КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Нов македонизам

611

Плановите за обликување на иднината на Македонија и Македонците, по туѓ вкус, никогаш не престанале. Нема ниту следниве години. Секако има разлики. Бугарија сака да биде господар на минатото, а Србија и Грција сакаат да загосподарат со иднината. Сегашноста и онака е нивна. Во таа насока, „коридорот 10“ веќе работи со полна пареа на промоција на нов тип македонизам!

Грција е најмудра. Господарка на мислите. Грција е царица од памтивек до денес. „Северџанството“ е грчки проект. Со единствена цел да произведе токму тоа, северни Македонци – северџани. И која е таа мудрост. Кој е тој византиски метод. Асимилацијата врз Македонците ја спроведува преку „патриотите“, кои тотално несвесни ни промовираат северџанство и работат за грчките интереси. Капа доле Грци.

Северот, Србија и нејзините партнери, ништо не промениле со децении. Си ја тераат старата приказна. Македонците они ги создале, поточно големата сестра Русија, преку Коминтерната, а ние за тоа треба да им бидеме вечно благодарни. Имаат само една модификација, многу, многу опасна за нас Македонците. Тезата е, ако е ВМРО бугарска организација, а Гоце Делчев Бугарин, тогаш нема што да бидат дел од Македонија. Треба да им се препуштат на Бугарија и со тоа да ја ослободат Македонија од влијание на „коридор 8“. Многу, многу паметно. А Бугарија како секогаш, ќе се полакоми, ќе мисли дека нешто добила, ќе влезат во „српскиот филм“ и на крај ќе останат со „рачката од тупанот“. Со други зборови, ќе го изгубат и она последно влијание во Македонија.

Зошто го пишувам ова? Не дека сум загрижен за Бугарија, Србија или Грција, ами сум загрижен за Македонија. Наш македонски стратешки интерес е да воспоставиме баланс на влијанието на „коридорите 8 и 10“ во Македонија. Така сме најбезбедни. Така е осигурана македонската иднина на македонските деца. За тоа сум загрижен и за тоа пишувам.

Новиот македонизам во суштина ќе биде микс помеѓу двата интереси на „коридор 10“, односно помеѓу Србија и Грција. Ќе стои на старите „македонистички позиции“ воспоставени за време на социјалистичка Југославија, надограден и проширен со „северџанското лудило“ на посветените патриоти. Кој тоа може да го направи? Кој од Македонија? Се бараа опции. Заев или Мицкоски? Некој трет? Одлуката падна. Најдобро српско-грчкиот интерес ќе го реализира господин Мицкоски. Од неколку причини. Причини кои стојат во неговиот карактер. Прво, човекот е гладен за власт, а братска Србија и газдарицата Грција може многу да помогнат. Второ, Христијан е израснат во „социјалистичко семејство“, што значи есенцијата му е компатибилна со интересите на „коридор 10“. Трето, човекот нема доволно познавања од темата „македонизам“ и може да биде навигиран по дневна потреба на „сојузниците“. И така повеќе причини, да не ги редам… одлуката е падната. Христијан е најдобар за спроведување на „северџанскиот проект“ во Македонија. На таа асимилација врз нас Македонците, платена со наши македонски пари. Едноставно нова форма на „антиквизацијата“ на Груевски. Исто така асимилаторски проект на Грција, платен со наши македонски пари, поради кој го изгубивме името Македонија. Ако поради „антиквизацијата“ го изгубивме името на државата, сега поради „северџанизацијата“ ќе го изгубиме македонскиот идентитет. Ова само на Грција може да ѝ успее. Ова само Грција го може! Капа доле Грци, по втор пат.

Дали акцијата е започната? Дали Христијан започна со активностите? Секако да! Одамна. Уште пред претседателските избори. Уште пред референдумот. Токму проектот „бојкот“ на референдумот, беше дел од планот. Дали Христијан е целосно свесен што прави? Не сум сигурен! Но еве после ова писание, може да се преиспита. Ако продолжи во иста насока, тоа значи дека свесно прифатил да организира асимилација на Македонците, во замена за гола власт.

