КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Слики од распадот

821

Заедно со јунаците од нашата химна, ги снема и Македонците кои се борат за “своите правдини“. А дали навистина се борат?

За ваквиот настап, ја нападнаа Тамара, небаре таа навистина направила ненамерна “грешка“ или импровизирала џем сешн кај Школка во Градскиот парк. Не, таа настапувала на официјален прием во странска амбасада, пред целата странска и наша “елита“: амбасадори, власт, опозиција, блиски до амбасадата невладини, луѓе од јавниот живот.  За таа публика и на барање на истата таа публика, таа неофицијално им ја претставила новата химна, во перформанс кој ми наликува на Мерилин Монро кога на Кенеди му ја пееше  “Happy birthday Mr. President” . Не се сомневам дека гласовно била и подобра од Мерлинка, но се сомневам дека и доликува да пее за гордост (“proud“, песната со која го освои та дури 8-то “победничко“ место на панаѓурот наречен Евровизија). Замислете што ли ќе отпееше да освоеше на пример второ место на панаѓурот?! Колку ли таканаречени “инфлуенсери“ ќе скокнеа да ја бранат?

Во случајов Тамара не е воопшто важна. Таа е само пренесувачот на пораката. Но, како е можно ниту еден од присутните, јунак Македонец, да не се побуни и да не го сврти грбот на овој намерно пуштен пробен балон кој е вовед во менување на нашата химна?! Ист таков пробен балон, како што беше несреќната измислица “Република Илинденска Македонија“ за веднаш потоа да дојдеме до сосема новата и веќе однапред испланирана реалност. Некои, задолжени за забава на граѓанската маса со специјални потреби, химната ни ја споредија со шкрипење на неподмачкана врата. За волја на вистината, не ја компонирал Прокофјев како руската, ама каква е, таква е, наша е и убава е.  Да не зборувам дека за овој престап, по Законот за употреба на државни симболи, прекршочно треба да одговара и изведувачот, како и организаторот на настанот.  Но, тоа во некоја средена држава, а не во оваа каде имаме уценето – амнестирано Собрание и декоративна судска власт. Конечно точно овој закон, не се употребува во еден дел од  државата и тоа одамна. Ако воопшто можеме да наречеме држава една неорганизирана структура, каде имаме само премиер-министер со дружината, има втор премиер со својата дружина и опозиција која се облекува во фармерки. И хронично, многу голем криминал “во високите ешалони на власта“.

Настапот со променетата химна се случува  “сосема случајно“ во сред разговорите или поточно уцените од соседна Бугарија, каде на нашата комисија и е јасно кажано дека мораме да се откажеме од Гоце и сите војводи, ако сакаме ЕУ по стотти пат да го одложи датумот за преговори, а преговорите, како ни оди работата, ќе траат најверојатно до крајот на веков. Сега навистина верувам дека е точен податокот кој излезе деновиве, дека просечната интелигенција на народов е 82. Тоа не става во категоријата на медиокритети. Да трчаш и да гласаш на референдум за Европска божем Македонија  (во која командант Вентили ти е заменик премиер), да не знаеш да прочиташ анти цивилизациски, Орвеловски договори (за последново, олеснителна околност им е што не читале кога требало), да не си способен да направиш проста анализа за тоа дека како народ немаш повеќе право на само идентификација, IQ то мора да ти е околу 50. Ете тие, токму тие, го спуштаат просекот на нацијата. За жал, повеќето ни се во политиката.

На толку понижувања, на толку манипулации, на толку крадење, народов си молчи. Молчи, дел пакува куфери, но голем дел врие…

Од  Баку стигна среќна вест: UNESCO ни го продолжил рокот за да го средиме за само 200 дена хаосот со дивоградбите во Охрид. Не се свесни дека целата држава ни ја направија дивоградба? Уште пак веста ни ја соопштува еден бивши градоначалник, кој додека началникуваше по Боемската улица во Дебар Маало, се уби од фалење дека ќе ја урне прочуената тераса на Белата палата, ама не успеа ниту тоа да го направи. И на волшебен начин ги помина урбанистичките планови за Водно, кое кај и да е, ќе им падне на главата на Скопјани. Е сега ќе рушеле стотици дивоградби. Се што е багер во државава, ќе оди во Охрид. Никој не ги есапи за сериозно. Да беше така, на џамијата немаше деновиве да и ставаат џамови.

Наместо да паѓаат дивоградбите, изгледа попрво има опасност да ни паѓаат авионите. Да се нема минимум одговорност кон животот на луѓето, во ерата на “дојде живот за сите“. Значи да резимирам: дивоградби нема да паѓаат (ретко, ретко, на некој неопасен чичко), авионите можеби ќе паѓаат, Рашковски не даваат да падне.

Излегува на површина и еден, на повеќето нам познат скандал, со рекетот со кој се занимава една телевизија, милениче или дури и рожба на власта. Се споменуваат разни ликови со лажни имиња: Коки, Мики, Шљоки, Кики, Лики…Се прашувам зошто на овие рекетари порано не им се даде име и тоа во Јавното Обвинителство? Кој им ги дава материјалите за уцени? Дали некој со трошка ум, поучен од минатото, поучен и од скорешните “пресуди“ и повеќе опрости, мисли дека навистина ќе има некаква си судска разврска оваа афера? Нема да ја има, се разбира. Тоа што некого деградирале во некоја си партија, не ме интересира воопшто. Само истрага, пресуда, казна и вратени пари. И оставки заедно со кривична одговорност, на оние кои им дале пас да изигруваат државни рекетари.

Се разбира дека во меѓувреме се случија и секојдневно никнуваат и други мега скандали. Никој не може повеќе да навакса, да ги следи, да бара правда. Не е можно, бидејќи нивната функција е да се одвлече вниманието од неколку клучни работи.

Прво, до системот е, а не до луѓето. Затоа, политичкиот систем мора да падне. Реков, реформа е извулгаризиран збор и е мал зафат за сите дефекти во државата.

Второ, да се одвлече вниманието од огромната корупција и неодговорност. Овие изблици во вид на Микиња, Кокиња, се само врвот на сантата мраз под површината. Големите кражби водат кон една иста темна соба со три врати. Погодувате кои се натписите на вратите веќе неколку децении.

Трето, да не се сетиме дека државата и посебно Македонците, се редефинираат на дневна основа. А ниту еден станар на темната соба, не само што нема намера да ги заштити, туку активно ги разградува. Зошто? За точка два. За огромни пари кои веќе сега се делат и за пари кои очекуваат во иднина да ги грабнат. Просто е!

Но, има и кој истражува и документира. Нека не спијат мирно. Ова, еден убав ден, од нивен блажен сон, ќе се претвори во нивна ноќна мора. За се има и допрва ќе има докази. Пука филмот. Врие!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)