КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Леб и игри

702

Што уште чека Заев?  Да падне метеор врз нас, па да ни вети дека сите до еден ќе бидеме изведени пред правдата на Господ, за потоа да добиеме датум за преговори? Со последната афера, која допрва ќе се развива, добивме крунски доказ дека корупцијата е на најјако. И дека е во власта. Од четворицата кои ставија потпис на ова скандалозно, единствено, срамно СЈО кое и самото уценувало за пари, еден е азилант. Се чекаат уште другите двајца. Четвртиот е веќе политички пензиониран. Тие имаат директна одговорност за политичката творба наречена СЈО. Во вакви сеизмички потреси, на народот му се сервираат леб и игри, давајќи им време на главните актери да се одморат по плажите. А на Заев, да не залажува со “правда“ која не смее да ја изусти како збор. Посебно не тој, кој на најнеправеден начин, на криминален начин ја изведе операцијата “чистење на Македонецот“.

Изразот “леб и игри“ доаѓа од латинскиот panem et circenses и му се припишува на римскиот поет Јувенал, кој бил активен кон крајот на првиот и почетокот на вториот век од новата ера. Тој се употребува најчесто во политички контекст. Во таков контекст, фразата означува креирање на политичко одобрување (одушевување), не според одличноста на јавните сервиси, туку со одвлекување на вниманието или со задоволување на основните популистички барања: леб (сосема доволно за сиромашниот народ) и забава (циркуси). Но, исто така Јувенал, со оваа изрека ја критикува и себичноста на обичниот човек и неговата кусогледост.  Тој имплицира ерозија на популацијата која едноставно не го согледува сопствениот приоритет: граѓанската одговорност и јавното добро  како врвен приоритет.

Овде граѓанската одговорност е сведена на тоа дали на мене ми е, не добро, туку подносливо (чувај Боже од бетер, што би рекол нашиов народ), а јавното добро не постои. Затоа пак, игриве стануваат се поинтересни и подостапни. Сите сме фатени во мамката: леб и игри. Дојдовме до тоа да секој, секого може да прислушува, да коментира, да интерпретира, да слуша снимки, да уценува, дојдовме до неподносливата леснотија на живеењето. Последниве не  доведоа дури и до неподнослива леснотија на непостоењето. Цела нација се занимава со Боки, Ката, Фрики, Мики и Кики. Всушност измислени  и неважни ликови како Том и Џери. Црпнати некои од нива, некој од естрада, некои од бунар. Измислени за една употреба, а потоа како и се друго, заборавени. Ќе се појават нови, без гајле. Додека царува криминалот кој е транс партиски и без идеолошка подлога, ќе имаме забава, а можеби и малку леб.

Се сеќавам на зборовите од една песна на Боб Дилан во која главна тема беше стихот: “се срамам да живеам во земја, во која правдата е само игра“. Се срами ли некој овде од ваквата земја? Се срамеше ли некој кога се пресудуваа “душевни болки“ во полза на бивши функционери на дневна основа? Се срамеше ли некој кога за специјален јавен обвинител беше одбран човек (ни го одбраа таков, се разбира) кој не беше способен просто проширена реченица да состави? Се срамеше ли некој кога истиот тој популарен лик, на телевизија ни тврдеше дека не е непотизам кога нејзини внуци, роднини се вработуваа во тоа обвинителство? Се срамеше ли некој кога во среде Собрание истиот тој лик ни се исперчи: “не ви давам финансиски извештај“, иако е обврзана со закон да даде отчет пред оние, кои барем формално ја избрале?  Голтаа кнедли и гледаа во правдата која никогаш не дојде. Бидејќи жената не беше поставена да тера правда, туку да овозможи уцени за промена на власта и името. И амнестирање на големите криминалци, за возврат. Е сега што испадна уште и рекетар, тоа ни е бонус за нашата кусогледост. Се срами ли некој од молчењето на Уставниот суд или полошо од нарачаните одлуки, за безбројни претставки околу неуставниот референдум, неуставниот избор за претседател на Собранието, неуставните одлуки за промена на името, и да не редам. Се срами ли некој од Врховниот суд кому му нарачуваат “од горе“, а по барање на естрадата, укинување на притвори? Се срами ли некој воопшто да живее во земја каде правдата е само играчка на власта?

Нема правда, нема мир. Одличен слоган, кога не би бил нарачан од оние кои присвојуваа граѓански движења (некои и ги формираа), и поради неколку вработувања како прислужници во Владата, паѓаа движењата како домино пред нејзините нозе. Се создаде и шарената револуција со маичките на Чарлиевите ангели. Многу од нив можеби и веруваа дека ќе дојде правдата. Жалам што не проценија дека не може систем (со било која влада досега), кој има за цел растурање преку партизирање и корумпирање на институциите, да создаде нова, независна над институција. Или супер институција. Не може, затоа што никогаш таква не создале. Создаваат само нешто што им служи за нивните бизнис потреби.

Ниту тогаш, ниту сега немам намера да слушам“бомби“. Го кажував тоа и од говорница кога прскаа првите “бомби“ на Заев. Немам потреба. Јасно ми е дека ова е само врв на сантата мраз, под која се крие кражба од невидени размери. Кражба во највисоките ешалони на власта, која секогаш работи со истите ликови од подземјето. Но, јасно ми е дека овие нови разговори, кои како новина сега пукаат од надвор, создаваат една нова квази револуција. На другата страна. Жалам, но и тие ќе бидат изневерени. Некои “нови“ ликови ќе се колнат на чесност, ќе бараат доверба со демаскирање на противникот, а уште првиот ден ќе ја продолжат истата игра. Ката ќе биде заменета со Злата, Зоки со Мики и сите ќе добијат свој пандан. Никој, ама баш никој од долгогодишниве “докажани“ играчи не може и не сака ништо да се промени. Се додека не се промени системот, ќе постојат Боки-евци кои ќе не забавуваат со Луј Витон чанти. Можеби следниот ќе посака чанта Прада или Хермес. И толку.

Работите напреднаа само во една работа: на почетокот доаѓаа боси и голи политичари, а излегуваа од политиката како бизнисмени. Сега влегуваат како бизнисмени, со намера да станат тајкуни  со милиони евра. Алчноста нема крај. На Триумфалната капија треба да се постави бројчаник за украдените пари, а не за вратените.  Враќањето во Македонија е секогаш во минус.

Има ли чаре? Има и се нарекува оставка. Потоа, формирање на експертска, техничка или преодна влада. Комплетна дератизација и дезинсекција на општеството. Влада која нема да биде врзана со партиските елити, влада која ги познава системите, влада која ќе ги врати работите во границите на пристојност. Такви имало во полно земји како Италија, САД, Австралија, …И тука никако не мислам на техничката влада по Пржинскиот модел, каде повторно истите актери ќе си ги поделат улогите.  Со еден збор, како леб ни се потребни прави луѓе на прави места. Доста со партиски апаратчици кои со години ни ја искривија диоптријата, кои посеаја невидени поделби и омраза помеѓу народот. Влада составена од способни и свесни, дека мораат да направат системски промени, пред се во заробениот политички систем. Влада која нема да е ничиј вазал, но партнер со сите. Влада која правото ќе го стави над политиката. Влада која ќе ги исчисти институциите од партиски паразити. И конечно влада која ќе организира навистина фер и демократски избори преку темелна промена на Изборниот законик. Работата е дојдена до коска, за што според  Јувенал, сите ние имаме дел од одговорноста.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)