КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Македонија е нашата партија!

1187

Стабилноста на државноста пред сè! Од тука и анимирањето на незадоволството на граѓаните од политичките елити не треба да се разбере во буквална смисла на зборот анимирање. Не поттикнуваме, не создаваме незадоволство, од проста причина што истото го има во изобилие. Ако тоа го правиме, во вакви услови, директно дејствуваме против стабилноста на државата. А нели рековме, прво државен, па останати интереси. Друго правиме, го насочуваме тоа незадоволство. Го насочуваме да не оди по патот на деструкција туку на база на таа огромна енергија да изградиме ново општество. Поинаква иднина од сегашноста. Да го ресетираме системот. Јас сум повеќе за она да инсталираме нов систем, поквалитетен, пофункционален. Систем кој ѝ личи на вистинска Република и кој создава фер општество.

Во овој момент државата е во политичка криза. Зошто? Огромен број на граѓани не се претставени од постоечките политички структури. СДСМ опаѓа, ВМРО ДПМНЕ не мрда од мртва точка. Заедно двете најголеми партии, едвај да анимираат 25% од населението. Тоа е веќе црвено светло. Тоа е пример „по книга“, за почетна фаза на длабока дестабилизиција на државата, на политичкиот систем, која може да прерасне и во институционална. Да повторам, нели се договоривме, правиме што правиме, државната стабилност пред сè! Во тој контекст, време е за активизам. Граѓански активизам. Политичките елити не дозволуваат таков активизам, надвор од нивна контрола. А самите не се способни да ја „контролираат“ ситуацијата.

Крајно опасно е да се остави неанимирано две третини население во земјата. Тие не се препознаваат во понудата. Не ја поддржуваат. Збоктисано им е. Разочарани од покерашкиот стил на власта, очајни од зихерашкиот стил на опозицијата. Без идеја, без понуда, само црнила, црнила и црнила… ништо суштински да не се менува. Тоа е исто така ситуација „по книга“. Момент кога елитите се потрошени, безидејни, не ја владеат ситуацијата, а таа си бара свој „јарем“. Си бара вентил да се испразни. Си бара прилика да се искаже. Си бара начин да се надгради. Во спротивно ќе експлодира. Ќе настрадаат многумина, а ситуацијата нема да се подобри. Затоа треба да се покаже патот кон конструктивноста.

Македонски концепт е таа можност, таа идеја, таа логика, таа шанса. Да го оглавиме тоа „незадоволство“, да ги анимираме тие граѓани и наместо кон деструкција да ги насочиме кон конструктивност и просперитет. Да се понудат идеи, кои ги анимираат тие граѓани. Е сега тука во буквална смисла на зборот анимирање. Да поттикнеме конструктивност, да создадеме понуда. Проекти кои граѓаните ги препознаваат за свои и потребни. Кои се општокорисни. Кои се во интерес на државноста. Истата ја надополнуваат. Ја надградуваат. Ја стабилизираат. Ставаат дополнителна арматура и бетон во темелите на Републиката.

Дали има предуслови за да се биде дел од Македонски концепт? Секако! Не правиме компромис со една работа, македонската државност! Или ја поткрепуваш или не?!? Безусловно. Тука нема оправдување или дилема. Ако твојата визија е опстојување на независна македонска Република, нејзино унапредување и продлабочување, тогаш твоето место е во Македонски концепт. Нас не нè интересираат скратени Југославии, алтернативи на ЕУ, први делови од референдумско прашање, оспорување на суверенитет и сл. Без разлика на причини и аргументи. Ама разочаран сум? Е ако де, биди си разочаран! Но со државноста нема компромис. Сите сме разочарани. Затоа сите ќе застанеме, рамо до рамо и ќе работиме, да бидеме се помалку разочарани, а сè повеќе задоволни.

Државниот пред партискиот интерес. Јас сум од оваа или онаа партија. Ако, биди си! Твоја работа, твоја определба. И јас сум дел од партија. Се надевам од идеолошки, а не од физиолошки потреби. Сега во овој момент на мојата партија ѝ одговара да се продлабочува граѓанското незадоволство. Не е важен државниот интерес, битно е ние да ќариме некој глас плус. Ааа, извини, ти не си за во Македонски концепт. Ние на работите гледаме обратно. Без разлика што ѝ одговара на мојата, твојата или на било која партија, ако тоа не ѝ одговара на Македонија, тогаш не го поддржуваме. Зашто Македонија е нашата партија.     

„Македонски“ е премногу ограничувачки термин. Во Македонија има и албански и влашки и српски и турски и ромски… да точно. Ама сите тие се македонски. Тоа е Македонија. Отсекогаш тоа и била. Лулка на различностите. Само Македонија знае како да ги зачува сите посебности, а да не ја изгуби својата автентичност. „Македонски“ е термин кој обединува. „Македонски“ е термин со кој треба сите да се идентификуваме. Од памтивек било така. Македонец е тоа, нашинец, човек кој живее, кој доаѓа од Македонија. Етничкиот идентитет е едно, „македонски“ е друго. „Македонски“ е државен идентитет. И Вардар и Шкендија се македонски тимови. И Мисирков и Шапкарев се македонски автори. И Петров и Сарафов се македонски револуционери. И Александров и Андонов Ченто се македонски патриоти. И Бранко и Амди се македонски политичари. И „Даути“ и „Витаминка“ се македонски компании. Тоа е нашата мисија. Тоа е нашата визија. Тоа е нашата цел. Сите да се идентификуваме со „македонски“, без било каков проблем. Ако ова го прифаќаш, твоето место е во Македонски концепт.

Партиите се здодевни. Компромитирани и милитарни организации. Ограничувачки. Не дозволуваат да размислуваш со сопствена глава. Ти ја тиштат креативноста. Немаат место за твојата идеја. Твојата визија. Те потценуваат. Те потчинуваат. „Внимавај, внимавај, не влегувај во лифт сега, претседателот ќе се симнува!“ – извика еден во мермерната палата и остана жив. Монти пајтон акција. Тие не ти даваат лифт да користиш заедно со тој пусти претседател, а не пак различно да размислуваш од него. Тоа е ерес. Ако сакаш своја глава на свои рамена, да мислиш со своја глава, што би рекле поискусните, твоето место е во Македонски концепт.

Сакаш да се бориш? Не се плашиш? Не те гушат лажни авторитети? Знаеш дека вака не оди? Работите не чинат? Треба да се менува сè од корен? Ти си за во Македонски концепт!

Имаш идеја? Знаеш како? Сакаш да ја оствариш? Ти треба поддршка? Ти треба шанса да ја промовираш? Така е Македонски концепт, да помогне.

И т.н. и т.н…. но сите т.н. се во овој дух, во оваа насока. Колку и да има ограничувања во нашите глави, едно е најголемо, најопасно. Тоа не ограничува да прогледаме. Тоа е стравот од новото, од поинаквото, од различното. Тоа е чувството на конформизам, чувството да се припаѓа некаде, во некој чопор, ако не повеќе барем да се чувствуваш „безбеден“. Да точно, но ако не се охрабриш, ќе живееме во ваква држава и во вакво општество, за кое сите тврдиме дека сакаме да го менуваме. Сега е моментот. Зашто Македонија е мојата, твојата, нашата партија.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)