КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Поинаку

564

Откога стана јасно дека од ЕУ сме светлосни години далеку, и со датум и без него, време е и последните чекачи на “светлата иднина“ да се освестат и да не бегаат од сопствената одговорност. За разлика од нашите политички “елити“ кои очигледно решиле, или ги решиле да не спремаат за стогодишни влажни сништа. Всушност и тие чекаат само привидно. Тие сега и веднаш и секогаш, ја чекале “светлата иднина“ многу активно ограбувајќи го народот, а последно и понижувајќи го до коска. Подолу не може. Затоа да ги оставиме нив настрана и да се обидеме да проектираме еден сосема поинаков концепт или визија за нашата иднина. Можеби малкумина од вас, читателите на овие колумни, ќе препознаат инаков пристап. Можеби многумина. Но, јас и многу други, цврсто веруваме дека можеме и мораме поинаку!

Што ние сакаме, каде сакаме да стигнеме? Тоа е првото прашање. Секој ќе ви каже дека сакаме пристоен живот, сакаме да не ги губиме највиталните, сакаме да сме среќни, сакаме да се радуваме на секој ден што доаѓа. Сакаме да имаме држава и институции во функција на граѓаните, а не на елитата. Сакаме правна и праведна држава, сигурни, а не коруптивни банки, сигурна пошта, сигурни патишта, сакаме чист воздух, евтина енергија, одлично здравство и образование. Сакаме збир од слободни луѓе, а не од уценети, од луѓе кои можат и сакаат да работат. Во основата на сите тие наши потреби, стојат две клучни работи: промена на скаменетиот политички систем кој го одржуваат на апарати за дишење (преточен во илјадници амандмани) и активно развивање на  националната економија. Еднаш мора да раскрстиме со неолибералната, корпоративно-банкарска економија која ни донесе само несреќи. Едноставно, тоа палто нам не ни одговара, како што не им одговара на многу други слични земји. Впрочем, никаде не му одговара на обичниот човек. Затоа секој форум или собир кој промовира такви политики на корпоративна глобализација на  сметка на сопствените економии, е проследен со жестоки протести.

Треба да разбереме дека Франција, Германија, Данска и сите други европски земји не станале тоа што се затоа што се членки на ЕУ. Не, тоа е голема лага. Станале такви развиени, убави, шармантни, поради тоа што го изоделе својот пат. Секоја од нив имала свој пат, понекогаш послан и со неправди, жртви и крв. Тие времиња за среќа се зад нас. Но, она што станува сè појасно е дека иако Македонија не може да стане Франција, треба да почне да го изодува сопствениот пат, чекор по чекор. Пат, послан со знаење, многу работа и посветеност. Пред се со решеност и верба дека можеме и мораме. Друго чаре верувајте, ниту имало, ниту ќе има.  

Ова секако не значи изолирање на државата. Напротив, таа сега, загледана само во една точка, е најизолирана од било кога. Но, ако тргнете по сопствениот пат, по сопствените потреби, интереси, па ако сакате и по сопствените емоции, вие ги отворате ширум вратите на светот. Се прашувате како?! Ќе изложам само мал број примери, иако нема област во која не може да се направи исчекор.

Како прв пример ќе го земам регионалниот развој. Не постои регион во Македонија кој нема свои предности, ресурси, богатства. Се разбира неискористени. Во една од колумните пишував за тоа како може да речеме да се развие Штип само со богатството од термални, лековити води. За тоа како се шири лесно кругот на стопански и нестопански гранки како поддршка на умното искористување на овој природен дар. На сличен начин може да се развива секој град, секое село, секој регион. Ако немаме знаење, треба да го увеземе. Тоа би била правилна инвестиција, за разлика од фабричките ленти кои чекаме некој друг да ни ги отвори. Државата е должна да вложи пари за тоа, а не да го остави “развојот“ на волјата на олигарсите.

Ќе дадам и друг пример. Студентскиот стандард кај нас е нешто од што секогаш се потресувам. Да студираа во 16 век, ќе имаа попристоен живот. Еве еден мини проект, кој ќе донесе благодет и на студентите, но и на многу други гранки. Државата да обезбеди еден субвенциониран топол оброк во денот, за секој студент. За тоа, државата ќе склучи договори со ресторани кои се спремни да подготвуваат нутриционистички вреден студентски мени. Да речеме во Скопје, со 40-ина ресторани од различен вид. Студентот ќе има широк избор. Рестораните ќе имаат услов да подготвуваат храна исклучиво од македонски производи. На тој начин имаме задоволни студенти, родители кои нема да се грижат дали децата ќе им добијат скорбут од лоша исхрана, ресторани кои нема да бидат празни, задоволни производители на храна.

Понатаму, треба итно да се помогне на малите и средни бизниси. За тоа треба да се направи добра чистка во неуките ресорни министерства, но оние кои знаат ќе мораат да им помагаат. Ќе го преземат на себе скапиот маркетинг, ќе бараат пазари за нивните производи/услуги, ќе им обезбедуваат лесен пристап до финансиски извори, стратешки ќе им помогнат да се поврзат во еден поширок систем, ќе купуваат знаење за нив од фирми кои тоа го работат.  Затоа што концептот, дади им кредит и остави ги во празен простор, едноставно не функционира.

Да им дадеме предност (законска) на нашите инвеститори, од дома и од дијаспората. Од вториве, кои живеат во високоразвиени земји, можеме и многу да научиме. Ајде тогаш државата да им ги отвори ширум вратите.

Земјоделците да ги поттикнеме да се вратат на нашите автентичните сорти кои веќе ги губиме. Да не работат под диктат на оние кои им делат семиња, за да произведуваат издржливи, но крајно невкусни домати, јаболка, пиперки и се друго, а потоа им ги откупуваат за никакви пари. Треба да имаме вредни, скапи, уникатни, наши производи, бидејќи тоа знаеме да го правиме и тоа можеме да го правиме. Да им обезбедиме пласман, инфраструктура, и повторно знаење.

Не може, се разбира, со една колумна да се исцрта целата визија и проекти кои ќе ја реализираат истата. Но, она што може, е да почнеме да размислуваме поинаку.

И прв чекор на овој пат е: овој политички систем, кој создаде корумпирани елити, а од нас направи модерни робови “задоволни“ со минимални плати, мора да падне!

 (авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)