КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Плагијатори во обид

511

Сите знаеме дека господин Христијан Мицкоски и неговата „Обнова за Македонија“ препишуваат како првачиња, уште незафатени со работава. И тоа е јасно! Но ајде малку да видиме што прави СДСМ. Дали господинот Зоран Заев и неговата „На прав пат“ акција, се така оригинални. Дали и тие си препишуваат, без разлика што се веќе во трето одделение и тоа при крај на училишната година. Можеби ние од „Македонски концепт“ сме во жаба, но се трудиме да бидеме оригинални. И ова не е нескромно кажано, напротив жива вистина.

Имено, кон средината на минатиот месец ние промовиравме еден проект „Државен шалтер“, на начин на кој го искажавме нашето генерално граѓанско незадоволство од квалитетот на услугите кои државата им ги пружи на граѓаните. Тргнувајќи од премисата дека државата постои само за да им служи на граѓаните, а не обратно, предложивме контактот граѓанин – држава да се одвива само преку единствен државен шалтер, каде не се прави разлика на услугата на ова или она министерство, шалтер на оваа или онаа агенција, дирекција… било која институција, туку постои само еден државен шалтер!

Нормално тука, прв во барата скокна Христијан со „дигитализацијата на државата“, во обид да плагира комплет сè, ама помина незабележан. СДСМ да не останат покусо, преку својот министер за администрација и информатичко општество, рипнаа директно во блатото. Во обид да испаднат поголеми плагијатори, од кралот на плагијатите, почитуваниот господин Груевски и од неговиот блед ученик, го воскреснаа распаднатото тело на „Националниот портал за е-услуги“, неуспешно породен во 2007/2008 година. Министерот Манчевски се пофали дека во моментов се достапни дури, замислете дури 127 услуги. Чудо да се чудиш. Па згора на тоа услугите ни ги донел до нашиот дом. Па над тоа, дека нема редови на шалтер, нема веќе „само да прашам“, „ти фали барање“, „кој ќе чека ред“… навистина чудо големо. Но дали е тоа така и дали власта ја разбра пораката од нас за „државен шалтер“ или се обиде само да ја поклопи. Јас мислам е ова второто. Па уште суетни, не сакаат да прашаат што е идејава, туку кај шуто и сака да боде.

Само на прв поглед на сајтот, забележуваш дека власта не нè разбрала. Ти нуди услуга на пример во Министерство за труд и социјална политика. Се логираш на сајтот за е-услуги, поднесуваш барање и ти соопштува дека сепак мора да го подигнеш документот повторно во министерството. Значи тоа не е-услуга, туку само апликација, која дополнително те довела во недоразбирање. Нема да завршам работа без да одам баш во тоа министерство и на тој нивни шалтер. Еклатантен пример е барањето за „Потврда за користење на право на детски додаток“. Дури трагично. Да се логираш електронски од дома. Нели така кажа министерот, услугата е дома?!? Па да оставиш така барањето… „отворено“. Дома де! И после сè по старо. Ставаш чевлата и патот пред себе. Да отидеш во просториите на Министерството за труд и социјална политика, пак на шалтер секако да си поминеш на редот „балкански“, да го подигнеш тоа барање, па да се вратиш дома да го потполниш, и тоа рачно, па да го скенираш, па да се вратиш на „новиов“ сајт за е-услуги, па да го прикачиш, е дури тогаш ќе поднесеш електронско барање. Чиниш сите сме специјалисти за ИТ науки и треба дома да имаме комплет опрема. Ако немаш скенер дома, трчај кај комшијата или барај копирница. Снајди се, вика овој е-сајтов. После пак да се вратиш на шалтер во министерство и да ја подигнеш потврдата. Бреееееј… чудо од услуга. Брза, квалитетна, иста како што наведува министерот. Па ако веќе одам на шалтер во било кое министерство, ќе си фатам по старо, ќе поднесам барање таму и ќе куртулам од „скен глупостите“. Трагедија е на кое ниво разговараме, но мора вака за да се разбериме.

Господа од власта, друго беше работава. Не да се шета народот по институции и да се враќа десет пати на ист шалтер. Туку да постои еден унифициран државен шалтер, за сè во државава, за сè… сите институции и „тој“ да биде насекаде присутен. Во секоја општина, школо, амбуланта, универзитет, супермаркет, трговски центар, автобуска станица… секаде каде имате причина да бидете присутни поради друга потреба, а не специјално да се насочите за да подигнете барање лично, а „е да аплицирате“. Тој државен шалтер да работи 24/7 и во недела, на местата каде се работи, како супермаркетите, дежурни амбуланти, транспортни станици и сл. Поднесувате барање на лице место, таму прават скен, не скен, сè што треба шалтерскиот работник завршува работа, зашто зема плата од човекот наспроти, што дошол да побара услуга. Граѓанинот не доаѓа со наведната глава, да моли за свои пари, и тоа да го моли човекот што го плаќа со свои пари, туку културно замолува за услуга од државата, за која однапред веќе платил. И не мора да биде ИТ експерт. Доволно е да биде само граѓанин со документ за идентификација и да знае што сака.

Наведен беше еден пример, поднесувате барање до Министерство за правда во школо, при носење на Вашето дете на настава. Позадинската шалтерска служба, тоа го скенира и распределува по ЕЛЕКТРОНСКА постапка. Дали се слушаме таму во Владата?!? Ние зборуваме за електронска ПОСТАПКА, не за апликација! Потоа, добивате единствен број на предмет, преку кој на секој шалтер, телефон или интернет пристап, ќе можете да проверите до каде е Вашето барање. Буквално во кое одделение на администрацијата е во постапка на обработка! Токму таа електронската постапка, а не апликација, ќе заштеди милиони од Буџетот на РМ! Милиони само од тони хартија која се расфрла на секој чекор, низ јавните служби во државава. Да не зборувам за заштита на животна средина и вклучување на Републиката во светските акции за блокада на производители на хартија, кои немилосрдно уништуваат милиони хектари шума, секој ден. За да ја создадат токму таа хартија, која ние после ја расфрламе, без никаква потреба. Тоа е господа „е-услуга“! Одговор на Вашето единствено барање, ќе подигнете на било кој шалтер, во било кое место низ државата! Со единствениот број, после добиено известување, дека постапката е завршена, Ви се доставува авторизиран одговор! Доколку тој одговор нема потреба од печатирана форма и доволно е само електронско известување, ќе добиете одговор по електронски пат… па препратете каде треба и што треба.

Буквално на ова „владиниов сајт за е-услуги“ не успеав да најдам една целосна електронска услуга, од апликација до добивање на документ. Или се аплицира на шалтер, или барање се подига од шалтер… не најдов услуга чиј целосен процес започнува и завршува „онлине“, без одење на шалтер. Бирократската, често и корумпирана постапка, воопшто не е ни допрена со владиниов, е-услуга проект. Се разбира нели!?!

Тогаш чуму овој театар? Се знае, да се покрие и занемари поквалитетно решение, само поради тоа што истото доаѓа од друго место, од опозиција или од друга организација. Само не владина. Мене работава многу ми наликува на она од времето на почитуваниот господин Груевски, „молчењето значи одобрување“. Бреееј… Со други зборови, вие само продолжете да молчите, секако дека ќе наидете на одобрување кај властите. Само останете така, молчаливи!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)