КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Европо, доаѓаме!

689

И навистина забрзано трчаме кон Европа. Со автобуси, со коли, со Wizz Air, ако треба и пеш. По девет автобуси од само еден град во Источна Македонија. Се млади и способни за работа. Од Сарај, од Центар Жупа, од Битола, од каде не. Цели еснафи се со спакувани куфери. Во Гете институтот во Скопје, се бара место повеќе за учење германски. Медицински сестри, стоматолози, доктори веќе нема да има ниту за лек. Како и да има, кога државата полно од нив ги доведе до граница на преживување. Со сите можни ветувања и реформи, нема достоинство ниту пари за најбараните струки. Се што не е дел од партиската војска распослана во администрацијата, се евакуира. За секогаш.

Не знам зошто толку им се брза кога еве сега, само што не сме добиле ДАТУМ. Неговото височество, ДАТУМ. Влезница во рајот. Уште една имагинација, уште едно шарено лижавче за наивните, уште една празна фраза со која ќе ги полнат устите профитерите. Точно истите оние кои  кога навистина овде би била Европа, или поточно ЕУ, не би потонале во богатствата во кои се дават и не би имале функции какви што имаат. Оние сеачи на магла, кои не само што ништо добро не направија за народов цели 3 децении, туку до коска го ограбија. Сега се први оптимисти дека кога ќе сме добиеле ДАТУМ, одеднаш ќе станеме правна држава, ќе имаме независни институции, мала и професионална администрација, дека нема да има ваква корупција. Како самовилата во Пепелашка. А зошто не досега? Кој им смеќаваше? И кој им е крунскиот аргумент? Дека ЕУ ќе не надгледувала, или модерно кажано по нивниот тазе усвоен речник, ќе не мониторирала. Значи ние и натаму ќе се глупираме, ќе си играме судство и парламент, ќе си вработуваме роднини и пријатели, ќе ги ограбуваме и понатаму нивните и наши фондови, ама сега Европа будно ќе не надгледувала. Поглупав аргумент не сум чула. Европа нема намера, ниту ја интересира од нашето училиште за деликвенти да направи Сорбона. Токму затоа, и само затоа, не сакаат да влеземе во нивно друштво. Ако пак дадат датум, кој насаден на оваа почва нема да роди ништо, тоа ќе биде само политичка одлука. Ништо друго. А од датум не се живее, туку од работа и знаење кое го нема.

Ние, како што сме веќе добро дресирани, ќе истрпиме уште една тура пропаганда за правиот пат кој видовме води удолу, за обнови после преродбата (???), за подобар живот (после смртта), за промени за нов почеток, за “Македонија знае“. Ова последново е најсмешно. Да знаеше, немаше да дозволиме да не доведат на ова дереџе. А дереџето е мерливо во бројки. Од толку знаење, преродби и прави патишта, денес Македонија води во индексот на сиромаштија, заедно со Албанија и Босна и Херцеговина. Највисоко во Европа сме рангирани по корупција, а Тетово и Скопје во 2018 година, се убедливо најзагадените градови во Европа. Нашите деца се најдолу рангирани на PISSA тестовите за наука, математика и писменост. Довербата во институциите е меѓу најниските. Не можете ниту до Охрид  да стигнете по нормален пат, а и последниот меѓународен воз го укинаа. До Бугарија, со која нели потпишаа “Договор за добрососедство“  што патем ја отвори вратата за серија уцени по “правиот пат“, со саати се возите по дупки до границата. Ама сега обновени и преродени, кога ќе тргнеме по правиот пат, ќе стигнеме можеби да видиме дека наши села уште немаат барем  еден асфалтиран пат, ниту водовод и канализација. Едвај некој останал на огништата. Луѓето преживуваат како во село од 13-тиот век.

И сето ова погоре, да ти било дека сме немале ДАТУМ.

Колку просто, само да се сетиш! Колку олеснително, за ништо да не сработиш сам.

Се прашувам зошто и досега, после толку многу, речиси исти по содржина извештаи кои ги добива(в)ме од Европската Комисија, никој не презема барем еден чекор во насока на подобрување на посочените недостатоци? Зошто не се департизиравме? Зошто не направивме мала и професионална администрација? Зошто не создадовме клима за малите и средни бизниси? Зошто не се гони високиот криминал? Зошто немаме независно судство? Одговорот е прост: не сакаат да си ја сечат гранката на која си завиле удобни и богати гнезда.

Понатаму, се прашувам зошто Македонија доби од ЕУ ИПА фондови во два наврати, и додека нашата искористеност беше под 40%, во Србија истите тие фондови беа искористени околу 90%? Се прашувам зошто Фондот за иновации беше ограбен од функционери и нивни роднини за непостоечки, дури и лажни, иновации? Се прашувам каде завршија парите од Националната Агенција за Мобилност? Прашањата ми се чисто реторички, бидејќи одговорот го знам. Не уби смртоносната комбинација од корупција и неспособност. Парите редовно завршуваат дел во приватни џебови, а добар дел го враќаме назад во европската каса поради незнаење како да се искористат.

Така и ќе продолжи. Нема ниту една назнака, ниту еден сигнал дека нешто ќе се промени. Пред се немаме институции. Европските фондови ќе завршуваат во џебовите на малкумина избрани, ќе се трошат на бесцелни обуки (за оние кои не фаќаат ука), ќе “градат капацитети“ кај најнекапацитетните и некадарните кои ги одбрала “партијата“ и така во круг. За тоа време, оние со вистински капацитети, ќе бидат маргинализирани, игнорирани, дури и омаловажувани. Странци во сопствената држава, додека не им пукне филмот и не си отидат од небиднинава.

Денес е најпрофитабилно да си по професија “оптимист“. Другарки и другари, што би рекле комунистите, ова ќе биде невиден рај на земјата. Сме направиле лавовски скок, соколов лет, незапирлив пат кон богата и успешна Македонија. Не гледајте на жртвата, на име, на презиме, на народ, на народи. Ако треба сите и по една жртва од дома ќе дадеме, само да стигнеме до ДАТУМ. И потоа се знае. Паф. Нозете откриени, вратот испотен, џебот празен.

Во меѓувреме, додека така сонуваме најмалку деценија до две за тотален и целосен влез во ЕУ, ни кажаа да внимаваме на руско влијание (по социјалните мрежи, замислете каде имате и “сериозни“ дебати дека земјата е рамна) и на кинески проекти  во инфраструктурата. Да се смееш или да плачеш, не знам. Под руско влијание можеби ги подразбираат оние кукли бабушки кои некои од нас ги имаме, руските класици кои ги читаме со огромно задоволство (како и целиот развиен свет) и документарците за тоа како Русија му расплака мајка на фашизмот во Европа. А за кинеско влијание, нека се обратат во Европа каде уште во далечната 2008 година, да речеме во Белгија (но, и насекаде во ЕУ) забрзано се отвораа училишта за учење кинески, поради брзиот продор на Кина во европската и светска економија. Можат да скокнат и до Пиреја, пристаништето во Атина.

Само нас можат да не плашат со лажни Баба Роги, а да ни се нудат фикции. Многу им е јасно дека не станува збор за нашиот замислен “рај“, туку за нивните реални интереси. Рајот останува сами да го направиме, бидејќи сите успешни го изоделе тој пат. Во ЕУ треба да се влезе како зрел партнер, а не како неспособен просјак. Затоа, потребно ни е политичкиот систем да се промени. Од овој досега, имаме само репродукција на злото.

Единствениот соодветен слоган на следните избори, би бил: ДОСТА БЕШЕ!

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)