КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Самоубиство на Партијата

И сега одеднаш пред избори конечно ќе нè огреело сонцето на нејзиното височество: професијата. Ќе се ценела професија, а не партиска припадност. Еурека. Голем чекор за нас, мал за човештвото. Доаѓа на власт претседател на Америка и менува стотина луѓе во администрацијата. Овие овде, поточно Партијата, менува сè по список. Такви списоци сум гледала лично. Си ги делат директорските места како карти во табланет

719

Од романот 1984 на Џорџ Орвел:

Винстон: “Дали постои Големиот Брат?“

Партијата: “Се разбира дека постои. Големиот Брат е отелотворување на Партијата“

Винстон: “Дали постои на начин на кој јас постојам?“

Партијата: “Ти не постоиш“.

Така некако веќе речиси цели 30 години, не постои и кај нас никој освен Партијата. Партијата која перејќи ги мозоците, успева да го избрише своето минато, да го избрише избришаното, и да продолжи со лагите. Слободата да ја претстави како ропство, а незнаењето како сила. Партијата која моќта не ја третира како алатка, туку како цел сама по себе. Партијата не штеди зборови, Партијата не штеди идеи, Партијата не штеди лаги, Партијата знае како. А народот? Заталкан по нивите, канцелариите, по валканите болници, со минималната плата се опива со по некое пиво, ги арчи последните пари во некоја од стотиците коцкарници и нема што да мисли. За него мисли Партијата. Еве, што последно смислила, за да го “ослободи“ од себе.

После речиси 30 години партиска опсада на сите јавни институции, на секој дом, на секоја мисла, Партијата реши  да ги “деполитизира“ или народски кажано да направи темелна дератизација на “нашите“ институции. Откога Глас за Македонија уште пред речиси две години прва напиша во програмата и им вети на граѓаните дека нема да става ниту еден партиски директор во јавните претпријатија и најави темелни измени во Законот за јавни претпријатија и на начинот на избирање на раководни лица, на што се налепија и други партии (во обид), се штрекнаа надлежните и излегоа со модел препишан од романите на Орвел. Ќе се обидам да го упростам овој уникатен модел, кој повторно не води до Партијата.

Еве како го замислиле воспоставувањето на “системот на висока раководна функција“. Боли глава, односно шири реа до небо. За избор на директори и државни секретари ќе се формира посебна Комисија од пет членови со мандат од пет години, а функцијата ќе ја вршеле професионално. Членовите ќе ги избира посебен Комитет од девет членови делегирани од партиите  во Собранието, кои исто така ослободени од партиско влијание функцијата, без да имате никакво сомневање, ќе ја вршеле професионално. За секоја пак поединечна селекција за високо раководно место ќе се формира посебен Одбор, кој исто така плукајќи по својата мајка Партијата, функцијата ќе ја врши професионално. И така за 130 органи на државната управа и за сите јавни претпријатија. Сè е “посебно“, каква што ни е и државата. Сите тие ќе бидат и посебно платени и преплатени. Нешто како посебното, Најспецијално Јавно Обвинителство. Само што сега, ќе има уште поголем простор за роднини и пријатели кои одеднаш ќе добијат посебни овластувања. Од кого? Па од Партијата, се знае. Очекувајте и Рекет 3.

Со други зборови, идејата им е преку сто “непартиски“  тела, платени и преплатени, составени од “супер експерти“ за сите области, кои на жими мајка ќе бидат чесни и одговорни, откога ќе поминат низ пет круга на селекција, да тропнат пак на партиската врата за конечниот избор на директор или државен секретар. Да се смееш или да плачеш?!

Можеби сме единствената земја на светот, каде во стотици закони за избори и именувања на раководни лица стои формулацијата “функцијата ЌЕ ја врши професионално и одговорно“. Што ова воопшто значи? Како неуки луѓе или со несоодветно образование ќе вршат функција професионално? По кои критериуми “одговорно“?  А што ако не ја врши така? И што е тоа “така“? Мерливи критериуми нема, отчетност освен кон партијата нема, отповикување по сила на закон нема. Има само чекање некој самиот да се освести, па да даде оставка. И тоа не се случува, бидејќи ако не е добар за граѓаните и за институцијата, во ист толкав процент е добар за партијата. Добро мести тендери, добро зема мито, добро вработува партиска војска, добро ведне глава каде треба, добро камшикува каде не треба. Партиските директори се најголемиот извор на корупција и најголемото изигрување на граѓаните. Така е во сите важни системи, од градинка, болница, катастар, шуми, патишта, пошти па се до судовите.

И сега одеднаш пред избори конечно ќе нè огреело сонцето на нејзиното височество: професијата. Ќе се ценела професија, а не партиска припадност. Еурека. Голем чекор за нас, мал за човештвото. Доаѓа на власт претседател на Америка и менува стотина луѓе во администрацијата. Овие овде, поточно Партијата, менува сè по список. Такви списоци сум гледала лично. Си ги делат директорските места како карти во табланет. Мене пошта, тебе архив. Мене патишта, тебе железница. Одбирај.

Овие неранимајковци веќе 30 години ни ги јаваат сите институции, ни ги одземаа, ги приватизираа, ги наполнија со гласачи (слушам нови 50.000 вработувања веќе се појавиле како неопходни), создадоа мрежа од нивни фирми кои закономерно добиваат тендери кои сите ние ги преплаќаме од нашите пари и сега на најперверзен можен начин ќе нè лажат со некакво си себеукинување, себежртвување. Не, тие не можат да избегаат од себе. Или како што вели Орвел во истата книга, а е актуелно пред нашите избори: “Ако ја сакаш сликата на иднината која те очекува, замисли чизма која ти го гази лицето – засекогаш“.

А просто е. Партиите надвор од институциите. Постои конкурс, постои колектив кој си одбира раководна структура. Но, не. Последната маст ја вадат не само преку нивни директори, туку и преку преплатените управни и надзорни одбори. Функцијата на последните се сведува на заеднички прослави и скапи ручеци, шанса за додатно богатење и никако не на надзор или управување со институциите. Сите тие треба да работат доброволно, без хонорар. Ако се соберат само нивните хонорари, 500 семејства веднаш ќе излезат од зоната на сиромаштија.

Толку нè имаат дотерано во ќоше, толку станавме нација на понижени и навредени луѓе, што слободно ќе завршам повторно со цитат од гореспоменуваниот писател: “Да се умре мразејќи ги, ете тоа е слобода“!