КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Една година потоа

547

 

Помина една година од Референдумот за промена на уставното име на Република Македонија. Ова е популарното, народното име на тој референдум. И што имаме денес? Молк! Молк од сите тие големи патриоти, бојкот лидери, загрижени политичари за идентитетски прашања… молк на сите страни. Дали е тоа реакција по инерција после бојкотот? После бојкот настапува молк? Не верувам. Вистината е дека сите тие душегрижници ја носат Македонија на совеста. Сите тие го заменија името на Македонија за личниот комодитет и заштита од одговорност на грст лица од стореното. Ништо повеќе. Затоа молчат, знаат дека извршија злостор врз сопствениот народ, извршија предавство на сите идеали во кои се колнеа, го излажаа народот со некаков си бојкот, а спасија еден човек. Макар тој се викал и Никола Груевски.

Јасно и недвосмислено беше посочено дека единствена опција за зачувување на уставното име на Републиката е масовно гласање „ПРОТИВ“ на денот на референдумот. Се сеќавате на она „Гласот против е глас за Македонија“. Илјадници граѓани тоа го разбраа и го поддржаа. Но повеќе од нив застанаа на страната на лагата, на страната на пропагандата, на страната на интригата, на страната на „Бојкот“. Со самото тоа одлучија „ЗА“ промена на името на државата. Тоа се случи. Историјата тоа го забележа. Нема враќање назад. Животот продолжува. Она што загрижува е што истите тие лица, никако да се освестат, продолжуваат по паметот на оние кои ги наведоа на тој срам, на тој лажен „бојкот“.

Истите тие големи „бојкот лидери“, кои се сокрија во мечкина дупка, ги наведуваат истите граѓани на нов срам, на нов бојкот на сопствената и на иднината на своите деца. Ги наведуваат на бојкот на плодовите од саможртвата на Македонија. Ако веќе плативме цена, превисока цена, тогаш зошто да не ги собереме плодовите од тоа што веќе е платено? Зошто истите лажни пророци, македонски душегрижници го наведуваат народот на уште поголем срам? Поради истата причина. Тие лажни патриоти не сакаат да го видат Македонецот на арно. Не сакаат да ја видат Македонија како успеала. Нивна задача е да ја дотолчат желбата за успех кај Македонците. Да направат да си ја мразиме сопствената држава. Да си ја мразиме сопствената нација. Да се мразиме самите себе. Така конечно ќе успеат во нивната намера тие „големи македонски патриоти“.

Еден пример говори за сè. Истите тие кои беа многу загрижени за идентитетот, за македонштината, токму тие се промотори на нов тип на идентитет „северџани“. Замислете, големите спасители на македонскиот идентитет, секојдневно упорно работат на уништување на тој идентитет. Никој во светот не го оспорува македонскиот идентитет, по основ на промената на името на државата во Република Северна Македонија. Само „големите патриоти“ самите на себе си наметнаа северџански идентитет. Кој срам! Кој пораз! Да не бевте толку „големи патриоти“ и да не бевте толку „загрижени“ за Македонија, ниту името на државата ќе се сменеше, ниту ќе постоеше нова поделба помеѓу Македонците на македонисти и северџани. Дно сте почитувани „патриоти“. Дно!

Што понатаму? Покрај сите овие црнила, секако дека извира надеж. Желба за напредок, за иднина. Сонцето пак изгрева. Се отворија перспективи, се појавија новости. Сега треба да направиме само едно. Само едно! Да престанеме да одиме по умот на лажните пророци, по умот на лажните патриоти. Фрлете ги веќе еднаш на буништето на историјата. Освестете се! Сега треба да ги собереме плодовите на саможртвата. За да се издигнеме како нација, духовно и материјално. Сега е моментот да понудиме иднина на живите и на оние кои доаѓаат после нас. Можам тоа пластично да го објаснам преку еден пример, за човек кој трча низ животот. Трчајќи се сопнува на камен и паѓа. Тоа е момент на одлука. Дали тој човек ќе се исправи и ќе продолжи да трча напред кон иднината или ќе остане цел живот на тоа место, ќе трча околу истиот тој камен и ќе плука и колне по него, зошто го сопнал? Јас го избирам првото. Јас Ве повикувам сите мои познати и непознати, да го изберете како мене, првото. Да се исправиме и да продолжиме по патот. Напред, кон иднината!

Сите Вие кои ќе одлучите да останете заедно со каменот, тоа е Ваша одлука, ја почитувам и Ве оплакувам. Но во исто време Ви напоменувам, немате никакво право да се лутите на сите нас, кои ќе продолжиме понатаму. Немате право да плукате на нас. Ваша е одлуката да останете на тоа проклето место. Не е наша! Лутете се самите на себе, зашто Вие така избравте. Бидете „мажи“, соочете се со сопствената грешка и преземете си ја одговорноста. Доста е секогаш други да Ви бидат виновни. Доста е!

Нема да биде фер ако само ова го посочам, а не Ве повикам сите Вас кои лошо одлучивте, да ја промените одлуката и да тргнете со нас на патот кон иднината. Сите заедно да одиме на патот кон сонцето. На патот кон слободата. На патот кон државноста. На патот кон благосостојбата. Не смееме да бидеме себични. За секого има место во иднината. Сега е моментот на таа одлука, додека сè уште се чувствуваме исти, додека имаме заедништво, наследено од предците. Додека сè уште го имаме она „нашето“, она „нашинец“. Многу лесно ќе се случи да се заборавиме. Не е таа среќа, ако некој „нашинец“ не е среќен. Најсреќни ќе сме, ако сите заедно ја споделиме таа среќа. Ајде сите заедно да тргнеме по патот на заедничката среќа. Не носете повторно „бојкот“ одлука. Не се сопнувајте повторно на истиот камен. Нема потреба од повторно паѓање. Од нова саможртва. Сега е време за издигање, за растење, доволно беше паѓање.

Македонија е на сите нас, граѓаните на Републиката. Година подоцна, остана исто така. Така ќе остане и низ годините кои доаѓаат. И тие после нив. Никој нема да ни ја земе. Ние треба да одлучиме на кој ќе ја оставиме. Ќе ја оставиме на „нашинците“ или ќе остане ничија земја. Тоа ќе биде само наша одлука. Јас одлучив, „Македонија на Македонците“. Македонци сме сите подеднакво, граѓани на Републиката, без исклучок. Така тоа го поимале предците, така треба и да остане.

Петар Богојески с.в.