Како да ја препознаеме акцијата? Во повеќе наврати, господин Мицковски зборува за „враќање на македонизмот”, особено после доаѓањето на госпоѓа Силјановска во ВМРО ДПМНЕ. Професорката е идеопоклоник на интересите на „коридор 10“ веќе 50 години. Тука нема дилема. Дадените искази на митинзите за време на претседателските избори, а особено последната изјава за ТВ Сител, зборува за фактот дека господин Мицкоски не ја разбира суштината, токму на македонизмот. Премногу се изложи во јавноста, се покажа дека не ја владее материјата, за што беше потребна итна интервенција, за да биде покриен. Со цел да биде дополнет, господин Геровски и господин Неделковски искажаа низа анализи на темата македонизам, притоа внесувајќи „северџизам”, кој бил ист со „антиквизацијата” на господин Груевски! Добро утро! Фрливме „димна бомба“, го покривме срамот. Но не поминува тоа незабележано, драги мои. Мисли камиларот, ама мисли и камилата! Ве молам, тоа да не го заборавате! Секако тоа го забележа и чуварот на „северот“, господин Павловиќ-Латас. Побрза да го покрие срамот, фрлајќи ја добро испробаната бомба за замајување на народ, а тоа е „бугарофилството“ на оние кои оваа манџа не ја сркаат. Па не бев поштеден ниту јас, ниту моите пријатели и соработници. Во ред, сосема легитимно. Латас е чувар на северот, цел живот, па нормално е да се бори до крај за своето, северџанското. Но јас сум чувар на „македонското“, цел живот се борам за тоа и до крај ќе останам посветен. Жално е како македонските „патриоти“ во северџанството на Латас гледаат патриотизам, а во моето „македонство“ гледаат предавство. Ама тоа е што е, легитимна битка.

Почитувани господа Мицкоски, Геровски, Силјановска, Неделковски, Латас и сл. македонизмот е вода длабока! Ако продолжите на овој начин да го интерпретирате, Вие ја загрозувате иднината на Македонија и на македонските деца! Македонизмот може да го добие својот сјај, својата вистина, својата суштина само преку процес на длабока демократизација на македонското општество и објективизација на историјата! Сè друго што Вие правите и пропагирате, сè тоа е директна закана по државноста на Македонија!

Јас не оспорувам дека Вие имате право идеолошки да се самоопределите и да бидете блиски до советското поимање на македонизмот. Јас знам дека Вие доаѓате од советското минато. Но тоа не ме ограничува мене да Ви посочам дека повторното враќање назад, кон советското поимање на народите и на вистината за Македонија, ќе ја дотолчи токму нашата Македонија!

Господин Мицкоски, Македонски концепт е платформа за промоција на иновативни идеи, а не на плагијати! МК е за подобра Република на сите граѓани и тој е отворен и за Вас, и како претседател на партија и како универзитетски професор. Тука можете да предложите многу идеи од Вашиот делокруг на работа и професија. Но, Ве молам, да не го парафразирате МК во делот на „македонизмот“. Тоа не е Ваша тема, тука само преземете она што е објавено од нас. Без Ваши дополнувања, Ве молам. Особено за веќе објавени ставови на МК по прашањето за нацијата.

На крај, порака до сите Вас, лидерската екипа на дел од опозиционата сцена во Македонија (Мицкоски, Геровски, Силјановска, Неделковски и Латас), ова можете да го правите во Ваше лично име или во име на советскиот блок во ВМРО ДПМНЕ, но никако во име на ВМРО или на нас членовите, кои сме идеолошки припадници на ВМРО! Ова што го правите е сквернавење на Организацијата! На идеалите на ВМРО! Со тие перјаници околу себе, обидот на Мицкоски да се ребрендира, пропадна уште незапочнат! Повторно ја фати погрешната страна на историјата, тргна по советскиот пат, патот на туѓите бели дворови, патот кој не води никаде! Ние вмровците одиме кон Европа!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)