КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Силата кај народот

419

Крајно време е за “Power to the people”, или “Силата кај народот“, како што пееше Џон Ленон и пишуваше Џејмс Браун.  Денес оваа фраза се употребува во разни контексти, но пред сè во политички. Во Јужна Африка, се употребува варијација на истата тема и гласи: “Амандла Авету“ што би значела: “Силата е наша“. Кога еден говорник држи говор, истиот го завршува со: “Амандла“, а масата народ одговара со зборот: “Авету“. Да, тоа е навистина важно кога е работата дојдена веќе до коска. Кога народот за ништо не е прашан, а и кога е, всушност е дрско изигран. Како на последниот референдум.

Во сиве овие децении наназад, барем толку искусивме дека нашиов народ стана обичен статист на квазидемократската политичка сцена. Имајќи претставничка демократија, од него се очекува само да излезе повремено на избори, најчесто да му ја фалсификуваат и волјата изразена на истите тие избори, многумина и да не добијат свој претставник поради заробениот или украдениот плурален простор каде до века треба да царуваат само две опции. Поточно две банди кои се одржуваат според законите кои самите ги скроиле за себе, а всушност со гола сила. По изборите, власта ја добива едната опција, воопшто неважно која бидејќи политиките остануваат помалку или повеќе исти, и почнува да владее целосно едноумие придружено со пљачка на народните пари. Ова стана посилно од Њутновите закони. Отстапки нема. Закономерно ни се случува едноумие, чисто силување на народната волја и кражба. Неколку стотини “среќници“ се вдомуваат по јавните институции и министерствата и почнуваат оргија врз недолжниот, невработениот и масовно понижен народ.

Деновиве, итајќи кон ЕУ и молејќи се на Господа да се добие ДАТУМ (кој нема да значи ама баш ништо освен уште уцени), постигнавме рекорд во индексот на корупција. Македонија е меѓу најкорумпираните земји во светот. Факт од кој нема бегање. Факт од кој треба секој да си го стави прстот на челото и да се замисли за својата одговорност во целава оваа несреќа која трае веќе предолго. Бидејќи самите ја репродуцираме. Чудовиштето го раниме ние со својата апатија, често гола омраза кон “другиот“ и најчесто без да размислуваме за иднината на поколенијата по нас. „Купи ден, продај ден“ стана филозофијата на овој безгласен народ.

Многупати сум кажала дека овој и ваков, неподносливо несоодветен за нас политички систем, мора да падне за да се спасиме. Ние не сме во истата ситуација како една Германија или Словенија каде пратениците не се обични притискачи на тастери и филијали само на партиите, туку на народот. И тоа е кај нас извулгаризирано до крајност.

Нашево Собрание е карикатура на демократијата. Кога сте виделе и чуле за еден закон кој го предлага владата, да се спротивстави и не гласа барем половина од парламентарното мнозинство? Никогаш. Кога успеал некој импичмент на министер или не дај боже на целата Влада? Никогаш. Ние како дрогирани се научивме да гледаме евтин театар, во кој повремено, во време на избори сме повикани да бидеме обични статисти. Најстрашно од сè, со наш амин.  

Што би значела во нашиот контекст култната фраза “Силата кај народот“? Да не останеме на голи фрази и да се обидеме да го преточиме во нашиот систем. За тоа, да го земеме примерот на Швајцарија, една од најбогатите европски земји. Во Швајцарија се практикува мешовит систем на парламентарна демократија. Тоа значи дека покрај претставничката демократија, каде како и кај нас се избираат пратеници на државно ниво, за многу работи има референдумско, непосредно или народно изјаснување. Во Швајцарија,  за секоја промена во Уставот која ја предлага Парламентот, се распишува задолжителен референдум. Не се служат со итрини од типот “консултативен“ референдум, туку се што се однесува на Уставот е предмет на народно “да“ или “не“. Резултатите мораат да се почитуваат. Ете ја силата на народот на дело, а не на приказни.

Понатаму, постојат и “Федерални народни иницијативи“, кој е силен инструмент на директната демократија. Граѓаните после собрани 100.000 потписи кои имаат право да ги собираат цели 18 месеци, се изјаснуваат за прашања врзани со здравствениот систем, даноците, политиката кон емигрантите, социјалната политика, образованието, јавниот транспорт, употребата на дроги, медиуми, култура итн. За секоја нивна иницијатива и властите имаат право да поднесат контрапредлог. Двата предлога одат на непосредно гласање. Има само две ограничувања: не може да се гласа за повеќе од едно прашање на еден референдум и не може да стане збор за основните човекови права. Од 1991 година наваму, во Швајцарија имало 8 парламентарни изборни циклуси, а 31 референдум за разни прашања. Пресликано на нашата земја, бидејќи Македонија има 4.5 пати помалку население од Швајцарија, референдумите од овој тип би требало да одат со околу 23.000 валидни потписи со задолжително почитување на резултатите.  Повторно “Силата кај народот“ или непосредна демократија. Да не зборувам за технологијата на гласање. Во Швајцарија, повеќето гласаат по пошта на претходно добиено писмо со референдумското прашање, а во последно време и на интернет. Но, тие се сиромашна земја за разлика од нас кои можеме да имаме илјадници платени набљудувачи и пак пред очите да бидеме искрадени. Ете, ова се европски практики. Да биде евтино, ефикасно, транспарентно и колку што се може повеќе народот да го има крајниот збор. За себе и за својата земја.

Можноста граѓаните да го предизвикаат или оспорат секој закон има големо влијание на целиот политички систем и специјално на политичката култура. Пред сè, ги тера властите да ги слушнат сите сектори од популацијата, со цел да го минимизираат ризикот за отфрлање на одреден закон на референдум. Пред да се презентира нов закон во Парламентот, владата прави широки консултации за да се обезбеди дека ниту една значителна група не е против. Во спротивно референдумот не изостанува. Опозициските партии исто така имаат поголема моќ во одлучувањето, бидејќи секогаш им стои на располагање инструментот референдум од незадоволни граѓани. Така се носат поквалитетни закони, не во интерес на една партија или коалиција, туку многу повеќе во интерес на народот кој го има конечниот збор. Во голема мера се елиминираат чисто популистичките закони за една употреба, кои се долгорочно погубни.

Патем, на референдум се одлучува и за отповикување на министрите и на Владата. Ете тогаш да видиме кој колку ќе остане на функција и дали ќе треба да коленичиме пред разни докажани криминалци или неспособни функционери, да си даделе самите оставки. Оставките ќе им бидат уредно врачени (кога ќе проработи како треба и “Македонска пошта“), како и поканите за отслужување на казните кои никогаш нема да застаруваат. Како во Англија. Помеѓу сè друго што мора да се промени, еве и со овој тип на директна демократија ќе можеме да кажеме дека стануваме нормална држава. Силата назад кај народот!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)

Редакцијата се оградува од ставовите изразени во колумните