КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: „Газ за власт“!

498

Власт, власт и само власт е во главата на некои луѓе. Во ред, за тоа постојат политичките партии, но не на овој начин. Даваат „газ за власт“. Срамота! Знаете на кого не му се дава власт? На оној кој најмногу ја посакува. Оној што е болен за власт. Оној кој нема ниту чест, ниту мерка во ништо… го интересира само гола власт. Е токму него не му се дава власт. А кој е тој? Се гледа од прв поглед, на километар. Болен за власт! Ниту кауза… ниту верба… ниту морал… ниту идеја… ниту цел… само и само дајте му власт. Секоја недела менува ставови, менува кауза, која никогаш ниту ја имал… секоја недела кради идеи, само да увиди дека некои од нив поминуваат во јавност. Сè ќе каже, сè ќе излаже, само народ да голтне. Ако поминува кај граѓаните, за него нема проблем истото да го истакне, па макар тоа било целосно спротивно на неговите убедувања. Без разлика што тоа е штетно за истите тие граѓани. Без разлика што тоа е штетно по самата држава. Битно е да му помине тезата, да собере некој глас… да се дојде на власт… да се злостави таа власт… па било што било… е тоа е тој болен, што дава „газ за власт“. Подалеку од тие луѓе!

Која е ситуацијата во земјава? Сè се врти во круг. Овие лица, карактерно оценети како погоре опишаните, ги имаме во секоја од партиите. Во секоја без исклучок. Но приоритетно значење имаат лидерствата на тие партии и нивните политики. Доколку таму е изворот на ова поведение, тогаш проблемот е огромен. Од оваа анализа не може да се исклучи ниту ДУИ, партијата која е „родена за да биде власт“. Но дали тие даваат „газ за власт“? Тоа треба дополнително да се анализира. Со оглед на спроведувањето на нивната агенда. Нивните политики. ДУИ имаат една стратешка позиција, редовно да им бараат „газ за власт“ на двата големи политички блокови, оние на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ. И тука „царот е гол“. Нема што дополнително да се пишува.

Има една битна разлика помеѓу кампусот на СДСМ и оној на ВМРО ДПМНЕ. Оние од СДСМ јасно и гласно си кажуваат дека сè прифаќаат. Иако честопати ниту на нив самите не им е јасно што прифатиле. Во поглед на внатрешно политички, секако и надворешно политички план. Но тоа го прават толку транспарентно, што човек не може да замери. Си викаш, ОК со овие сме на чисто, сакаат власт без разлика колку тоа ќе чини. Ставовите им се отворени… било за Преспански… било за Бугарски… било за ДУИ-евски договор… политиките кон светот… политиките кон дома… сè им е веќе видено. Но што правиме со кампусот на ВМРО ДПМНЕ? Што правиме со тој вулкан на лицемерие? Дволичие. Нејасност. Пазарлак под маса. Под тепих. Го вееме знамето на патриотизмот, а под маса се пазариме, бетер од „зелен пазар“. Тоа не е прифатливо, не само за нас членовите на партијата, туку и за мноштвото граѓани. Тоа е главната причина, зошто СДСМ сè уште има значителна поддршка кај гласачите и после овие три години управување со државата. Едноставно, граѓаните не се на чисто со ВМРО ДПМНЕ.

