КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Македонска држава

1038

Генерациите кои заминаа, каузата за која се бореле, животите за која ги дале, не било тоа поради „идеалите“ на ВМРО ДПМНЕ или СДСМ или било која друга партија. Тие се бореле за едно, загинале за едно, каузата е една, тоа е воспоставување на македонска држава на територијата на географскиот регион Македонија. За тоа живееле, за тоа умреле. За тоа живееме, за тоа ќе умреме. За тоа ќе живеат, за тоа ќе умрат, оние кои доаѓаат. Тоа е каузата. Денес е сонот исполнет. Каузата стана јаве. Дај да направиме сè што можеме, да опстане она што е создадено. Да го надградиме, усовршиме, унапредиме… да ја направиме Македонија горда на нас. Државата има низа слабости. Тешко се живее во неа. Многу тешко. Од милион причини. Дел ќе ги наведам во ова писание. Ама ако… наша си е… таа е… таква е… Македонија е!

Тука царува партиската проституција. Тука клиентелизмот е развиен до максимум. Тука клиентелизмот е доведен до совршенство. Тука младите бегаат од тој скапан клиентелизам, не сакајќи да станат клиентела. Тука поискусните живеат во мачнина, гледајќи што пред очи им се случува. Тука е јад и чемер од овие наши бандитски здруженија, наречени политички партии. Ама ако, наша си е државата. Ќе се бориме, ќе ја поправиме таа работа. Не одете далеку од тука. Не се преселувајте по белиот свет. Останете. Ќе се бориме сите заедно. Да не им ја оставаме државата на шака непрокопсани. Ќе успееме. Ќе направиме политички партии, политички систем, политичари со кои ќе се гордееме.

Тука образованието е лошо. Не, не е лошо. Катастрофа е! Сите знаеме. Генерациите ги унаказивме. Кој помина низ овој систем на образование, остана засекогаш „без една рака“. Ама ако, наша си е државата. Такво е образованието, зашто ние сме го направиле такво да биде. Ќе го подобриме. Ќе го унапредиме. Ќе го средиме. Ќе биде најдобро на Балканот. Ќе успееме да создадеме идни нобеловци за егзактни науки. Секако дека знаеме каде е проблемот. Секако дека има решение. Ајде да се зафатиме за работа.

Тука здравството е очај. Ни умираат илјадници дечиња на смешни оперативни зафати. Глумци од доктори си играат играчки со иднината на земјата, со животите на децата. Ниту стар, ниту млад да не отиде на доктор. Вистинските доктори живеат во очај. Со најниски примања на светов. Понижени и обезвреднети. Оставени без основни средства за работа. Болниците се дното од сè она што значи објект во државна сопственост. Канцелариите на политичарите се најскапи и најлуксузни на светов. Но затоа, пак, болниците се дното на светов. Ама ако, наша си е државата. Ќе ги средиме. За тоа не треба повеќе од сто милиони евра. Ги имаме. Тука се. Секој месец политичарите крадат по толку милиони. Месечно. Само ако намалиме со крадењето, болниците ќе цветаат. Ќе бидат пример за сите останати. Докторите ќе бидат гордост на државата. Народот ќе биде здравствено заштитен. Среќен и задоволен. Малку треба. Имаме луѓе кои знаат како. Само да им дадеме да сработат. На вистинските луѓе да им дадеме да се покажат. Доволно ги толчевме вистинските, а ги истакнувавме бандитите. Време е за акција!

Правдата е слепа. Нееее, не е слепа! Неа ѝ се извадени очите. Бетер од на оние кутри илјадници Самоилови војници. Бетер! Многу е лошо. Читаме анализи, предлози, идеи… како до вистинска правда. Да бидам искрен, се ми е јасно, само за овој дел сум збунет. И не само збунет. Многу е лошо зашто немаме човечки капацитет да делиме правда. Врти сучи, на истото сме. Корупција до плафон. Судии пријавуваат во МВР „напад“ од обвинител. Господ бог да ни е на помош (се прекрстува). Ама ако, наша си е државата. Ќе најдеме чаре и за тоа. Ќе најдеме. Мора да постои. Мора да го има. Ако другите успеале, и ние ќе успееме. Ќе се препише некој модел. Ќе се прилагоди нешто. Ќе скрпиме нешто следниве години, за после десет години да го имаме трајното, одржливо решение. Мора да останеме оптимисти и тука. Ќе биде и тоа.

Безбедноста е нарушена. Безбедносниот систем девалвиран. Дерогиран. Јас би кажал и девастиран. МВР мака мачи да биде МВР. Мене многу ми делува на министерство за организирање на криминал. А не обратно. Па мислам дека најголемите бандити низ градов Скопје работат во МВР. Не знам зошто, но го имам тој впечаток. Ако ги анализираме момците, со амбиција да бидат министри во МВР, веднаш се добива нагон за повраќање. Освен што „милиција тренира строгоќу“ на обични и беспомошни граѓани, а сообраќајната полиција растури со радарите „на кои нема опција за бришење на снимка“, јас на друго место не го сретнувам МВР. Ограбуваат комшија, МВР е збунето, предметот не е евидентиран. Убиваат човек, МВР е збунето. Организиран криминал и корупција, за МВР не постои. Бегаат осуденици, МВР е „тамо далеко“. А бе и премиер избега, МВР заборави кој беше човекот. И каде. Агенциите за безбедност се приказна за себе. Во разузнавање, наместо со разузнавање, една екипа „талентирани момци“ се занимаваат со „рускиот бот центар“ на Твитер и ФБ. Тераат позадинска политичка агенда. Во контраразузнавање не знаат кој каде е. Тие, пак, после неколку пати, фатени живи како снимаат сè живо и мртво во земјава, веќе и светов не знае кое чаре да им го најде. За МО ќе се воздржам да коментирам, од професионални причини и стандарди. Ама ако, наша си е државата. Во безбедносниот сектор има илјадници големи професионалци. Тешки патриоти. Тие имаат потенцијал да ги средат работите. Само треба да ги ослободиме од политички прогон. Не притисок, ова не е притисок, ами прогон. Имаме шанса во наредниов период, со меѓународна поддршка, да завршиме добар дел од работата. Меѓу другото ќе бидеме и дел од НАТО. Само по себе, доволно е да се чувствуваме безбедни, барем во големата слика.

Во ред, вака можеме да набројуваме до илјада и назад. Сè е проблематично, ама ако, наша си е државата. Ние таква сме си ја скроиле. Ние сме ја подобриле или влошиле состојбата. Каква ќе си ја направиме, таква ќе си ја имаме. И на крај, државата е на сите нас. Сите граѓани на Републиката. Не, не е само на оние занесени „црвени аристократи“, комунистички возљубеници, кои мислат дека државата е нивна, а вмровците им ја киднапирале. Не, не е државата ниту на оние лажните, голи патриоти, кои себе се нарекуваат вмровци, а појма немаат што е тоа ВМРО. Тое се само лешинари. Чекаат што можат да „скубнат“ од државата. ВМРО е идејата за државата, а не идејата за „скубнување“ од државата. И двете категории се најлошото во оваа држава. Само поради тие две такви категории на бандити, живееме во ваков очај. Во вака лошо скроена држава. Тие не се повеќе од 50.000 лица, ама се така бандитско добро распоредени и организирани, што сите другите нас нè држат киднапирани. Време е да се ослободиме од бандитите и да се зафатиме за работа. Државата не чека. Наша си е, македонска. Ништо на светов немаме поважно од нашата Македонија. Ништо. Каде и да одиш, каде и да шеташ, поубаво од Македонија нема да најдеш!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)