КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Нежно против корупцијата

413

Деновиве се заинтересирав да ја прочитам новата  “Националната стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси “ која ќе важи од 2020 до 2024. За прв пат таа треба да се изгласа во Собранието на Република Македонија. Не се сомневам дека овој документ ќе биде изгласан од сите. Зошто? Затоа што како прво нема да се почитува, а како второ повторно гребе по површината на проблемите кои се грандиозно големи. Иако се прилично прецизно одредени ризиците и болните точки кои генерираат корупција, “лековите“ се шупливи и општи. Како прво, називот на документот, но пред се суштината треба да биде “спречување“, а не борба со корупцијата. Ниту посилни земји од нас не се избориле ефикасно со корупцијата, но затоа преку законски решенија и нивно стопроцентно имплементирање, настојуваат да ја елиминираат пред таа да настане. Да се спречи, пред да се лечи. Тоа овде го нема. А понудените “лекови“ се како за сезонска настинка, а не за канцер кој го разјаде целото општество. Изобилува со неодредени “лекови“  како: интегритет, јакнење на капацитетите, совест, транспарентност, отчетност. Има толкава моќ, како да го молеле Сталин со зборовите: “Па немојте другар Сталин да ги стрелате најблиските соработници. Не е етички, Вие немате совест, а можеби ни интегритет. Ајде на обука да Ви ги изградиме“. Со други зборови, вистински лек не е понуден. Барем не,  за нашата крајно драматична ситуација.

Ако ги погледате целите кои се поставени во Стратегијата, на прво место е “Зголемување на нивото на политичка одговорност“, па натаму се објаснува дека политичарите треба да ги почитуваат “највисоките стандарди на одговорност и етика“. Ова е толку тажно. Значи се се сведува на политичката волја на партиите. Токму оваа цел сама по себе е цинична. Ако немаме ефикасен систем на “злосторство и казна“, од политичка волја ни е преку глава. Ние имаме целосно политичко самоволие. Политичка волја не само што нема, туку со декади наназад е генератор на најголемата корупција. Заедно со загадувањето, токму во областа на корупцијата во високата политика, сме светски рекордери.

Понатаму се редат други зададени цели, како “Совесно управување со политичкото влијание во јавниот сектор и спречување на политичкото влијание во работата на независните тела…“. Повторно се е оставено на совеста, која не може да се дефинира, ниту квантифицира, ниту оцени, а кон партиите на власт по не знам кој пат се упатува утринска молитва пред изгревот на сонцето, да имаат што помало влијание во јавниот сектор, односно во јавните претпријатија. Се прашувам зошто истите би покажале било каков интерес да го сторат тоа, кога токму јавниот сектор им е извор на гласачи, извор на тендери, центар на покажување на целосна моќ, начин на присвојување на државата, начин на купување на изборите за вечно владеење?! Наместо да се вреже во камен еднаш за секогаш (читај во закон)  забрана за вработување на партиски директори, ослободување на институциите и нивно враќање на граѓаните чии интереси треба да ги заштитуваат, повторно плукни-залепи решенија со некакво си “јакнење на свеста“ на партиите. Никој нема храброст да и ја покаже вратата на партијата и да и каже дека по закон таа нема што да бара во јавните претпријатија. Јавните претпријатија остваруваат јавен интерес, па дури и во изборот на членовите на надзорните и управните  одбори, јавноста мора да го има последниот збор. Да не зборувам дека на членовите на овие органи, не треба да им се исплаќаат хонорари бидејќи вршат општествено корисна работа со каква треба да биде задолжен секој.

Потоа, хоризонтално за сите болни и ризични области како правосудството, образованието, здравството, се поставува недефинирана цел како оваа: “Јакнење на интегритетот и отчетноста во јавниот сектор“. Надоврзано на ова, сме требале да градиме општество кое ќе се темели врз личен интегритет и отвореност и тоа бил замислете, најодржливиот пристап против коруптивното однесување. Можеби во Шведска е навистина токму тоа шлагот на тортата, но кај нас овој чевел е преширок.

