КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Глупи изјави како карактерна особина

941

Добро, сега чувме лично од премиерот дека “педерите“ биле синоним за бескарактерни и подли луѓе. Поточно, измамници и манипулатори. И тоа после неговото извинување до ЛГБТ заедницата, со кое уште повеќе се избербати. Му излета онака Фројдовски, од потсвеста, што всушност мисли за тие луѓе, на кои само пред некоја недела им организираа парада во Скопје. Со едно сум согласна. Тргнаа да ги бранат помеѓу другите, докажани хомофоби. Што се однесува пак до карактерната особина на премиерот, после оваа изјава, но и после онаа дека  “ЕУ била секси убавица“ ми наликува дека се работи за човек оптоварен со секс. Еве, по допрен глас, нека истражуваат психоаналитичарите. За лажењето, веќе се е докажано и документирано црно на бело.

Но, стана сосема јасно и дека премиерот мисли само да ја злоупотребува ЛГБТ заедницата на избори. Како и многу други маргинализирани групи и граѓански здруженија. Нема да ги заборавам  автентичните студентски протести во 2014 година, кои создадоа и свој студентски пленум. Но, како аждаи им се нафрлија да ги присвојат, да ги капитализираат, да ги претворат во гласачи. Пленумот се растури. Останаа најупорните кариеристи кои веднаш се вдомија во мноштвото управувачки, студентски структури вметнати во новиот Закон за Високо Образование. Во истиот тој нов закон, ништо нема од унапредување на студентскиот стандард, од условите за студирање, од пристап до научни списанија, од електронски библиотеки, од стандарди, без кои уште на старт им се девалвирани дипломите. Образованието е буквално на лизганица. Во секој случај, “карактерниов“ премиер,  нека се опрости од гласовите на “некарактерните“, кои биле тоа по природа. Ова е уште поголема навреда од уличниот жаргон, од кој сите се згрозивме. И засрамивме.

Чувме и дека една ваква “стамена“ и “успешна“ влада не смее да падне поради “еден суетен новинар“. Немајќи ама никаква причина да бранам ниту еден новинар, ниту да напаѓам, мене ми е важно новинарството. Најмногу од се истражувачкото, кое практично го нема. Не знам дали беа суетни новинарите на Вашингтон Пост кога ја обелоденија аферата Вотергејт и како резултат на нивните пишувања, во 1974 година падна администрацијата на претседателот на САД, Ричард Никсон. За обелоденување на детали од скандалот со прислушувањето во седиштето на Демократската партија, новинарите Вудворд и Берштајн, добија Пулицерова награда. Голем дел од нивните информации дошле од “свиркач“ којшто тие цело време го нарекувале со прекар Длабоко Грло, за дури во 2005 година да се обелодени дека се работело за Марк Фелт, бивш помошник директор на ФБИ. Оваа единствена сторија на победа на истражувачкото новинарство, подоцна станува основа за култниот филм “Сите луѓе на претседателот“.

За малку ќе кажев: “а кај нас…“. Погрешно. Сите споредби се случајни. Ние сме вон сите вери и текови. Овде се носат закони за “постапување по допрен глас“, за “заштита на свиркачи“, а ќе те свирнат на првата кривина. Замислете, а лесно е да се замисли се во овој распад, новинар да биде упатуван, со своите извори и докази да се истопори во обвинителството. Тој тоа не може да го направи. Ако нема согласност од изворите, тој не смее да ги објави. По допрен глас постапуваат истражни органи кои имаат многу повеќе механизми да дојдат до доказите и вмешаните во аферата. Тоа им е работа. Ова го пишувам упростено, како упатство, за да го разбере дури и Костадинов. Во спротивно,  обвинителите нека пишуваат колумни, истражувачки стории  и нека ни кажуваат за Кики и Фрики, кога веќе чекале лично премиерот да им кажел за аферата, за која и врапците на гранките, веќе пееја. Благодарение на “суетниот“ новинар, но и на чаршијата која брмчеше дека нешто многу гнило се случува во телевизијата, галениче на власта. Како и во СЈО. Како и кај пратеници кои имале функции во таканаречениот Меѓународен сојуз, институција задолжена за прибирање на пари од уценетите. Како и кај роднини на новинари од телевизијата – галениче, кои за лажни патенти, здиплија илјадници евра од Фондот за иновации. Сега молчат како бубалки. Нив ги нема во “посочените“ виновници кои од петни жили решиле всушност да ја срушат владата. А токму тие ја рушат.

Доаѓаме до најважниот дел од изјавата на несреќниот премиер. Дека, парафразирам, тројца, четворица криминалци исто така се здале да ја срушат “стамената“ и “способна“ влада. Овој дел е за смеење, навистина. Колкумина криминалци? Толку се навистина? Ако се само толку на број, простено да е. Значи, ги нема дури во врвовите на сегашната и бившата власт, во фамилиите, ги нема добро распоредени по институциите, по општините, по банките, во агенциите задолжени за следење на текот на парите, во финансиската полиција, ги нема во судовите и обвинителствата, ги нема никаде. Само не има како држава, болна од гангрена во сите можни индекси за корупција. Таму котираме високо. Замислете во која тоа земја се формирало Специјално Јавно Обвинителство за гонење на висок криминал, каде првиот човек тргува со материјали, за пари, за станови, за се?! Ние сме за Гинис по гнилежот кој систематски ( и системски, со криминогените закони) го произведува политиката. Ние сме зграпчени и оставени без здив од страшната мрежа на криминалци која врти огромни, вртоглави суми секој ден. Ние сме земја каде 20% од луѓето го имаат богатството на останатите 80%. Ние сме секојдневно ограбувани, осиромашувани, без некој притоа да одговара. Секоја наредна елита ги проштева криминалите на претходната и продолжува со нејзините “најдобри практики“. Всушност подземјето е истото и работи со сите алчни и ненаситни политичари.  И да потсетам. Корупција е, и секој партиски директор и партиска управа,  во секоја јавна институција. На ова инсистирам. Таму се местат тендерите, таму се организираат перални на пари. Тоа ја изеде државата сосема.

Верувам дека оваа мега афера (која дефинитивно ја запечати лажната надеж за датум за ЕУ) ќе однесе по вода неколку ликови. Некои маргинални, но и по некој капиталец. За да се одржи оваа власт, заедно со посрамотениот ( и посочениот во снимките) премиер до следните избори. Тоа му е последната карта во ракавот. Тргнаа веќе познатите шлепери на власта (добро подмачкани) да ги релативизираат процесите, да ни објаснуваат дека сме сведоци на историски момент на дефинитивно пресметување со криминалот. Никој досега не успеал, ама тие ќе расчистат се. “Рекет“ кој како ракета води до највисоките структури,  ќе бил катарзата. Само уште оваа “револуција“ која тече и камења влече, да не ја попречуваат неколкумина криминалци, еден суетен новинар и еден педер. Се друго си е на ред, и како треба. Единствено што повеќе никој не верува во ваквите детски бајки. Криминалец на криминалец очи не вади.

Затоа, ќе повторам. Не е до луѓето, туку до системот кој го произведува овој шкарт. Политичкиот систем мора да падне! А тоа само со “Рекет“ нема да се случи.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)