КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Изолационистичка еквидистанца или?

195

Македонската Република избира претседател. Измина двојниот мандат на претседателот Иванов. Често има забелешка, дека избираме „англиска кралица“. Премногу се оптеретуваме за толку небитна и театрална позиција. Претседателите немаат овластувања, сепак Македонија е парламентарна Република. И така низа забелешки, анализи, експертски совети. Но дали е така?

Киро Глигоров, носителот на „југословенскиот идентитет“ на македонската држава, кој така и ја именуваше, како поранешна југословенска, чиниш не смееше да биде свежо македонска, промовираше политика на еквидистанца. Дали беше Глигоров, „англиска кралица“? Беше се, само тоа не. Човекот, имаше акумулирано толкаво општествено влијание и толкава популарност помеѓу граѓаните, што Владата беше длабоко под неговата сенка. Длабоко. Некои викаат дека во обид на Владата, да излезе од таа сенка, настрада и самиот претседател, пред хотел Бристол. Од школата на Глигоров излегоа десетици видни политичари, низа од нив беа носители на печатот на Министерството за надворешни работи и како папагали неуморно повторуваа – политика на еквидистанца. Што беше тоа? Тоа беше политика на исто растојание, иста оддалеченост и од западот и од истокот. Од сите соседи и „грижливи“ пријатели. Малку беше слаб на северниот ни сосед, особено кон неговиот колега, претседател на остатоците од романсата, наречена СФРЈ, Милошевиќ. Но и тоа, на македонските граѓани им изгледаше нормално. Таа политика на еквидистанца, беше главната причина за сопирање на сите интегративни процеси на Македонија со нормалниот свет. Имам чувство, како да се чекаше „писмото од Београду“. Да и завршат маките на СРЈ, па заедно да тргнеме по патот кон сонцето. Мандатот на Глигоров му заврши, чекајќи да завршат маките на Милошевиќ. Завршија и двете маки. И македонската еквидистанца и српскиот изолационизам. Но завршија и двата ликови, нивни промотори. Историјата е немилосрдна. Времето не се запира.

Борис Трајковски, беше целосен антипод на Глигоров. На еквидистанцата и скрши кичма. Човекот, со сите негови мани, се растрча по белиот свет и најде низа пријатели на земјава. Од „југословенски остаток“, Македонија ја прикажа како самостоен играч. Ја отвори земјата за „западното влијание“ и започнаа процесите на интеграција со „нормалниот свет“. Дали беше театрален? Да, беше, ама никако „англиска кралица“. Иако сите очекуваа да биде обичен „поттрчко“ на Владата, чиј заменик член беше, пред да стане претседател, не испадна така. Ако треба со еден збор да се опише неговата политика, тоа беше политика на отворена љубов.

Бранко Црвенковски, македонскиот Диоген, кралот на цинизмот. Само на него му успеа да изгуби власт и да се врати повторно на иста позиција. Од најмоќната позиција во земјава, премиер, се одлучи да оди на позиција претседател. Зошто? За да се ослободи од моќта или од одговорноста? Од првото секако не, секако дека не посака да биде „англиска кралица“, но од второто и тоа како. Целиот период од неговото владеење, сакаше да избегне одговорност. Како млад премиер, се криеше зад Глигоров, а како претседател на Републиката, промовираше нов тип на политики без политика. Силно влијаеше врз Владите на СДСМ, но ништо помалку и врз онаа, првата на Груевски.

Ѓорге Иванов, човекот од катедрата за политика. Го сретнал Груевски, го импесионирал со познавањето на политичката теорија, главно од антички автори, па станал претседател. Да точно е тоа, дека многумина го потценија, па и самиот Груевски, но Иванов не претрпе никакви промени под влијание на „груевизмот“, туку обратно, силно го обликуваше. Превиен во наивност и молчаливост, многумина сметаат дека бил обичен извршител на Владата, но јас би рекол дека Иванов и даваше задачки на Владата и на самиот Грувески, на еден толку фин начин, чиниш ги замоли да ја „антиквизираат“ државава. Неговата политика на мистификација на Македонија и промоција на „античката слава“, предизвика изолационизам од „нормалниот свет“. Иванов стана лидер на изолационизмот, силно потхрануван од македонската фрустрација на криза на идентитетот.

Ако се’ ставиме на куп, дефинитивно ќе се согласите со мене, дека македонските претседатели се се’, само „англиски кралици“ не! Сите оставија длабоки траги во македонското општество. Но сега, сме пред избор на следниот претседател, кој истото така, да немате сомнеж, ќе остави свој белег на македонската иднина и судбина. Еквидистанца, отворена љубов, политики без политика или изолационизам, прашање е сега?!? Што ќе избере, што ќе понуди петтиот македонски претседател? Јас лично би бил најсреќен, ако е автентичен и доколку промовира „своја политика“. Така ќе се збогати спектарот на македонските политики.

Во овој момент, додека ова го пишувам, познат е само еден официјален кандидат за претседател на Република Северна Македонија, за прв пат жена, госпоѓата Гордана Силјановска – Давкова. Истата даде низа изјави, но и објави неколку клучни фотографии, со кои се идентификува себе си. За мене најголем впечаток оставија две од нив, едната на нејзиното семејно партизанско наследство и другата како соработник на Глигоров. Дали со тоа, нешто сака да ни најави професорката Силјановска? Дали ни најавува, дека е носител на „југословенскиот идентитет“ на македонската Република и возобновување на политиката на еквидистанца на Киро Глигоров? Дали треба да очекуваме враќање назад во минатото, пред повеќе од 25 години? Дали минатото, ни се нуди како иднина? Дали носителите на „вмровската Идеја“ тоа можеме да го прифатиме, со оглед на фактот што таа политика и тоа минато е целосна спротивност на самата Идеја? Дали тие слики, дополнети со онаа со претседателот Иванов, најавуваат политика на хибридна изолационистичка еквидистанца? Тоа значи ставање на „внатрешните прашања“ пред итната, нужна и неопходна „европеизација на Македонија“? Дали таа ќе биде олицетворение на „античкиот југословенизам“, на кој се навикнавме, највеќе за време на „Заедничка Македонија“? За мене е ова клучно прашање, на кое мора да добиеме одговор. Би посакал Силјановска, како кандидат на мојата партија, да излезе со јасно и недвослмислено оградување од политиките на еквидистанца и на изолационизам, а секако да најави автономна политика, која ќе биде достојна на новото време. Секако доколку сакаме да добиеме прва дама, претседател на македонската Република.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)