КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: „Френски ме куршум прониза!“

1403

Како може ставот на некои официјални бугарски политичари и некои политиканти околу нив, да биде ист со ставот на српскиот министер за надворешни работи, господин Дачич?!? Во генерална смисла кажано, тоа би било опишано вака – „сè до 1945 е бугарско, после тоа македонско“?!? Види мајката, од каде Ви текна оваа мудрост драги бугарско-српски пријатели?!? Има една наша, македонска, комитска, која вели – „френски ме куршум прониза“! Дали е повторно испукан „френскиот куршум“, драги мои браќа и сестри од Бугарија и Србија? Дали тој залет на бугарски триумфализам врз македонските патриоти е резултат на него? Што така „геројски“ прославивте дека Србија ја препуштила македонската историја на Бугарија? Па нормално, кога Србите се попаметни! Тие за себе си ја чуваат и ја имаат македонската сегашност и сакаат, ако се може, да си ја обезбедат и македонската иднина! За Бугарите не е проблем да остане историјата. Тие и онака во историјата живеат. И само за тоа говорат. Нешто ми мириса на бугарска манџа со српски зачин!

Работите стојат вака. Македонија е подготвена за вистината! Бугарија не е подготвена за промената! И обратно, МПЦ ја прифати промената! БПЦ ја отфрли вистината! Ова е апсолутна вистина и Ве молам веќе да не ми вриштите на уво! Не само досадни, туку сте и доста напорни, човек да Ве слуша. Или ќе ја прифатите промената или ќе си останете во историјата.

Во она време кога непријателството помеѓу Македонците и Бугарите беше природна појава, а неговите вистински промотори немаа потреба од ангажман. Доволно само да стојат на страна и да тријат раце. После нормализација на односите, тие промотори се најдоа во небрано, па засукаа раце и вредно работат. Како пчелки. Ја ораат официјална Софија како селска бавча! А Софија упорно одбегнува да ја види вистината, да се соочи со реалноста и да ја прифати промената. Софија по инерција продолжува со вековната погрешна политика кон Македонија. Како резултат на оваа иста погрешна политика на Софија, последниве два века, природно се појавуваат прво револт, а потоа и отпор кај македонските дејци, манифестиран со македонскиот сепаратизам, како резултат на што се појавува т.н. “македонизам”. Омразен токму од таа Софија. Кое чедоморство?!? Софија најмногу си го мрази своето чедо! А тоа чедо не е дело на никаква Коминтерна, туку е дело на слепата Софија! За љубов се потребни двајца. Така паднати во страстен љубовен занес, Белград и Софија на свет го донесоа своето чедо.

А за револтот кај македонските дејци? Да, за тој што е забрането да се говори и пишува и во Софија и во Белград. Е токму тој револт, јас денес во мене го чувствувам. Од мене извира. Природно ми доаѓа. Ми ја храни душата и дава сила да продолжиме по нашиот, македонски пат. Да живееме и умреме за македонската кауза! Македонската кауза е светост и за македонските Бугари. Токму тие кои ги има во Македонија, но ги има и милиони во Бугарија. Тие не се меѓудржавно прашање, туку внатрешен проблем во македонското општество. Македонското прашање не е меѓудржавно прашање. И не треба да биде. Тоа е наше, внатрешно, македонско прашање. На македонските Бугари не им треба ништо плус од македонската Република. Ним им треба само демократија и полна интеграција во македонското општество. Тие не се средство за поткусурување на бугарските политичари. Тие не се предмети. Тие се живи луѓе, со свои желби и планови. Со свои потреби и проблеми.

Официјална Софија изуми да ги праша тие живи луѓе, што мислат за себе? За македонското прашање? За македонската иднина? Сите добронамерници помеѓу нив, кои лично ги познавам, во целост ја прифаќаат заедничката историја и посебното национално чувство денес, кај нас Македонците, кое треба подеднакво да се почитува од двете страни. Само на „најтврдокорните бугараши“ од Македонија, кои во принцип работат за каузата на господинот Дачич, им смета нивната полна интеграција во македонското општество.

