема интерес да не спасува од нас самите. Мораме самите да ги санираме темелите на раздробенава градба и да почнеме да градиме на здрави темели. Шаката долу и да се фатат кој за чекан, кој за копач, кој за пенкало, кој за лопата. Впрочем сите ние, кој за што учел и работел.

Второто трик прашање кое редовно ми се поставува е: „Е како вие сега како мала партија мислите да се пробиете, што нудите?“. Акцентот се разбира е на „МАЛА“ и се разбира дека прашањето се поставува со благ потсмев. Ова го разбирам наполно. Мали човечиња сонуваат големи соништа, односно големи партии да му бидат заштита. Се разбира заштита од истите тие партии, кои работат во манирот на обични мафијаши и „заштитуваат“ цели маала. Подобро да си го плаќаш цехот, одошто да ти изгори дуќанот. А државата? Па таа веќе ја продадоа со поддршка на кло(в)новите.  Битно е самиот да преживее уште некој ден, ако неговите на чудесен начин му го намалат загадувањето.  Го разбирам и говорот на телото, односно подискривената уста кога го прашува ова „клучно“ прашање на кое се очекува да почнам да пелтечам. Бидејќи тој е под заштита на “големите“. Денес едни, утре други до конечната пропаст. Најлесна мета (или само така си мислат) им се партии кои не зеле ниту банка од буџетот, не наместиле ниту еден тендер, не вработиле ниту еден роднина. Е таквите им се саде ќеф да ги исмеваат.  Мојот конечен одговор е: „Сè што вие можеби и сте го помислиле, но ниту во лудило не можете да го направите“. На пример, ние ќе создадеме само рамка за извлекување од сенка на најспособните луѓе во општеството, без разлика дали се или не во било која партија, стручно да ги водат системите. Ете точно оваа европска вредност и норма, е невозможна мисија за нашите „европејци“. Нивните балкански и племенски обичаи, се храната за нивен опстанок.

Трето трик прашање кое речиси и не е прашање, туку удар во плексус, е: “Вие Грчева бевте нели пратеник од СДСм и како тоа не го вративте мандатот, па според тоа мора да сте ВМРО“. Еве да го затворам и мистериозниот случај на “непослушната“ пратеничка. Најголемата тајна се крие во тоа што, тоа ми го овозможува Уставот на Република Македонија по кој сум избрана за народен пратеник, а со послушност сум завршила на 18 години. Од тогаш наваму, употребувам сиви ќелии во мозокот, кои му овозможија на овој народ да чуе и нешто умно и оригинално од собраниската говорница. На пример да открие десетици криминогени закони, да чуе дека има и такви кои не сакаат да ја гласаат Катица бидејќи нешто мора и да се антиципира пред да биде доцна. А ако сакав да бидам ВМРО, сега ќе ме гледаа како пратеник. Ако пак останев во СДСм, ќе бев министер. Просто е. Наместо сето тоа одбрав да бидам своја, со големи маки да создадам партија и сите заедно да ја градиме на темелите на знаењето, работата, идеите и чесноста. Да се чудите, ама има и такви. Реализирани во својот професионален и приватен живот, на кои им е многу и она кое чесно си го заработиле. Токму тие “мали“ партии, без пари, имаат најдобра понуда. Понуда која едноставно не можат да ја пласираат големите кои ја приграбија за себе целата држава, кои ја ограбија, кои го продадоа името и идентитетот на Македонецот, кои за цели 30 години не држат на работ на сиромаштијата, кои ни ги избркаа младите надвор. Со таквото нивно досие, секој е подобар и понадежен, а не пак партија како Глас за Македонија со висок интелектуален потенцијал, и која е можеби единствената која останува цврсто на своите почетни принципи. Тврдам дека овој политички систем кој не дотера до дното, мора да падне ако сакаме да одиме напред. Државата, само ако оздрави од внатре, само ако се постави како нормална, може да добие партнерство со силните држави. Се дотогаш, нивните трик прашања за мене се ирационални и веќе крајно депласирани.

 (авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)