КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Две сложни сестри

568

Функционална демократија постои само во услови на јасно, идеолошки, материјално и организациски поделени две политички структури, кои се нарекуваат власт и опозиција. Тоа во Македонија го нема. Имаме многу партии, но немаме суштина. Суштинска поделба помеѓу власта и опозицијата. Елитите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се две сестри близначки, од една мајка и еден татко. Функционираат под една капа. Користат еден памперс. Народот ја знае онаа „Мурто и Курто“… но треба да знае и малку повеќе за тоа. Не е работата толку наивна.

После скандалозната одлука на Советот на Европа за неотпочнување на пристапни преговори оваа година, стигнаа низа, низа дипломатски пораки. Која битна, која небитна… но една помина така незабележана. Намерно или ненамерно пропуштена вест, но добронамерно кажана од дотичниот дипломат, кој толку многу е напаѓан последниве денови. Тоа посочи дека ние сме затворено општество и држава која е управувана од неколку фамилии. Пазете, неколку фамилии! Потенцирам, неколку фамилии! Сè е веќе кажано. Сè! Почитуван господине дипломат, се согласувам со Вас, преку 102,54%… според мерната скала на македонските политичари. Кои се тие фамилии? Дали сте се запрашале? Кој ги наметна да бидат во таква позиција? Без притоа да навлегуваме во теории на заговори. Тука лежи и одговор на прашањето, кој го создаде ВМРО ДПМНЕ, кое е омилено помеѓу моите сопартијци. Зошто никој нема дилема кој го создаде СДСМ. Тука е јасно. За да биде појасно, истите тие го создадоа и ВМРО ДПМНЕ. Без да навлегувам во личните мотиви или улога на поединци. Голем дел од нив, до денес се убедени дека тие имале клучна улога, а јас ја потврдувам нивната искрена намера и вистинска верба дека создаваат опозиција. Тие луѓе не знаеле дека „квачат над кукавичко јајце“. Така се создаде „македонската опозиција“. Завршен чин.

Која е задачата на создавачот на власта и опозицијата во земјава, во периодот после нивното создавање? Па се знае, да се одржат во живот своите чеда, двете сестри близначки, да пораснат и да проголтаат сè околу себе. Да оневозможат создавање на вистинска македонска десница, реална, идеолошки профилирана, зашто едната сестра која има улога да глуми десница, ќе остане без работа кога ќе порасне. Другата, левата сестра и онака нема потреба да глуми, таа е хард левица, по хард амин. До ден-денес, родителите покажуваат огромна посветеност и вистинска грижа за своите деца. Ги чуваат како очите. Прва грижа е да не дозволат сестрите меѓусебно да се испотепаат. Мора да има високо ниво на координација и субординација во клучните прашања. Особено кога се на семеен ручек кај своите родители. Таму секогаш работите се решаваат на високо ниво. Достоинствено и „чесно“, како што и доликува за едно тесно семејство.

Сите се прашувате, зошто нема резултат од заканите на СДСМ кон ВМРО ДПМНЕ и обратно? Зошто сестрите никогаш не се степале? Па срамота е да се тепаат две сестри. Како после ќе им излезат пред очи на своите родители? И така си поминаа 30 години. Сестрите пораснаа… променија повеќе лидери… мислев партнери… но си останаа исти, заветени на семејната заклетва. Интересно е да се напомене дека без согласност на родителите, ниту една сестра не смее да промени лидер… простете партнер… зашто само ако една од нив се заљуби во ново вистинско момче, може да избега од домашниот завет… работите да избегаат од контрола… и едната сестра да стане вистинска опозиција! Може сè, само тоа не! Во Македонија не смее да има вистинска опозиција! Не! Секогаш кога се прашувате кој го избра новиот лидер на ВМРО ДПМНЕ, треба да знаете дека тоа го направија родителите на партијата. И престанете со тие прашања. Тоа момче… простете лидер… секогаш е однапред внимателно израснат во рамките на „фамилијата“, грижливо чуван и просветлуван во името на „семејната вистина“, па доколку е разумен и се заколнал на лојалност кон фамилијата, подоцна е одобрен за лидер… простете момче на сестрата. Бракот е одобрен, па се организира свадба… простете „Конгрес“… на кој се објавува „белиот чад“… имаме папа! Простете лидер. Покасно постапката се повторува, за да се најде ново момче на другата сестра… да не се лути… да не остане немажена… не е фер. И сè така, во рамки на фамилијата. Или на неколкуте фамилии, за кои ни соопшти драгиот ни дипломат.

Сега јасно ли е зошто сме на ова дереџе? Зошто ништо не се менува, а сите се колнеме во реформи и промени? Зошто во Македонија нема правда? Зошто нема реална измена? Зашто нема вистинска опозиција, ете затоа. Кога ова би го прочитале закоравените „патриоти“, мои сопартијци, ќе се убијат од плукање. Ќе се удават во својата плунка. Но длабоко во себе знаат дека сум во право. Само суетата не им дава да си признаат. Среќа што ретко читаат, па ќе останеме поштедени. Јас од плуканици, а они од пуста јанѕа во душата.

Време е ова да го промениме. Време е за вистинска опозиција! Дали ВМРО ДПМНЕ може да биде тоа? Секако да! Но ако најдеме арслан момче, да ја земе ќерката под рака и да ја ожени вистински. Во спротивно, мора да се бара и момче и невеста на друго место. Од друга фамилија.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)