КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Квислиншка Влада

174

„Квислинг” – помагач, соработник, слуга на окупаторот, предавник на татковината. Презиме на еден политичар од Норвешка, Видкун Квислинг, соработник со нацистите во воените години на втората војна. По „трагичниот крај” на војната за него и неговите пријатели, тој е прогласен за предавник. Едноставно е нели, дечкото застанал на погрешна страна на историјата. Како и да е, неговото поведение оставило трајно наследство, он да стане синоним во светски рамки за предавник на татковината, слуга на окупаторот. Но сликата за него, генерално е јасна. Има војна, нацистите воспоставуваат контрола врз скандинавските земји, инсталираат марионетски влади и управуваат по сопствено убедување и за свои интереси. Значи имаме окупатор – нацисти и соработници – Квислинг и другарите.

Остануваме на ист континент – Европа. Од Скандинавски, преминуваме на Балкански Полуостров. Неколку децении напред. Сега сме 2019 година, а нацистите се одамна поразени. Иста судбина во меѓу време ги снајде и комунистите. Победи слободарското убедување. Во рамките на таа војна против нацистите и комунистите, се роди идејата и стана реалност воен сојуз, наречен НАТО. Се роди и идејата, која стави крај на европските војни, а денес е веќе филозофија на живот и воспоставено уредување, наречено Европска Унија. Тука на Балканот се роди нашата мала држава, македонската Република. Се роди низ болка и страв. Многу мака и проблеми. Денес светот ја именува како Северна Македонија.

Тоа е историски процес, кој е комплициран до таа мера, што македонски политичари и политички субјекти, Владата која направила чекор за приклучок кон тој победнички воен сојуз НАТО и кон таа романса, наречена ЕУ, е именувана како квислиншка Влада. Тука веќе имаме голема дилема. Од многу аспекти. Прво ова го пишува припадник на политички субјект, кој токму тоа го користи.

На старт да појаснам дека, мојот став за Владата е исклучително критичен и сум целосно свесен за нејзината полна нефункционалност. Следна дилема е веќе суштина. Ако оваа Влада е квислиншка, тогаш мора да имаме квислинзи и окупатор на кој му служат предавниците. Еве да речеме дека членовите на Владата се квислинзи. Предавници, слуги, нечесници… секакви! Ама кој е тука окупаторот?!? НАТО е за нас окупатор?!? САД и нашите сојузници се окупатори?!? ЕУ е окупаторска сила?!? Па овие домашниве предавници им служат?

Многу, многу проблематично за објаснување од сите кои тоа го практикуваат, особено од страна на мојата партија, која е најсериозен политички субјект на политичката сцена. Дали тоа е од причина, што ние сме на заклучок дека НАТО и ЕУ ќе се распаднат, ќе ја изгубат историската битка, како нацистите на пример, па нивните „соработници”, тука во Македонија, ќе можеме да ги прогласиме за предавници? За да опстои Републиката секако, во новите услови кои ќе настанат.

А што правиме ако НАТО и ЕУ успеат, ако не пропаднат, ако Македонија целосно се интегрира? Тогаш ние ќе бидеме на погрешната страна на историјата. Тогаш кој ќе биде Квислинг?!? Дали сме подготвени ние да прифатиме да бидеме предавниците, зашто сме застанале на страната на оние кои ја изгубиле битката?!? Дали сте свесни што правите луѓе, кога го користите терминот „квислиншка Влада”?!? Се чувствувате многу јаки, големи патриоти, македонски херои?!? А што правиме ако „окупаторот” се реши да не именува како предавници, да не стави на листа на непријатели и легитимна цел на структурите на НАТО и ЕУ? На САД и сојузниците? Добро, свесни сте дека кога викате квислиншка Влада, директно им помагате на СДСМ? Дека директно ги навредувате нашите сојузници и ги нарекувате окупатори. На тој начин, со сила СДСМ им го правите единствен сојузник, тука во земјава. И после тоа што очекувате? Баклава?

Тоа да го практикуваат политички маргинални ликови и структури, е сосема разбирливо. Никој не ги разбира сериозно. Но што е поентава со „хероиве” од мојава партија? Се натпреварувате со некого, кој е поголем патриот? Имате потреба да се докажувате, колкави патриоти сте? Па тоа говори за друго. Дека се сомневате во сопствениот патриотизам, а тоа се манифестира со потреба од негово нагласување. Вие сериозно оставате впечаток дека сте се, само патриоти НЕ!

Во очи сме на претседателски избори. Имаме кандидат. Загрижува неговото минато, во оваа насока. Се разбира на сериозно, академско ниво. Но знаете, со кого си, таков си. Ако кандидатот е изложен на сериозно „патриотско” влијание, може да започне да развива некој појави, за кои и онака има одреден потенцијал. Онаа карактерна црта што ја негуваме, таа станува доминантна. Ако ја мотивираат и глорифицираат таа „херојската” карактерна особина на нашиот кандидат, тогаш сериозно сум загрижен дека и тој ќе влезе во „романтичен патриотски занес”, па ќе направи таква грешка во чекори, што не надојден Вардар, туку десет Вардари не ќе може да не исперат. Замислете, новиот Врховен командант на вооружените сили на РСМ, членка на НАТО, смета дека НАТО е окупаторска сила во нашата држава, воспоставена преку насилно инсталираната квислиншка Влада на РСМ! А самиот тој е Командант на НАТО армија?!? Кое лудило, која глупост извира од ова „хероиве”.

Имам само една надеж. Прво, кандидатот е жена, второ не е така без искуство, трето добро стои со разумот… иако нема се уште јасен став за НАТО, не верувам дека ќе влезе во тоа лудило. Ако не повеќе, барем женскиот инстинкт за преживување во неа, ќе ја насочи кон разумни решенија… решенија кои ќе бидат во насока кон посилна македонска Република. Само поради тоа, мислам дека жените се потребни во политиката. Имаат инстинкт, кој ние го немаме. Ние можеме само вреќа сол да изедеме. И покрај оваа, апла гола слика што Ви ја насликав во ова писание, повторно да продолжиме со истото лудило. Тоа жените знаат да го исконтролираат и насочат во интерес на сопственото преживување. И на своите, секако.

Зашто внимавајте, ако Заев е Квислинг, тогаш НАТО се окупатори, нацисти?!? Е тогаш веќе, имаме сериозен проблем со менталното здравје. Зашто да си дозволите, толку млада и сиромашна држава, да ја изложите на судир со „империјата од 21от век”, не е ништо повеќе, туку чисто предавство. Е тоа е предавство! На тој начин, Заев го правите патриот и херој, а Вие самите се впишувате на листата на „другарите на Видкун Квислинг”. Зашто НАТО ќе победи и НАТО ќе ја прави листата. Среќа што НАТО и ЕУ се носители на слободата, па не им се омилени листи. Ако победеа нацистите, тогаш тие ќе ја правеа листата. Тогаш хероите на денешното време ќе беа предавници, а Квислинг визионер. Размислете, крајно време е! А и онака немате уште многу време!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)