КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Отповикување, не оставки

1188

Нашава квази демократија, која патем сосема наликува на некоја африканска варијанта со тазе увезен систем, пука по сите шевови. По потреба се отвораат точно толку пукнатини, колку што имаме неморални и корумпирани политичари. А ги има многу. Затоа и личиме на дупната черга. И од некои од нив, народов од време на време, кога ептен ќе му пукне филмот,  бара оставки. Та ајде Павле смилувај се, не е “морално“ што би рекле во маало! Та ајде Мира син ти да даде оставка (а Мира и натаму да гостува како пратеник, без мува да ја полази)!  Бара со право народов оставки од оние кои  лажеле и се колнеле дека нема менување на Уставот, кои нарачувале дрога по телефон, кои делеле фондови на блиски како да раздаваат на задушница, на кои затворениците им се тепаат по дворови, од оние на кои пациентите им умираат од незнаење и негрижа, од оние кои си вработиле цели семејства, од типот кој се фали со обоена ограда како врвен проект во главниот град кој се дави во смет и издувни гасови, од  мафијашите кои градат дивоградби и пцујат новинари кога ќе им побараат одговор, од…нема крај. Оставка не видовме. Од кого чекаат, не ми е јасно. А и барањава на ФБ и Твитер, не ги сметам за сериозни. Народ пред Влада или пред Собрание, не видов. Само во кафулиња.

Во законите кои третираат избори на функционери, речиси насекаде стои еден бесмислен став: “функционерот (за секоја функција исто)  ќе ја извршува својата работа  одговорно и професионално“. Од целава формулација, најмногу ми се бендисува ова оптимистично “ќе“. А да се наведат точни критериуми, тоа на законодавецот (читај на владата) на ум не му паѓа. И што ако не ја извршува ниту одговорно, ниту професионално? “Ќе“ плачеме и “ќе“ ги молиме на ФБ да си дадат оставка. Скандалозни грешки во политичкиот систем, кој едноставно не одговара на нашиов менталитет, образование и култура. Култура на невидена корупција и партитократија.

А дали некој чул за системот на право на граѓанинот да отповика функционер? Или поедноставно: секој кој е избран од него, може да биде тргнат од него. Преку петиција, преку референдумско изјаснување (како во Швајцарија), конечно и единствено можно,  сето тоа преточено во закони. Во нашиот случај, пред се во Изборниот законик и во Законот за локална самоуправа. Како што се пропишуваат норми за избори на функционери, треба да се пропишуваат и услови и норми за нивно отповикување.

Глас за Македонија, токму во тој правец студиозно подготвува нови верзии на овие клучни Закони.

Имаме така наречен “импичмент“ кој во превод значи токму  “отповикување“. Но, таа форма не функционира. Кога сте чуле, после целодневно плукање во Собранието, да биде разрешен некој министер? Мнозинството не дава ни под точка разно да биде разрешен нивен министер или претседател, точно и целата држава да пропадне. Исто е и за градоначалниците и советниците. Постои во законите форма на “изгласување на недоверба“, но за џабе. Токму поради партиското киднапирање на државата кое непрекинато не врти во круг, запазувајќи ја горе долу формата на демократијата, а изигрувајќи ја нејзината суштина, мора да се воведат форми каде граѓанинот ќе си го врати своето место кое му припаѓа: во центарот на системот. Тој не смее да има право само да гласа на избори (гледаме дека повеќе ниту со кран не можат да го извлечат, и тоа е добрата вест), туку постојано истиот тој граѓанин мора да има општествена одговорност и можност да ги коригира состојбите.  Во зависност од тоа дали е функционерот избран по мнозинскиот систем (како претседателот и градоначалниците) или по пропорционалниот (како пратениците, кои пак ја избираат владата со сите министри во неа), се пропишуваат законски механизми кои ќе овозможат отповикливост на секој еден функционер. Тоа ќе значи дека оние кои го избрале, тие ќе го отповикаат. Спуштено на локално ниво, што е и суштината на децентрализацијата, тоа мора да важи и за полициски началник, главен обвинител кои граѓанинот мора да ги избира на непосредни избори. За да може утре да ги отповика, ако не работат според утврдени критериуми. Не критериуми од типот: “ќе работи одговорно и професионално“. Па со такви пливачки формулации кои ништо не значат, не можете ни во самопослуга да конкурирате за работа, а не да водите држава.

Ова не е измислување на топла вода. Такви механизми во развиените демократии има. Нека не ве залажуваат фамозните оставки кои ги даваат промптно нивни функционери кога ќе бидат фатени во некаков скандал, како вицеканцеларот на Австрија. И да не дадел самиот оставка, системот ќе му ја врачел. Сега некаде прочитав, дека кога во Велика Британија, пратеничка која брзо возела, а излажала дека всушност возел нејзиниот брат, не Парламентот, туку по сила на закон добила затворска казна и го изгубила пратеничкиот мандат. Без молење на Талат дали ќе овозможел нарко тестови за пратениците. По закон!

Премногу долго пливаме во оваа баруштина која како и секоја бара си создава свои правила и свој еко систем. Во својата немоќ суштински да ги промениме работите, создаваме херои од оние кои се силат на ФБ и чија најголема “храброст“ е да ги наречат со погрдни зборови властодршците (од почит кон јавноста нема да цитирам такви “храбри“, уличарски и би рекла прилично инфантилни навреди). Тоа е понекогаш симпатична забава за разочараниот народ, но не значи ништо. Темелност, работа, знаење и храброст тоа да се спроведе. Токму тоа се доблестите кои ќе направат промени.

Ајде сега и јас да не одолеам на скандалот со пратеникот кој нарачува “бело“. Не ми е самиот тој толку интересен, колку неговите силни и умерени заштитници. Двете последни групи, без срам и перде, тргнаа во хајка против таксистот кој тајно ја снимил целата случка. Итно да се пронајдел, да се казнел за неовластено снимање. Истите тие кои бараа закон за заштита на свиркачите (луѓе кои имаат информации и можат без последици по нив да ги проследат до надлежни институции), сега бараат еден таксист за линч. Каде им е сега “јавниот интерес“ од прислушувани разговори, каде им е формата “постапување по допрен глас“ која постои во сите развиени демократии? Разликата помеѓу овој случај со пратеникот и “бомбите“ била што тогаш прислушувала државата???!!! Ма немојте ве молам. Битно е што се слушало, дали е автентично.  Нека му кажат на Зорге дека не било баш по закон да предупреди за инвазијата на Манџурија.  Допрен глас, се разбравме? И среќа што допре, за да дознаеме дека и уставните измени се гласале под дејство на дроги.

А дали ќе даде оставка нарачателот на “масло од канабис“ кое само кај нас се мери во грамови, се сомневам. Неговиот газда не даде оставка кога ја лажеше целата нација за Уставот, та овој никако. Потребен им е. А ние, чекајќи на нивните оставки,  ќе бидеме на дијазепам  (препишан од доктор).

И да не заборавам. Политичкиот систем мора да падне! Само тогаш, нема да молиме за оставки. Оставките ќе им се врачуваат во рака.

(авторот проф.д-р Солза Грчева е Претседател на Глас за Македонија)