КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Министерства дајте господа!

228

На Хазби Лика ќе му правеле министерство за политички систем и односи со заедниците. До вчера божем ќе го бркаа палавкото Лика кој не сака да оди на работа, а сега уште и министер ќе го прават со наши пари. И тоа на предлог, точно на оние кои гласаа за бришење на Македонија и Македонците. Врската меѓу тајфата и новото министерство е повеќе од очигледна. Хазби, кој со месеци не одеше на работа во Секретаријатот за рамковен (тие ова го кажуваа), Лика кој како пратеник не го гледавме во Собранието. А платата се разбира му течеше секогаш и точно на време. Не дека многу му требала и не дека од неа зависел, но никогаш не го одбил овој поклон од, инаку сиромашнава ни држава. Слично како и неговиот шеф кој се на се, има неколку пати стапнато во Собранието. Во клучни моменти кога бил викнат од Калето, за снемување на државата, и се разбира за платформата.

Од ваквиот безобразен однос на власта се извлекуваат неколку логични работи: во СДС продолжуваат да се наградуваат неработници. За оние со помалку ум кои имаат апсолутна премоќ, во друга прилика. Да се задржиме на долгата и “светла“ историја на неработење. Што велеше дедо ми: ајљази. Ова мора да се објасни пластично. Таму и само таму, ако работите секојдневно и посветено макар на стручна работа какво што е образованието, како што правев јас, добивате дијагноза дека тоа баш и не е “здраво“, односно дека за разлика од некои кои немаа стапнато во стручните совети, јас сум била “хипер активна“. Куку леле. Што работи сум вршела во животот, ваков епитет не сум добила. Ова е погубна дијагноза од страна на комотната партија каде ако ја испратите точно во ден и саат програмата која сте ја сработиле, одговорниот за програмите ви вели: “а кој воопшто чита програма?“. Ако пак пресовите ги држите без да читате (професор да чита пред камери???) добивате жолт картон, бидејќи вашиот претходник Туцко, муцка (од незнаење) и мора да чита, а е над вас во хиерархијата. Ставен како политички комесар над мене да ми ја проверува политичката подобност на (стручната) програма. Инаку Туцко, чија специјалност се 2-3 пароли кои ги грми како од калашников, а од образование знае колку магаре музика, сега високо котира токму во образованието кое незапирливо тоне.

Второ, и тие како Хазби си беа надвор од Собранието една и половина година со полни плати. Полни кафулиња “пратеници“, со полна плата за неработење. Пред народот велеа дека бојкотираат и лажеа, бидејќи во Собранието уредно се пријавуваа како оправдано отсутни за секоја седница и комисија. Ако во Собранието еден од нив влезеше да каже дека бојкотираат како што мораа ако навистина стануваше збор за бојкот, ќе земаа според закон 30% од платата. Но, ништо од тоа. Полна плата на сметка, полна уста лаги.

Трета работа која се исчитува од создавањето на новото Министерството без кое не се може, е нивната лага за намалување на министерствата. Целата програма им е лажна, па зошто не и ова. Излажаа за името (ни остана само она “додека дишам“ и други небулози), та не за бројот на министерства, привилегии и патарини. Сега на Лика му прават министерство. На Матка, дузина институции и министерства кои се божем надлежни за заштита на природните реткости и богатства, не можат да пристапат, да ѕирнат во територијата на Сарајскиот вилает, една одвратна тртка од градба не можат да ја збришат, ама коалицијата мора да се гради и надградува. Како да не ни е јасно дека Тиранската и Сарајската платформа се едно исто. Уште пак, Министерот за најдолгата пруга во светот од Куманово до Бељаковце, “храбро“ најавува дека ќе ја испитал работата. Баш да видиме што ќе биде резултатот на испитувањето. Забранета територија. Екс територија. Ватикан. Резултатот го знаат и врапците.

Како тргнале, уште министерства ќе им требаат. Најповеќе ќе им одговара Министерство на стравот. Тргнаа да читаат по фејсбуци, по твитери, кој за кого што кажал. Па прават “спонтани“ петиции за професори, па подигнуваат обвиненија за говор на омраза, па чудесии. Ееееј. Тие, каде нивен професор удираше шамари на деца на паркингот на факултетот, каде нивен кловн (додуша со блага душевна попреченост) неказнето ме сместува секој месец во ковчег, каде еден клинички случај од новинар го полнат со пари само најдолно да навредува.

Тие сега ќе ловеле говор на омраза. Нема толку ќелии во Идризово и во земјава колку што има навреди за нив и кон нив. Читајте ги коментарите на твитер за секоја фалба која ќе ја истресе ЗЗ за нашите меѓународни “успеси“. И сега што правиме? Затоа Министерство на стравот им е потребно најитно. Да се спречи, а не да се лечи. Да ти се тресе раката ако напишеш нешто за другарот ЗЗ или за другарките.

Згора на се, социјалдемократите, кои нели треба да се грижат најповеќе за социјална правда и рационално користење на народните пари, ни објавија преку директорот на цивилното воздухопловство (кој во време на минатата власт, насмеан од уво до уво пречекуваше високи гости на Охридскиот аеродром, па таков среќен и весел се сликаше и со Субрата Рој) дека на владата итно и треба нов авион. Така, од едно 20.000.000 евра. Кажуваат пилоти дека овој сегашниов авион не е стар и е сосема функционален, но попусто. На Северна и доликува само нов и скап авион. Па како ќе се однесе лауреатот во обид да ја подигне Нобеловата награда во сегашниов авион?! Грујо го судеа за мерцедесот од 600.000 евра кои го гребеле мачки скриен во гаража. Овие ќе ги судат за 20.000.000 евра за авион кој ќе го какаат чавки. Нема да кажувам во нивен стил што можеше да се направи со тие пари. Можеше и многу друго, па се прави се спротивно.

Важно е да ги снема што побргу. Овие не се оправаат. Мисијата им се сведе на неколку аксиоми. Прво, да се избрише Република Македонија заедно со народот, второ да се ДУИ-зира цела Северна, трето тие да искрадат се што останало, четврто никој кој помогнал во овие мисии да не биде казнет.

Затоа, ум во глава. За нас никогаш не смее да биде Северна, туку само Македонија. Насекаде и во секоја прилика. Кога не дадовме активен отпор, кога од внатре не предадоа, барем можеме да даваме постојано пасивен отпор. Дека можеме барем толку, доказ беше референдумот. Како што го шкртавме ПЈРМ, сега ќе ја шкртаме Северна. Учителите да држат настава по историја според науката, а не според ретушираната политичка историја. Исто и професорите. Исто и спортистите. Исто и сите ние, во секоја прилика. Да не дозволиме младите да заборават кои се и што се. Факелот мора да се пренесува. Нема белки да дозволиме една корумпирана и неспособна тајфа да не избрише од мапата на народи и цивилизации, ветувајќи подобар живот за сите, кој нема да дојде. За никој. Ова се, до следните парламентарни избори. А потоа? Па потоа се знае. Силно светнал ден!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)