КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Народот  бара, бандата не дава

619

За прв пат во Македонија, цели 12 парламентарни и 8 вон парламентарни партии бараа итна промена на изборниот модел. И не само тоа. Вторите, бараа промена на начинот на финансирање на партиите, бараа помали средства за сите, бараа скромни изборни кампањи, бараа вистинско отворање на медиумите за сите. Бараа европски вредности во кои “елитава“ се колне, а се обични друмски разбојници. Од средните партии, со Донтовиот модел на одредување на местата во Собранието, најдрско се пресипуваат (се одземаат) гласови кои не се наменети за нив. Целата сцена на овој хорор филм се спрема во сите декади наназад. Цигла по цигла се гради оваа дивоградба. Резултатите ги гледаме. Од принуда се прават сосема непринципиелни коалиции, со години имаме пратеници со единствен услов да не се Далтонисти кои би ја погрешиле бојата на копчето, со години имаме заробени партиски институции кои се извор на невидена корупција. Бидејќи не мислат да се откажат од сево ова од кое се хранат и живеат како вируси, прибегнаа кон чисто лицемерие. Едните божем бараат, другите две божем не даваат. Не! Доста е со лаги. Со каква препредена игранка напакуваа 81 пратеник за промената на името на државата, а сега немало консензус за промени во изборниот модел. Колку ли го мислат народот за недоветен?!

Неспремноста да се дозволи една изборна единица е чиста корупција на целото општество. Бандите, како и за се друго, се договориле. За кого? За себе и за своите џебови без дно. Го  осудуваат народот за навек да избира помеѓу два богаташа, кои и да се, луѓе збогатени во политиката и од неа. Пред тоа, голи води. Ниту помислуваат да променат на подобро, туку да докрадат ако нешто воопшто останало.  Заедно, како што знаеме и за што имаме докази. Нам не ни треба толку патот кон ЕУ, колку спас од овие три партии. Исправното прашање би било: дали сте спремни уште 30 години да живеете најлошо по сите можни показатели, да добивате трошки пред секои избори, или пак да станете луѓе, свои на своето? Да станете за прв пат газди на сопствената држава, која е срамота што и досега не стана богата и пристојна за живеење.

Се разголија до крај. Замислете, ниту аргументот дека над  100.000 граѓани немаат свој претставник во Собранието, иако гласаат, не допре до нив. Како и да допре, кога тие реално немаат никаква врска со народот. Тие се “елита“.  Елита која не дроби и уништува веќе 30 години. Општествено неодговорни, на кои интересот на граѓаните им е нешто последно. Граѓанинот за нив е само избирач. “Елита“ која целата држава ја престори во администрација, во најбројни министерства и општини. Сите полни со благодарни клиенти. Ако не се премногу благодарни, тука се парите да ги вадат од вреќи и да потплаќаат. Како и брашното и зејтинот.

После се што урнисаа, продадоа, уценети глави без морал, алчни, полуписмени, тие се плашат. Со последнава игра, јасно е дека СЕ ПЛАШАТ. Имаат страв во коските, дека можеби некои поспособни од нив ќе им го покажат патот на граѓаните кон нормализација, вистински вредности, економски развој и стабилизирање на државата. Дека има некои кои знаат што се национални интереси, какво треба да е образованието, здравството, социјалата, инфраструктурата, енергетиката, земјоделието, а без притоа да краде, мести тендери и прави свои фирми. Се плашат дека после понижувањето кое му го приредија посебно на македонскиот народ, токму  овие уплашени партии, ќе бидат сурово казнети. Како ранети ѕверови се, а тогаш се најопасни. Како и не, кога тоа што би го загубиле при една изборна единица, се брои во милиони евра. Не во број на пратеници. Немојте да бидете наивни. Бидејќи, макар 5 нови да влезат, ќе вредат повеќе од сите нив заедно. Плус ќе им ги бројат милионите на отворена сцена, пред народот.

Ранетите ѕверови касаат каде стигнат. Ставаат забрани за гостување на “неподобни“ на нивните, сомнително финансирани телевизии. Се плашат дека низ завесата од лаги, ќе се пробие некој зрак на вистина. Се плашат дека постојат луѓе кои не плашејќи се од последиците, даваат директни одговори на директни прашања. Се плашат дека се раѓа нешто што не им е под контрола. Се плашат дека и со малку пари, а со повеќе углед, некој ќе им одземе од нивниот колач кој небаре оди по наследство. Се плашат дека кога зборуваат како ќе се бореле против корупцијата (замислете тие???), луѓето се смеат. Ѓеновезе и Лукезе, здружено во борба против корупција, хааааа…Зарем има толку лековерни кои ги слушаат нивните меѓусебни напади за разни кражби? Анализирајте го само предметот “Империја“ и работите ќе ви станат јасни. Се плашат бидејќи има храбри луѓе кои не се помируваат со поништениот идентитет и јазик. Се плашат дека има луѓе кои се цврсто решени да ги департизираат сите институции. Се плашат дека има луѓе кои ќе ги преполоват министерствата и општините, и за сметка на тоа ќе овозможат вистински регионален развој со дисперзирани ингеренции и институции. Најмногу се плашат дека има луѓе кои се решени да се воспостави вистинско, а не фингирано независно судство. Правна држава, која некои од нив лесно, со необорливи докази, ќе ги смести зад решетки.

Ранетите ѕверови знаат само  да коленичат во центрите на моќ, во “сестринските“ партии кои на нив гледаат како на шуга, да се радуваат на гушкања, да бидат обични вазали какви никој не цени. И да немаат алтернативи за развојот на државата. Ова последново, особено е “важно“ за политичар: да нема алтернатива. Единствено кај нас, овој ендемски вид на политичар вирее, се размножува и уништува се под себе. Без алтернативни прислужници на туѓи интереси, кои за неколку тона марихуана или MWh, би не продале сите нас топтан.

Ранетите ѕверови, знаејќи колку се посрамотени,  сега ќе почнат да прават свои клонирани партии, кои како дете со мрежа за пеперутки, ќе ги ловат оние кои ги испуштија. Немало време за промена на изборниот модел (неколку месеци пред избори), но ќе има време за нови партии со познатите ликови кои се божем незадоволни. Епа ќе ги задоволат и ќе ги замолчат. Тие за еден ден собраа 10.000 потписи за “независните“  кандидати за претседател, а не пак никакви 1000 за шарените пеперутки кои мислат да ги ловат преку нивните пропагандисти од најдолен вид. И самите алчни и недохранети.

Изборниот криминал кој го спремаат, ќе биде само уште еден почеток на општа кражба.

Сега, откога ги откачија од европското оро, ќе нагазат на најјако.  Но, ќе се изненадат. Курто, Мурто и Али, повеќе не лепат. Македонија се менува!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)