Не се сомневам дека УСАИД со чии финансии и експертска помош е правена стратегијата, ќе навали да им држи обуки на возрасни, формирани, корумпирани и диригирани судии и обвинители, за тоа како сега наеднаш да се претворат од вештерки во самовили. Невозможна и би рекла ретардирана мисија.

И која е мерката за интегритет? За струја е ампер, за време е секунда, а постои ли единица за интегритет? Како тоа ќе го измерат и наштелуваат до потребната мерка?! Како ќе ги натераат судиите од Уставен суд да реагираат, да не се прогласуваат ненадлежни, да судат според Уставот, а не според нарачките од секоја влада? Дури не постои ниту Закон за Уставен суд. Изборот на судиите го вршат партиите според клуч. И сега наеднаш проблем бил интегритетот. Ако се решел тој, се ќе тргнело напред и тоа во секоја можна област како образование, здравство, екологија и друго. Ништо од тоа.

Го читам делот за потенцијалните ризици за корупција во образованието. Посебно во високото каде припаѓам и јас. Акцентот е ставен на Агенцијата за квалитет во образованието каде влегуваат и телата за акредитација на институциите,  научните установи и студиските програми. Повторно се бара лекот во “транспарентноста“ во изборот на членовите на овој орган. А кој го именува директорот на ова тело? Собранието, каде игрите и договорите се исклучиво партиски. И секој член таму е поминат преку партиски филтер. Затоа имаме акредитирани универзитети , факултети, студиски програми кои се како прво вишок во мала држава како нашата, а како второ се измислуваат факултети и програми кои никаде не постојат. Се за да се задоволат партиските, а посебно коалициските потреби. Да им порачам дека голем извор на корупција е и дефектниот Закон за Високо Образование, во кој немате дури ни национални стандарди за избор на професори во звања. Затоа имаме случаи каде професор се станува директно од продавач во скриптарница, затоа имаме докторати од нелиценцирани универзитети од соседството, затоа имаме професори кои не знаат ниту еден странски јазик, затоа половина од професорите се нечии деца и снаи, затоа имаме професори со специјално за нив измислени предмети, професори без научни трудови печатени на светска сцена, затоа студентите имаат дипломи без реална вредност. Затоа, посвесните студенти бараат чаре надвор од државата. Веќе имаме драматичен одлив од над 11.000 студенти од нашите универзитети.

                Додека не се разбере дека нашата корупција се крие во законите, нема да се случи ништо драматично во спречувањето на корупцијата. ДКСК требала да тргне и од себе. Да бара зголемени ингеренции, наместо што имаат функција на “свиркачи“, но и начинот на избор на нејзините членови мора да е сосема ослободен од партиите. Истото се однесува и на други тела и агенции кои работат на корупцијата. Второ, да се прочешлаат сите закони кои кријат членови кои можат да се толкуваат про

зволно, да ги снема зборовите “функцијата ЌЕ ја врши одговорно“  која никого на ништо не обврзува, да се донесат закони кои недостасуваат како оној за потекло на имот и конфискација на нелегално стекнат имот, да се преработат од корен стотици закони од кои ми се крева косата на главата. Ако имате нерви, прочитајте го само Законот  за градење. И да се имплементираат неселективно и без остаток. Ние имаме озаконета корупција и тоа мора да биде појдовната точка во ваква стратегија. Само во така сериозно подреден систем, оние без интегритет, без капацитет и совест, самите ќе отпаѓаат како круши. Она што најмногу ми смета во целава предложена стратегија е молитвата кон партиите. Самите криминалци (со чесни исклучоци) ќе се само поправаат. А системот не ги принудува на ништо. Напротив, сегашниов систем кој самите го кроеле со децении, им е најплодната почва за крадење. Тој треба да им се тргне како черга под нозете. Дотогаш, ќе останеме на попусто потрошена хартија, енергија и нерви. И нормално со речиси најниски плати и пензии во Европа, дишејќи на шкрги.

p.s. Ве поздрави директорот на Дрисла, увозник  на “сомнителен“ отпад од Италија во Бугарија.  Него и стотици такви, не ги гледам во Стратегијата.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)