КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Фабрики за џуџиња!

568

Ако си опкружен со џуџиња, не значи дека си џин! Секој еден од овие, моќник, функционер, политичар или било што, не влегувај во филм. Аман! Не си џин! Ама џуџињата те тераат на тоа?!? Тоа е така, во Македонија врие од џуџиња. Полни се улиците… полна е администрацијата… полни се политичките партии… полни се кафеаните… компаниите… ги има насекаде, врие. Но Вие, господо, нивни „раководители“, не сте џинови.

Редовно пишувам за тој ропски менталитет, за тоа изворно полтронство, кои управуваат со нашите животи. И ќе пишувам додека ме држи памет. Зашто тука е болката, тука е вистината, тука е причината за овој наш стил на живот. Овој наш лош квалитет на живот. Секој кој сака да го промениме ваквиот живот, нека ми помогне. Нека напише збор два на темава. Нека поразговара со семејството, фамилијата, пријателите, комшиите, колегите… со кој може… и нека каже збор-два на темава. Доволно е, збор-два… да се соочи со реалноста, да се окуражи, да се охрабри, да погледне дека неговиот шеф не е џин, туку просто џуџе. Кај за себе лошо, па и на шефот му прави лошо. Прави овој да се почувствува џин, па уште повеќе да го толчи и дотолчува. Го гази, буквално. Зајакот лежи кај џуџињата, не е кај џиновите. Ако џуџињата станат нормални луѓе, со кичма и достоинство, со дигнитет и интегритет, тогаш џиновите ќе се приземјат, ќе се соочат со својата маленкост, со својата реалност… всушност со вистината, дека не се ништо повеќе од џуџињата. Најмалку, ништо повеќе од нормален, обичен човек, кој наутро оди во тоалет, седнува на истото место и го прави истото тоа, што го правите и Вие џуџињата. Само замислете ги џиновите во таа позиција и доволно е! Ќе разберете што сакам да Ви кажам.

Тука е изворот и на едно деликвентно поведение, а тоа е промоција на култ на личности. Точно, на џиновите тоа им одговара, да ги обожувате, глорифицирате, да им коленичите… токму тоа им создава чувство на џинови. Но вината е во Вас џуџињата, за појава на феноменот „култ на личност“. Од тоа сериозно сме унаказени. Посебно „славјанскиот свет“, насекаде околу нас. Имаме некој природен порив, да создаваме погрешна перцепција за личности. Да ги идеализираме. Да ги издигаме до небесата. Последни примери? Па еве, господинот Никола Груевски и госпоѓата Катица Јанева. До ден денес, и покрај сите случувања во последниве години, сеуште е жив култот кон личноста Никола Груевски. И на моменти се засилува. Како да Ви објаснам дека и Никола наутро оди во тоалет… дека има милиони маани… дека е обичен човек? Сеуште имам надеж дека ќе разберете. Еве другиот пример со Катица, една исклучително просечна личност, со милиони маани, Вие ја направивте жива божица по македонската земја. И двајцата, ги глорифициравте, ги издигнувавте до тие височини, да после се, до тој степен да се разочарате од нив. И сега би Ве прашал, зошто ги глорифициравте?!?

Состојбата по институциите е очајна. Како дојде некој да биде шеф, било министер или директор, па и да бил целосно нормален човек пред да дојде на позиција, од ова џуџињава и заразата, полтронството кое го нудат, го полудува шефот и си го зема умот низ нозе. Типот си станува џин. Оди после врати го. Ајде обиди се. Безнадежно е! И за него и за тие околу него. Станал министер и започнал да толчи народ. А типчето не знае дека министер е всушност слуга на тие што ги толчи. Ама кога му се дало, тоа е. Кога неговите работодавци, наместо да го контролираат и вразумуваат, тие му нудат бескрајно полтронство, тогаш министеров од слуга, станува господар. Ако околу него има нормални луѓе со интегритет, а не џуџиња, овој нема шанси да се вивне во облаци и да стане џин. И тој ќе си остане нормален. „Со кого си, таков си“ – редовно ми повторуваше баба ми. Ако си со нормални достоинствени граѓани, и ти ќе бидеш таков. Ако си со џуџиња, ќе станеш лажен џин. Ќе добиеш лажна претстава дека си џин.

Политичките партии се ран рана на оваа тема. Тоа се фабрики за производство на џуџиња. Повеќе од пчелни кошници. Тоа е до тој степен закиселена атмосфера, што едноставно не трпи нормалност. Задолжително создава џуџиња. Тие џуџиња се вредни, започнуваат со посветена работа, нон стоп работат на своето полтронство и од лидерите создаваат џинови. Напорно работат на култ кон личноста на големиот лидер. Има толку вредни џуџиња, што цитираат стихови од Библијата, кои го надовестиле доаѓањето на големиот лидер. Се сеќавам на едно будалче и кај нас во ВМРО ДПМНЕ, со голема желба да врти околу палатата, ако се може да влезе во неа, цитираше стихови од Библијата, за она несреќното поклонување на Христијан на митингот во Штип. Јас бев на тој митинг, до тој степен останав збунет, го напуштив челното место пред бината и прво што направив, го известив лидерот за моето мислење. Секако содржината на известувањето си останува помеѓу нас, но до ден денес се чудам како постојат луѓе кои во тој чин гледаат пророштво од Библијата?!? Што мислите, кој е во право, јас со забелешката или оној со Библискиот цитат?!? Моето прави лидеров да остане нормален или да се нормализира, а ова на будалчето, прави лидерот да стане џин. Кој греши тука, кој е будалчето?

Нејасно е зошто откако некој ќе забега во „џин филмот“, не наидува на осуда, туку уште повеќе наидува на рој од џуџиња. Тоа некако природно си доаѓа. Џуџињата си создаваат џин, како пчелките што си создаваат матица. Но пак има проблем. Матицата заминува, ги напушта пчелките, како што секој џиновски лидер ги напушта партиските џуџиња. Така се сеќавате како големиот џин Никола ги напушти вредните џуџиња околу себе. Нели се сеќавате? Или големата џиновска Катица, ги напушти… таа пак, таа… мислам дека и самата не знае што напушти.

Затоа е време за отрезнување. За затворање на фабриките за џуџиња. Било тоа да се политички партии или институции. Не ни требаат џуџиња. На Македонија не и требаат робови, џуџиња, исплашени граѓани. Ни требаат достоинствени граѓани, за и самата Македонија да е достоинствена држава. Има една која вика, „каков народ, таква држава“! Со џуџиња, имаме џуџеста држава. Или лажно џиновска држава. Нели и тој феномен го имаме. Македонија до Индија! Знаете нели? Со ропски народ, ропска држава. Со достоинствени граѓани, имаме и ќе имаме достоинствена држава.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)