Македонските Бугари се македонски патриоти, без посебна национална свест, туку на поинаков начин го толкуваат македонскиот идентитет. Поинаку го поимаат. Но нашите дедовци биле едно исто. Како тоа, нивните дедовци постоеле до 1945, а нашите никнале преку ноќ, наредниот ден?!? Што се дедовциве, печурки? Тие луѓе, исто како нас, ги чествуваат Илинден и Гоце Делчев, имаат длабока почит кон македонската историја. Славиме исти херои, исти историски личности, говориме ист јазик. Тие луѓе се исто толку Македонци, колку што сум јас или било кој друг Македонец. Тие се нераскинлив дел од македонската политичка нација. Тие се жива македонска историја. Оттука нагласувам дека нивното прашање е внатрешно прашање во македонското општество. И повторувам, тоа е македонско прашање, тоа не е меѓудржавен спор. Нам ни останува да си подадеме рака, внатре во Македонија, и демократски да зборуваме за објективизацијата на историјата.

Најдобро е, официјална Софија само да го поздрави тој процес на реунија на браќата во Македонија. Да не подгорува раздор и непријателство, преку актуелизација на разни „миленки и мирковци“. Да ги тргне рацете од нив! Имаме договор помеѓу двете држави и мораме да го почитуваме. Се согласивме на заедничкото минато, но исто се заветивме на заедничката европска иднина. Ова што денес се случува во Софија, оваа какафонија по сите основи, ова е сè, само пријателство не! Ова не е во духот на меѓусебниот договор. Ова не е ниту бугарски национален интерес. Туку обратно, ова е потчинување на бугарскиот интерес под власта на туѓи интереси. Ова е само со една намера, да се навреди, да се понижи, да се оневозможи македонскиот национален интерес. Ви благодарам многу, драги браќа Бугари.

Кој Ви дал за право да го навредувате и омаловажувате мојот народ?!? Нели чувствувате срам од тоа?!? Моите Македонци се жртви на историските премрежја, а не џелати. Мојот народ истрпи колежи и палења. Македонските девојки беа жртви на милиони силувања. Македонските деца беа живи печени во фурни, пред очите на македонските мајки. Македонските деца беа бегалци. Зар мислите дека ќе Ви дозволиме да продолжите да ги навредувате тие деца, тие мајки? Арам да Ви е! Вие сте срам за Вашите дедовци и Вашите мајки! На многумина од Вас, мајка Ви е Македонија. Исто како на нас. Вие сте одродени од заедничкиот корен, а не ние! Вие сте слепи, како слепци се шетате и удирате на своите браќа. Арам е за татковците, да Ве гледаат вакви живи мртовци. Ние издржавме сè и останавме чеда на Македонија. Сите ние сме чеда на иста мајка. И македонските Бугари се чеда на Македонија. Наследници на оние кои загинале за слободата на Македонија. Зошто мислите дека ние не знаеме за Егзархијата? Или за турскиот референдум? Или за Берлинскиот договор? Зошто македонскиот апостол Дамјан, после формирање на Организацијата, заминал за Стамбол при егзархот Јосиф? Или за Смилево и Петровата нива? Или за македоно-ординското ополчение? Или за Охридско-дебарското и Тиквешкото востание? Најдобро е Вие да се погледнете во Вашето огледало! „Френски Ве куршум пронизал!“

Официјална Софија, се слушаме ли?!? Барам да се произнесете по ова прашање, директно и недвосмислено!!! Со едно дополнително прашање, Гоце Делчев бил Бугарин, зашто бил така роден или зашто Македонија мора да влезе во ЕУ?!? Очекуваме одговори! Доволно беше интриги и понижувања. Доволно беше работење на туѓи агенди. Туѓи интереси. Туѓи каузи!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)