КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Не дишете длабоко, а најдобро ич

611

Првата половина од насловот на колумната е упатството кое “најдобронамерно“ им се упати на граѓаните кои се трујат во речиси сите градови во Македонија. Втората половина е мој “добронамерен“ совет. Затоа што, ако пак престанеме целосно да дишеме, би се доближиле до нивниот идеал. Во тој случај, многу полесно ќе ни ги фалсификуваат гласовите на претстојните избори. Не ќе мораат толку многу да не обновуваат, ниту да одат на толку прав пат. Оној дел од граѓаните кој пак ќе преживее, секако ќе биде со целосно заматена свест од отровите. Ним, најлесно ќе им сервираат бугарски воз или некоја вреќа брашно. Се плашам дека такви во полусвест , можеби и ќе ги заокружуваат своите, веќе осведочени џелати кои работат на случајот неколку децении наназад. Дека се “нивни“ па лесно им паѓа што увезуваме отпад, а извезуваме млади.

Веќе се навикнавме да добиваме пораки од највисокиот врв во стилот на скечовите на дружината Монти Пајтон. Па така министерот за смрт ни упати апел НИЕ да пријавиме кој не загадува. Пазете, имаме бројно, платено министерство, факултети, институти, зелена партија, а јас треба да пријавам загадувачи. Се мислам дали да го пријавам комшијата кој ја преточува зелката на балконот. Од каде пак знам дека тоа не е извор на страшно загадување? Но, не е прв пат.  Во не така далечно време, пред само некоја година, имаше владина кампања “Пријави дупка“ на патиштата. Се сеќавам дека ми се истроши батеријата на мобилниот телефон за само неколку километри на делницата Штип-Радовиш, ревносно извршувајќи ја оваа граѓанска должност. Дали се човече тие ненормални или сме сите ние со затруени мозоци?!

За секоја нормална земја, ова би била супер вонредна состојба. Тоа не е, и не може да биде ниту нечија оставка, ниту кој на кое место дошол или си отишол. Тоа е масовното, смртоносно и постојано загадување. Македонија систематски се труе. Во Македонија карциномот е почеста болест од сезонскиот грип. Жртви се граѓаните на кои за тешки пари веќе почнаа да им ги перат мозоците со ветувања за рај на земјава, приредувајќи им вистински пекол. Буквално.  Се над 50 микрограми ПМ 10 честички, е чист, канцероген отров. Кичево со цели 982, Тетово со 964, Кавадарци, Струмица и така натаму. Скопје е денес  петти најзагаден град во светот. И така со денови. Го снема ветерот и повторно сме оставени на мојата дефиниција која објаснува се: патиме од смртоносната комбинација од незнаење и корупција. Колку и да анализирате, доаѓате до овие две работи. Трето нема.

Но сепак, ајде малку да ја анализираме изјавата на Министерот, кој вели: “Не е важна количината на отпад што се увезува од странство за согорување“. Прво, зошто воопшто да увезува отпад земја која и самата се гуши во отпад и има вишок за извоз? Земја со стотици диви депонии, земја каде кога ќе се подигне ветар пластични кеси и други ѓубриња ни се лепат на лицата, земја со затрупани речни корита (од затрупаната Пена во Тетово, во поплавите загинаа 4 деца), земја каде венци ѓубре ве следат на секој можен пат. Значи, признаваат дека увезуваат странски отпад за пари. А каков е тој отпад, дали е токсичен или не, ниту знаат, ниту ги интересира. Од резултатите на мерењата, јасно е дека станува збор за опасен отпад. Корупција и незнаење зграпчени во смртоносно танго.

Понатаму, ликот вели:“Оние што го користат отпадот (за горење) имаат лиценци да го прават тоа, ние ги проверуваме низ целата земја“. Кој им дал лиценци? Корумпираната Влада, за пари. Добиле лиценци со давање поткуп. Конечно нека каже министерот кои од нив лично “разговарале“ со него и добиле дозволи. Ако ништо друго, веќе долги децении нема непознати во формулата за “успешни“ бизнисмени кај нас. А за инспекторите кои ја скенирале постојано целата земја, ниту малите деца веќе не може да ги излаже. Какви инспектори, кога не знаат кои се загадувачи, па бараат ние граѓаните како големи експерти да сме пријавувале такви. Што тие инспектори проверуваат? Со што проверуваат? Колку казни има? Дали е затворен некој погон, некоја депонија дали е ликвидирана? Значи, на инспектори заборавете. Тие се партиска војска која е поставена да зема плата и да гласа. Ако и тие преживеат до изборите.

Понатаму: “Отпадот е подобро да се изгори во контролирани услови, отколку да се фрла на отворено место“. Тука се согласувам сосема. Но, не туѓ отпад од увоз, туку нашиот кој се депонира насекаде на отворено. Прашувам дали постои јавен интерес за увоз на отпад или ова е нивна своина со која располагаат според нивниот, а никако не јавниот интерес.  Влада и институции постојат единствено да го бранат јавниот интерес. Ние немаме интерес да бидеме труени. И второ, проверил ли Министерот дека навистина се согорува “контролирано“? Има некакви критериуми, напишани стандарди, норми? Се почитуваат ли ако случајно има некаде некое ливче? Јасно е дека ако ги имаше, немаше да се труеме.

Последната негова реченица од лаконската изјава во една ваква вонредна ситуација, поради која и во средно нормална земја паѓа влада па нека е таа техничка или космичка, е: “Ако некој од вас види дека некој го загадува воздухот, ве молиме да не известите“.  Загрижено, скоро татковски, да не се сетиме, ни ја фрли топката во нашиот скут. Ние сме криви, и затоа чаре е да се кодошиме меѓу себе. Знае ли човеков дека ПМ 10 честички не се гледаат со голо око? Знае ли дека и низ прозорец влегуваат? Ако некој се обиде да ме отруе, кривично ќе одговара. Овде институциите ме трујат и никој не одговара. Ова е обид за масовно убиство и ништо друго. Затоа не само оставки, туку треба кривично да одговараат.

Згора на изјавата на Министерот, “зелената партија“ строго порачува дека “ова не е во ред“. Тие гледале чадови и чуревици ??? Добро е што тие гледаат барем нешто, бидејќи јас не можам ниту целиот град  да го видам од Водно или кога влегувам во Скопје. Штом тие гледаат, добро е. Ќе мрдне работата. Само уште некој парк да се исече од корен додека тие прават акциски планови, само уште стотина станбени блокови да се вивнат од прашинава како феникси и ќе не биде. Но, најважно од се, секој да се грее на клима уред од типот инвертор.

Повторно ќе кажам дека од еден Черчил била побарана оставка од местото премиер на Англија, кога Лондон бил една недела загаден поради густата магла била помешана со смог. Но, тогаш масовно сите се грееле на јаглен. Овие нашиве, кои се држат за фотелјите кои пари им значат, а нам смрт во иста толкава мера,  треба сите заедно да ги спакуваме, да ги качиме во една голема ракета (тука се нашите “пријатели“ да ни помогнат) и да завршат како кучето Лајка. Јас друго чаре не гледам.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)