КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Делата ги застареа, неделата никогаш

97

Во темелите на вештачката, насила протуркана творба наречена Северна, вѕидани се многу тајни договори, кои деновиве ја вознемирија, инаку прилично наивната јавност. Ваков тежок и уникатен проект, единствен во светот, можеше да помине само со долгорочни, тајни, себични и криминални договори помеѓу актерите. Сомнителни тендери, бесценети градежни парцели, дебели провизии, се било ставено на масата за размена. Размена од типот: ти мене слобода (со украдените пари), јас на вас поддршка, јавна или тајна, за срамната промена на името заедно со народот. Поинаку сигурно и не можело. Токму такви валкани, криминални ликови биле систематски одбирани и селектирани за највисоките позиции со една цел: со уцена да се заврши работата. Како да ги профилирал некој криминолог. И не било тешко да ги пронајдат. Грабливци, колку сакаш.

Сега е веќе сосема јасно дека покрај другите спогодби, била направена спогодба за меѓусебно проштевање на многубројните криминални дејства сторени од највисоки функционери од  трите водечки партии. За нив, или не се подига обвинение, или истото им застарува. Многу згодно. На обичен смртник, за неплатена комунална сметка му расне каматата до таван и ќе мора на крајот да ја плати. За “избраните“, милионски суми народни пари застаруваат, односно им остануваат во џебовите, а затворите ги полнат само со ситни риби. Го читам Кривичниот законик и не можам да се начудам. Прво, од двосмисленоста на полно членови кои можат да се толкуваат произволно. Второ, како може да застари дело за кривично обвинение за кое на пример следуваат 10, 20 години или доживотен затвор? Со толку години затвор се досудуваат убиства. Утре ако решат, за “повисока“ цел ќе ги застарат и делата за монструозните  убиства кои се случија.  Ако сепак биде осуден некој функционер, во истиот тој закон, имаат и можност за застарување на извршувањето на казната. По сосема истата  шема.

Како смее да застари корупција, пари украдени од државната каса? Како смее да застари убиство? Што стимулираме со вакви закони? И ќе се чудиме вака прашувајќи логични прашања, без да си го дадеме единствениот можен одговор: немаме институции. Таканаречените институции не се наши, туку нивни.  Но, затоа имаме партии кои можат да се договорат и се наше да стават на аукција. Истовремено, нивните функционери се недопирливи, а за долни работи и тоа како употребливи.

Видете ги ингеренциите на Антикорупциската комисија. Во случајот со вицепремиерот Анѓушев, за кој се сомневаат на злоупотреба на службената должност околу без царинскиот, привилегиран извоз на неговите акумулатори, истите тие “анти корупционери“ кои во нормална држава би биле страв и трепет, кај нас чекаат политичка, замислете не законска, туку политичка одлука лично од премиерот. Дали тој ќе оцени дека е згодно неговиот избраник да си даде оставка?! Вицепремиерот пак, самиот ја најави својата одлука: ќе им се посветел на своите високо доходовни фирми, наместо на државата. Губел пари со секој ден во политиката, а парите не ги добил како професор, туку токму од политиката. Професор, политичар, сопственик на големи фирми. Три во едно. Многу сакам вакви “талентирани“ професори со свои фирми. И студентите ќе имаат голема полза од нив, ако решат да се појават на предавања.

Се е ова да се распушти и да си оди дома. Сите вакви непотребни, таканаречени институции со звучни имиња, а зависници само од партиите. И да не трошат народни пари на големи плати, додека не се прекрои во целост политичкиот систем. Впрочем, таква пара институција беше и СЈО, кое практично одигра клучна улога во застарувањето или компромитирањето на доказите за “дебелите“  предмети. По нарачка на договорените.

Паралелно на ова бесчестие, без трошка срам ги започнаа караваните низ државата и почнаа наново со истите ветувања. Денот на мрмотот. Ќе биде супер, имаме визија, верувајте ни, селава ќе процветаат, народот ќе има пристоен живот, младите (кои ги избркаа) имаат иднина, растот ќе биде незапирлив, ќе воспоставиме правна држава еднаква за сите, ќе се градат патишта, трамваи без шини, БДП ќе оди над 5%, невработеноста ќе ја смалиме, градовите ќе бидат чисти, ќе има модерни депонии, студентите ќе добиваат дипломи со леснотија, администрацијата не ја пипаме, заздравуваме полека (од нив), ќе има нови инвестиции (кај комшиите) и што не…Се разбира од другата страна истото, само обратно. И така неуморно речиси 30 години. Ама и како ќе се уморат?! Само ќе си замислат дека ако се доберат до власт, ќе продолжат каде застанале. И веднаш им олеснува. Веднаш добиваат погонско гориво за уште лаги и ветувања. ЌЕ биде вака, ЌЕ биде онака.

Но, и со вака, и со онака, работите се повеќе од страшни. Висока смртност, мал просечен животен век, без перспективност, незадоволство. По улиците намрштени луѓе. Омраза, завидливост, поделеност, поткупливост, сплетки како национален спорт. Царување на полуписмени, пострашно од неписменоста.  Патишта полни со дупки и лепенки на штотуку направен пат, избришани стари знаци (обидете се да се одвоите од Куманово за Скопје, читајќи ги знаците), селата во темнина, а некои и без вода, градовиве се душегупки со смртни последици, ќе граделе по 100 згради за да не дотепаат во прашина, колите на тротоари, луѓето на коловози, на секоја зграда божемен кров со диво изградени станови, дури и на црешовите дрвца им ставија крај, сиромаштија во џебот и во духот. Сега е најтешко да се отиде до Охрид. Патот е полош дури и пред замислениот автопат. Од Скопје преку Прилеп до Битола нема автопат, туку пат убиец. Нема никаков регионален развој кој ќе ги искористи предностите од регионот. Погледнете ги само болниците во помалите места. Исто и во Скопје, државните клиники. Побарајте јавен транспорт во помалите градови. Цела држава е една огромна депонија и без отровите во ОХИС, со кои нема да се справат.

Ако веќе си ги застаруваат меѓу себе криминалите и не се казнуваат, токму горниве (не)дела не смеат да застарат. Ова се недела против народот, кој трпеливо битисува и се задоволува со трошки. Единствено не знам како уште веруваат (или мораат да веруваат) во празните ветувања. Животниот век ни помина во измама за подобар живот, кој не дојде.

Секоја анализа која ја правам на причините за ваквата трагична ситуација ме води кон една, единствена цврста дефиниција. Страдаме од смртоносната комбинација од незнаење и корупција. Трето нема.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)