КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Прогресивни сили

595

Не се мисли на армии или специјални единици. Не, не, никако на „прогресивната советска армија“. Мислата е насочена кон политичките организации низ Европа, кои сè уште го живеат, кои го одржуваат во живот, сонот за Обединета Европа. Сонот на Жан Моне, Роберт Шуман, Конрад Аденауер, Алчиде де Гаспери, Винстон Черчил и други знајни и незнајни јунаци. Тие ликови се вечна инспирација за денешната генерација европски политичари. Денешната генерација е исправена пред голем предизвик, да се остане на заветот на татковците на модерна Европа или да се тргне по паметот на бумбарите?!? Да, да, тоа се буквално бумбари, кои бучно леткаат низ Европа, многу се упорни и отпорни, сè и сешто ветуваат, ептен се патриоти, само тие се борат за сигурност… но со сигурност ќе ја однесат Европа само на едно место, како секој бумбар впрочем… ќе ја однесат во „ѓериз“. Тоа се таканаречените популисти, ги има низ Европа уште од стар Рим, секогаш кога преземаат иницијатива, секогаш даваат ист резултат… беснеат војни низ Европа! Па мајка му стара, токму за да не се повтори војна во Европа, се создаде Европската Унија. За мене тоа се национал–популисти, на кои не им е местото на европската политичка сцена. Прогресивните сили треба да ја предводат Европа, во текот на овој 21 век.

Што можат „прогресивните сили“ да направат? Зошто пак јас, како Македонец, сум се запнал баш на оваа тема да беседам? Токму поради тоа што иднината на мојата Македонија, директно зависи од успехот на прогресивните сили, односно од неуспехот на национал–популистите. Тие кои сакаат да ги воскреснат духовите на „предвоена Европа“, сакаат да ја нема македонската Република од мапата на Обединета Европа.

За нас немаше место пред големата војна. Онаа Втората. Да не пишувам после Првата, како поминавме. Сите оние кои сонуваат да се врати состојбата од пред таа војна, сонуваат да ја нема и нашата Македонија. Не само да ја нема Македонија во ЕУ, туку воопшто да ја снема како држава. Ние Македонците имаме патриотска должност, да се бориме против тој национал–популизам. Да се бориме против тој евроскептицизам. Тоа директно ја поткопува, со намера да ја уништи нашата државност. Сите вие, намерно со мала буква, големи „македонски патриоти“, кои промовирате и се вложувате во евроскептицизмот, во промоција на национал–популизмот, било како изворно домашна или увозно европска мода, сите вие директно работите против македонската државност, против постоењето на македонската Република. Не сте ништо подобри од Бахтијар паша, кој ја срушил во пламен Крушевската република. Исти сте!

Прогресивните сили во Европа може да направат широка проевропска коалиција. Со тоа, сите ретроградни елементи да ги остават на маргините на ЕУ. Со тоа да промовираат Европска комисија (Влада на ЕУ), која за кратко време ќе започне пристапни преговори со Македонија. Дали е возможна таква широка проевропска коалиција? Секако дека е можна. Духот на европската идеја е жив. Ќе им даде сила и разум. Тие веќе ја организираа европската „тајна вечера“. Започнаа со разговори. Ако Европа од далеку изгледа како стара, изморена баба. Во неа има силна желба да успее. И ќе успее. Секако дека процесот го води Европската народна партија, како носечка политичка сила во Европа, но ракавицата ја прифатија и Партијата на европските социјалисти, Алијансата на либералите и демократите за Европа, Европската алијанса на слободата / Зелените, независни прогресивни европратеници… доволно се! Ќе ја биде Европа! Дали имаат предизвици? Спорови? Секако. Ги има премногу. Од различните политички платформи, идеолошки доктрини… до различни кандидати за претседател на Европската комисија. Сосема нормално. Сосема очекувано.

Точно, ова ќе бидат едни од најтешките преговори. Има многу „нови играчи“. Има многу млади политичари, кои овие изборни ветришта, на последните европски избори, ги донесоа на пиедесталот на европската политичка сцена. Вистина и многу млади политичари, како пријателот на Македонија, австрискиот канцелар Курц западнаа во криза, но сè е тоа во рамки на една политичка „нормала“. Битна е големата слика. Европските оптимисти ги има повеќе од доволно во Европскиот парламент. Најсериозниот кандидат за претседател на ЕК, Манфред Вебер истакна полна поддршка за „обединување на силите на народњаците, либералите и социјалистите“, за да се работи заедно, од сега па натаму. А сите тие обединети прогресивни сили се пријатели на Македонија. Можеме да здивнеме. Патот ќе остане отворен.

Еден убав сончев ден, без разлика дали во меѓувреме во Македонија се смениле 100 Влади, дали Заев пребродил или дали се исполнил сонот на Мицковски… или сосема трет ја завршил работата… Македонија ќе биде полноправна членка на Европската Унија. И во таа унија, македонскиот јазик ќе биде официјален и во службена употреба. Да, тој новопечениот јазик, без разлика дали Мисирков му бил татко или Коневски, тој ќе биде официјален. И да, заедно со бугарскиот јазик, ќе бидат официјални во ЕУ. И ќе си уживаат. Ќе си бидат двата најблиски и меѓусебно најлесно разбирливи јазици. Па ќе им се приклучат и други од групата „југословенско есперанто“… хаххаххаа… се смее… таму веќе има мноштво официјални јазици од групата словенски… па и албанскиот ќе стане официјален во ЕУ… и така ден по ден, ден за ден, ќе научиме дека јазиците постојат за да не обединат, за да воспостават комуникација, а не ровови, помеѓу нас. А тие национал–популисти, низ Македонија, Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово… кои денес заработуваат во име на „кавгата за јазиците“, ќе си останат без печалба… без работа… а јазиците, јазиците ќе си продолжат да си се сакаат и да си уживаат, ставајќи им се на располагање на оние кои доаѓаат, на располагање на сè уште неродените!

Прогресивните сили од Европа ќе мобилизираат и прогресивни сили на Балканот, а тие пак, ќе мобилизираат прогресивни сили во Македонија. Часот отчукува. Нема време. Нема време за печалбари на крилата на национал–популизмот. А сето тоа, на грбот на народецов ни напатен. Овој народ не е толку богат за да си дозволи луксуз, наречен национал романтизам.

Досега доволно плативме. Еден куп такви патриоти не соголеа до гола кожа, собраа сè што можеше да се собере и се дадоа во бегство по белосветските престолнини или плажи. Некој милум, некој силум. Ама на народецов, исто му се фаќа. А на крај, пак народот ќе одлучи. Ако Ви беше до сега убаво, ако сакате да си продолжите да живеете во „романтичен филм“, а децата да ни бегаат по белиот свет, тогаш продолжете. Продолжете да ја плаќате „високата печалба“ на политичките печалбари. Битно на увце ќе ви свират и пеат романтична музика. Онаа на национал–популизмот… онаа која толку многу убаво звучи… ама скапо кошта?!? Е да! Изберете!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)