КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Убиј го гласникот!

532

Непримерна политичка борба на политичката сцена во Македонија. Дали е тоа нешто ново? Секако не! Но до кога вака? До каде вака? Има ли крај на ова безобразие? Кога ќе се присетам, далеку поморално изгледаше политичката сцена на крајот на минатиот век во земјава. Барем на мене таков ми е впечатокот. Овие денешни подметнувања, дискредитации по нарачка без некој основ, понижувања, говор на омраза… и сето тоа организирано од еден или два центри во земјава, навистина е без преседан.

Драги политички „големци“, ако не Ви се допаѓа пораката, најлесно е да го убиете гласникот. Но тоа нема да ја промени грдата слика за Вас! Напротив, само ќе ја направи појасна, појасна за народот да може подобро да види на што личите и што правите. Едноставно е непримерно да биде дискредитиран и омаловажуван секој еден граѓанин на Републиката, кој не размислува како Вас. Не е во прашање само Вашето ниско ниво на демократски капацитет, туку и Вашето домашно воспитување. Овој начин на „водење“ на политиката, до тој степен ја дерогираше самата политика, што граѓаните веќе не сакаат да имаат никаков допир со неа. Граѓаните избегнуваат да слушаат политика, а не да се занимаваат со истата. Тоа е најдобар начин да постигнеме до тој степен на резигнираност, што на следните избори, тешко кој ќе излезе да гласа. Така се нарушува стабилноста на политичкиот систем во земјата. На демократскиот систем. Или можеби тоа Ви е и намерата? Ништо не решава убивањето на гласникот. Бидете мажи, ислушајте ја пораката, кажете благодарам на гласникот, па потоа најдете начин да се соочите со предизвикот. Тоа е примерно поведение за прво одделение. Не е само за политиката.

Имено, во овој момент нашата земја е претставена пред светската јавност како лулка на цивилизацијата… не, не… секако се шегувам! Претставена е како кралица на лажните вести. Нешто што во овој момент се прифаќа како современ тероризам. Да, буквално така, современ начин на тероризам. Се врши терор врз сопственото население или врз друга земја, зависи од нарачката и нарачателот. Се бомбардираат луѓето со лажни вести и на тој начин се загрозува нормалниот начин на живот. Тензиите се до тој степен високи, да во земји како нашата, настануваат чести конфликти помеѓу поединци или групи. Целта е да се сврти вниманието од реалноста, од фактите, а да се насочи „народното расположение“ кон некого или против некого. Притоа, не станува збор само за гол популизам или пропаганда, што се вообичаени скоро насекаде низ светот. Станува збор за буквално отстрелување на личности. На конкуренцијата се гледа како на смртен непријател, се констатираат носителите на конкурентната понуда и истите се предмет на јавен линч. Без разлика дали предмет на насилство е жена или маж, партиец или не… се удира врз секого кој различно размислува… притоа се користат и злоупотребуваат семејства, приватност… сè што ќе им падне во раце на насилниците.

Зборуваме за насилници. Не мислам на оние улични насилници. За жал, мислам на личности што се претставуваат како „новинари или аналитичари“. Тие се носители на тоа насилство, на тој јавен линч врз некого. Тоа по обичај е нарачано од највисоките кругови на политичарите, лично менаџирано и користено за лични пресметки. Постојат десетици признанија на такви „новинари“ по нарачка, т.н. веб портали и сл., кои не се воздржуваат да кажат дека месечно примаат паушали од 1000 евра па нагоре, за по нарачка да лиферуваат лажни вести и да му го уништат животот на еден човек, кој замислете се дрзнал да размислува различно од големиот лидер, нарачател на тој линч и плаќач на тој „новинар“. Етиката не ми дозволува истото да го објавувам. Но во исто време го задржувам правото на овој начин да ја известам јавноста за постоењето на целосно организирани и добро платени мрежи за ширење на лажни вести и за „убивање на гласници“!

Социјалните мрежи се приказна за себе. Тоа е нешто кое ги надминува и очекувањата на најголемите оптимисти во светот за тоа, до кој степен може да се злоупотребуваат. Па имате ликови кои целосно се реализираат преку користење на астрономски постигнувања во навредите, ликови кои се добро платени тоа да го прават, но и такви „будалчиња“, кои убедени дека ако тоа го прават, ќе бидат сериозно унапредени во кариерата. Тука секако најдобро организирано е „дувлото“ во мермерната палата, каде работат десетици млади луѓе на продуцирање на лажни профили, лажни групи и портали со цел лиферување на лажни вести. До тој степен се усовршија во своите недела, што последниве две години започнаа да создаваат и „карактерни ботови“. Тое е лажен профил кој ќе успее да Ве убеди дека е реален и чесен граѓанин на Републиката, загрижен од она што го работи „гласникот“, предмет на отстрел. Ова беше до тој степен згрозувачко, што лидерот на Европската народна партија, господин Жозеф Дол, еврокомесарот Хан и другите од раководството, побараа од господин Христијан Мицковски итно да ги прекине сите такви активности и да ги растури тие организирани групи за насилство врз граѓаните. Период после тоа, месец или два, активностите намалија, за денес да имаме состојба која ги надминува и оние забегани ситуации од времето на најтврдиот груевизам. Истите методи, истата реторика. Работава нема дно. Глупоста нема крај. Дополнително интересен за набљудување е случајот „претседателски твитер“, каде екипа од кабинетот на еден поранешен претседател на Македонија и вработени во Агенцијата за разузнавање, создадоа т.н. „руско дувло“, кое злоупотребувајќи службени и класифицирани информации, вршат најбезобразна кампања на твитер, отстрелувајќи плејада личности кои не размислуваат како нив. Тоа е директна злоупотреба на службената положба и овластување и директно прекршување на Законот за класифицирани информации.

Како понатаму? Едноставно, одиме напред во борба против таквите насилници во политиката. Против тие мали диктаторчиња. Против таа распашана група, која инсистира да не живееме нормално. Кои живеат за да уништуваат туѓи животи. Кои поинаку не знаат… немаат аргументи… немаат разум… немаат домашно воспитување… имаат нарушена личност… се тоа собрано на куп, дава резултат на оваа ненормалност во која живееме. Дали тука е доволно да се бориме само ние како поединци? Секако не! Ова е тероризам, официјална форма на вршење на терор врз нашите граѓани. А токму тие граѓани и плаќаат данок на Републиката, да ги заштити од тој терор. Значи редно време е Републиката да изгради капацитети, институции кои ќе бидат овластени и моќни да се изборат со овој организиран тероризам во Македонија. Да го превенираат, но и да ги откријат и казнат сторителите. Организаторите на овој тероризам, организаторите на тие „дувла“, се директно кривично одговорни, за што државата треба да преземе мерки да го заштити државниот и јавниот интерес.

Најважно е сите поединци кои сме жртви на овие „дувла“, да не подлегнуваме на заканите, да не си наметнуваме автоцензура, да не им се повлекуваме… напротив, одлучно и храбро да чекориме во нашата борба, убедени во нашата вистина, убедени во нашиот краен успех. На тој тип политичари, кои хранат „дувла“, „новинари по нарачка“, „упатени аналитичари“ и сл., за кратко ќе им дојде крајот!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)