КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Европско ВМРО ДПМНЕ

161

“После внатрепартиската криза на идентитетот на ВМРО-ДПМНЕ, конечно можеме да констатираме целосно реформирана политичка партија, пример за останатите сестрински партии, членки на Европската народна партија. Таа криза, како резултат на деспотското владеење на претходниот претседател Груевски, остави лузни на лицето на ВМРО-ДПМНЕ, но тие лузни се повеќе симбол на зрелост и стекнато искуство, а помалку срам. Од кризата се излегува со заедничка волја на сите активисти на партијата, сплотени околу заедничкиот интерес, ВМРО-ДПМНЕ повторно да биде победничка партија. Сега сме подготвени за претседателски избори, за победа на тие избори” – изјави Трпе Трпевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, експерт за односи со јавноста и добар познавач на состојбите во партијата.

Имено, соочени со слабиот рејтинг и лошото наследство од периодот на последните Влади, кој кулминира со филмското бегство на поранешниот претседател Груевски, во ВМРО-ДПМНЕ се промовираше новиот политички курс. Претседателот на партијата Христијан Мицковски, во очи на Претседателските избори 2019 година изјави – “Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ во име на партијата и целото членство, се извинувам за сите непријатности и негативни случувања кои се ставаат на товар на ВМРО-ДПМНЕ, а во суштина се причинети од страна на неодговорни поединци од поранешното раководство. Во целост се оградувам од било кое влијание на истите тие поединци, а пред се од поранешниот претседател Груевски, во понатамошното дејствување и функционирање на ВМРО-ДПМНЕ. На Груевски му е одземена позицијата почесен претседател на ВМРО ДПМНЕ. Сите оние кои беа учесници во тоа управување со партијата и државата во минатиот период и кои се директни предизвикувачи на граѓанското незадоволство, очекувам да се повлечат од сите партиски функции следните десет дена. Ги повикувам сите членови на партијата, но и сите граѓани на Република Македонија, да се обединат и да го подржат кандидатот за претседател на Република Македонија, кој ќе биде промовиран на партиската Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ”.

Потоа следуваше промоција на новиот партиски Статут и новата идеолошка доктрина. Партијата и самиот претседател Мицковски се надминаа себеси, без разлика на фактот што предлог-Статутот и новите политики беа промовирани од страна на Внатрепартиската иницијатива за реформи, истите ги прифатија и промовираа за официјални. Тоа предизвика бран на поддршка кај пошироката демократска јавност, но и во партнерските политички партии и политичари од Европа. Партијата целосно се демократизираше, како резултат на што во целост опаднаа внатрепартиските антагонизми. Промовирани беа нови органи и тела на Партијата, за кои подетален преглед пренесуваме на следниов линк.

Мицковски истакна дека успешно се изгради свест за припадност на ВМРО-ДПМНЕ на сите нејзини поддржувачи. Таа веќе не е партија на една тесна група луѓе, пред се на „светото тројство, таткото Сашо, синот Никола и духот Мартин.”

„Јасно е дека во партијата постојат различни интересни групи. И тоа е сосема нормално, така е во целиот демократски свет. Но сега, ВМРО-ДПМНЕ има вредност плус, а тоа е изградена толеранција кон различното мислење и чувство за интересот на другиот. Отворената дебата по сите прашања е општо прифатена и поттикната од сите учесници во органите и телата на партијата” истакна Мицковски. Согласно новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ, промовиран е управувачкиот Совет на ВМРО-ДПМНЕ, по примерот на најдемократските политички системи, особено оној од САД, кој се избира за период од една година и раководи со партијата, како колективен орган. Истиот се избира од страна на ЦК, секоја година. Како директна последица од “цврстото владеење# на Никола Груевски, овој колективен орган е најдобро компромисно решение, кое ги обединува сите интересни групи и истиот во целост ги артикулира различните ставови по многу прашања. Констатирана е свеста дека без компромис и обединување на сите партиски активисти, не е можна победа на било кои избори.

Тоа создаде силна енергија кај сите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, а особено значајна е подготвеноста на партијата да излезе на предвремени Парламентарни избори, со Христијан Мицковски, како кандидат за претседател на Владата на Република Македонија. Сето ова претставува силен удар за клиентализмот и дворските игри во мермерната палата, која за краток период ќе биде напуштена од страна на ВМРО ДПМНЕ, во нови современи простории во центарот на Скопје. Сите обединети за силна идеја, а не за поединци.

Очекувањата за можен кандидат за претседател на Република Македонија се различни, но мнозинството се повеќе стои зад идејата, тој или таа да биде човек со силен професионален и личен интегритет, човек кој има големо разбирање за државните интереси на Република Македонија, но и да е силен поддржувач на идеолошката доктрина на ВМРО и ВМРО-ДПМНЕ. Тој човек ќе биде предводник на евроатлантските интеграции на македонската Република. Околу него ќе се обединат сите граѓани, без разлика на националниот, верски, партиски или друг вид на идентитет. Се внимава, тоа да не биде човек кој е транзициски профитер, кој не бил активист на други политички партии или учесник во мрачните транзициско – криминални Влади на Република Македонија и најкриминалната приватизација во сите посткомунистички држави во Европа. Тоа треба да биде човек кој доаѓа од иднината, а не од минатото. Човек кој ќе биде персонификација на идејата на европско ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)