КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Мал Шенген, голема лага

570

Во еден момент од Југоисточна Европа, не прекрстија во Западен Балкан. Ниту во својата географска одредница не можеме да ја имаме “Европа“. Само зборот “Балкан“ можеше да одговара на нивната перцепција за овдешниот хаос, непредвидливост, немање на одговорност, дефектни институции, лоша инфраструктура, слабо образование, висока корупција, автократски режими. Инаку, терминот “балканизација“ во политички контекст се однесува на ситнење, на фрагментација.  Самото наше именување и одредување како Западен Балкан, беше доволен сигнал дека Европа се дистанцира од целиот регион кој остана да виси заробен во нејзината чекална. Сега пак, ќе правиме уште помал Балкан. Дел од Западен Балкан, нешто како Западно Балканче. Ама тие на галено ќе си го викаат Мал Шенген.

Се поизвесно е дека ДАТУМ нема да се добие, а во распадната држава, како што полно пати пишував, тоа би била само една имагинација. Од датум не се живее, туку од силна национална економија. Дури ни “Рекет“ не ни прокнижи поени, вон очекувањата на премиерот.  Кога сите бродови потонаа, кога се виде јасно како ден, дека излажаа цел еден народ, се излегува со нова лага за некаков си Мал Шенген. Со утешна награда која тоа не е, или иста онаква виртуелна реалност каква што беше несудената Нобелова награда за мир. Ова ми наликува на квартот Мала Италија во Њу Јорк. Едно обично фолклорно, можеби и носталгично врзување на една заедница со татковината, која ја напуштиле пред многу децении. Со брзината со која се иселуваат луѓето од овие краишта, не би ме чудело утре, да речеме во Берлин каде многу наши млади отидоа по работа и живот, од романтичните чувства кон татковината, некој кварт да го наречат, Мал Шенген.

Инаку Шенген зоната е зона на слободно движење на луѓето, без пасошки контроли. Ако сакале соседите да имаат “Мал Шенген“ никој, ама баш никој не им смеќавал. Ако сакале да развиваат блиски економски и секакви односи, можеле. Без граници? Немало проблем. Чуму нови имиња, нови лаги, нови манипулации, нови “оптимисти“ кои сега ќе не отрујат за тоа колку е ова генијална идеа?! Ретко кој ќе смее да изусти дека ова не само што не е добро, туку е погубно за нас и за стопанството.  Уште едно атомизирање, уште едно гето без контрола. Царство за мафијата. Ако велеа дека најголемата придобивка од пристапните преговори со ЕУ ќе ни била контролата (“камшикар“, како за деликвенти), кој сега ќе не контролира во Малиов Шенген? Албанија, која заработи дури 9 додатни услови од Бундестагот? ! Навистина, на прав пат сме. Кон провалија.

Примерот кој го даде Заев со фабриката (нормално странска инвестиција, која ја нема) која ќе барала 25 инженери, а ние сме имале само 15, па слободно ќе ни доаѓале стручњаци од Србија да живеат и работат овде, е само уште еден од серијата комични скечови. И на луѓето од Африка им е јасно, дека Германија им е ветената земја, не пак на Србите и Албанците од Малиот Шенген. Кој е тој, кој ќе се закопа во ова безредие, во овој правосуден систем, во оваа “рекет“ земја, во ѓубриштата, а нема да отиде таму каде ќе живее пристоен живот?! Има таков? Се разбира дека не. Нашите бегаат со брзина на светлината и сега ќе ни доаѓале инженери од соседството. Не можам да разберам дека има такви, кои уште имаат апетит за голтање на вакви жонглерски концепти; да гледаат низ прсти на ваквата немоќ за водење на нормална политика во земја од само 2 милиони жители. И да се согласуваат на 2% или 10% зголемена плата и на 35 денари зголемена пензија. Во заднината, оние кои “даваат“ од нашите пари, вртат милиони. “Рекет 8“ или “Рекет 88“, не им се знае бројот.

Оваа наша политика е водена од, за сопствениот џеб бистри итреци, но практично луѓе без солидно образование, знаење и авторитет. Која е таа политика која нема реални алтернативи? Една, две, три, десет.  Како е можно да се сите толку кусогледи за државата (притоа многу бистри за сомнителни зделки за фамилиите) и целата стратегија да ја тераат во еднонасочна улица? Во нашиов случај, можеше да се претпостави дека е ќорсокак и тоа само поради нив. Возејќи така, наместо светло на крајот, сите трескаме со глава во ѕид. Ќе сме живееле во Мал Шенген, мал или голем, Шенген да е. Колку што е гратчето Москва во Америка, навистина Москва. И сега сите да се стрпиме, хибернираме, престанеме да дишеме, да преживуваме, во исчекување на Големиот Шенген. Небаре е тоа еволутивен и сигурен процес. Еден убав ден, од мајмуни, со многу работа како што не учеа (сосема погрешно), ќе станеме луѓе. А можеби необичната балканска еволуција ќе не престори одеднаш и од никаде во тигар на Балканот, како што чувме. Господе смилувај се на овој народ. Друго не остана.

Во едно се согласувам. Овде треба конечно да заигра камшик. Ја испразнија државата од најпотребните струки и еснафи, па ќе си играат со измислици како последнава. Стоматолози, доктори, медицински сестри, инженери, просветни работници, земјоделци, сточари, мали фирми, сите незадоволни. Некои на работ на егзистенцијата. Затоа пак, администрацијата доби поголеми плати. Онаа иста администрација, која кога си во опозиција е преголема, а кога си на власт е токму и може дури и да расне. Во моментов и создаваат нов простор за експандирање, до пукање. Вработените ќе се  пензионирале на 64, наместо на 67 години. Сосема спротивно од европските трендови. Тие кои сега масовно и наеднаш ќе го оптоварат пензискиот фонд, ќе ослободеле места за млади кадри (читај за нови “благодарни“ партиски гласачи). Најдолен популизам, облечен во божемна грижа за младите. А да се намалат министерствата кои бројат илјадници луѓе, а државата да финансира до две години старт ап фирми за младите луѓе, да се ослободат од ДДВ основните производи за исхрана за намалување на сиромаштијата (на сметка на луксузните производи), да се воведе продажна такса наместо ДДВ која ќе останува кај производителите за да има повеќе пари во оптек во стопанството (наместо да завршува во буџетот за непродуктивно трошење)? Има многу прашања, ама за жал сите се системски и сериозни. Овде никој не се занимава со овие анализи и решенија, бидејќи на кус рок не носат гласови. Но, државата е распадната по секоја основа и се дораспаѓа по секој изборен циклус. По секое лажно ветување. Само нови ненаситници се приклучуваат на старите и како што веќе на сите им е јасно, работат заедно.

Ако се продолжи со недоделканава политика под мотото: “лева рака, десен џеб“,  бргу ќе ги исполниме условите и за Најмал Шенген.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)