Кои се аргументите? Можеме да тргнеме од каде што сакате. Еве од најболното, од животниот стандард на граѓаните. Главната причина за тагата кај нив. Пред некој ден, едно лице од раководството на партијата со сиот памет, во обид да го украде проектот на Македонски концепт за обесштетување на граѓаните, нешто што не го разбира, побара обесштетување на милионерите, зашто морале да платат данок!?! После оваа позиција, навистина не ми е јасно со кого си имаме работа. Замислете, оштетени биле милионерите зашто во еден период имало легално воведен данок, кој според дотичниов експерт за економија, не требало да го плаќаат. Иако бил легален во тој период, сепак да сме ги обесштетеле. Тоа било десничарска економска политика?!? Зини земјо, голтни ме! Овој дотичниот ниту економија разбира, ниту десничар е по определување. Дојде во ВМРО ДПМНЕ од најсоцијалистичкото крило во земјава. Следно е другото болно прашање за граѓаните – националното достоинство. Тоа е повредено со низа чекори на актуелната власт. ВМРО ДПМНЕ јасно и недвосмислено истакна дека двата договори, Преспанскиот и Бугарскиот, се капитулантски, понижувачки, предавнички… за денес, после само една година, и двата договори да им се допаднат на малкумина, болни за власт. Во обид да се најдат себеси во „бугарската приказна“, пак посегнаа по плагијат. Се обидоа да ги копираат, ама буквално копираат тезите на Македонски концепт за тоа прашање. Но попусто, тоа за нив е вода длабока, не ги разбираат. Па се изнакажаа еден куп глупости за македонизмот. Со сиот памет го легализираа „северџанството“, што е директно асимилирање на Македонците. Антиквизацијата од врвната стратегија, со која го уништивте секое народно достоинство, но сега била напуштена. Сега македонизам ќе форсирале. А тие жалните не знаат, дека во срцето на македонизмот, стои антиквизацијата! Колку жално и очајно. Колку неписмено! Чудо едно. Срамно за секој од нас, кој сме дел од истата партија. Тука како од спунт се удираат со Преспа. Тој чин на најголемо национално предавство, според екипата од мермерната палата. За денес, после само еден година, Преспа да стане визионерски потег. Сè прифаќаме, само да се докопаме до власт. Даваме „газ за власт“. Преспа веќе не е проблем. А они, воопшто, го прочитале ли тој договор? Увиделе ли процедура за негова имплементација? Ги утврдиле ли алатките за заштита на нашиот македонски интерес, преку тој договор? Не верувам! Сигурен сум дека немаат потреба да се замараат со македонски национален интерес. Доволно е да се добие власт, а за Преспа нема проблем. Кое дволичие. Која брука!

До тој степен се нуди „газ за власт“, што една залутана госпожа во ВМРО ДПМНЕ ја понуди независноста, повторувам независноста, истакнувам ДРЖАВНОСТА на Македонија, само за власт. Е тука веќе господа ако треба и „крв ќе падне“, ама тие ваши (инсистирам со мало в) предавнички нагони нема да поминат. Како не се срамите, бруки едни? Предадовте сè што е кауза на ВМРО! Предадовте сè што е македонски национален интерес! Само за пуста власт. Само за пусти пари!

Па кои сте тоа вие карикатури? Вие Македонија ја направивте слика на Пикасо… и тоа една од оние најизмешаните! Не можеме господа во иста парија или на иста страна да бидеме со вас, велепредавниците! Македонија е сè што имаме! Нема да ја дадеме само поради вашата болна амбиција за власт и крадење. На куп собрани, амнестирани лажни патриоти, ќе ни продавате гол патриотизам. Не поминува тоа! Самото молчење на целиот врв на партијата, после оваа јавна понуда – ДРЖАВНОСТА на МАКЕДОНИЈА за ПУСТА ВЛАСТ, е очајот во кој западнавме сите ние. Замислете, не се најде еден маж од тоа партијците јаки, од тоа демек лојалните вмровци, да каже може сè, ама ова е премногу! Што е многу, многу е! Ова е многу повеќе од „газ за власт“. Ова е национално предавство за власт! Ако на тоа се стави МПЦ како неуспешен проект и желбата да ни се вратат српски попови во земјава, е тука веќе ниту господинот Милетиќ, ниту господинот Стоилковиќ не сонуваат до толку. Тоа е веќе предмет на здравствена установа. До толку болни за власт? Тоа мора да го третира некоја здравствена установа, па макар и некоја ваква македонска, каква што ја имаме.

Да резимираме, секаде има болни за власт. Повторувам, во секоја партија! Но до толку, не било! Ова е подоле од дното. Само што едните не се сокриваат што им се намерите, а другите се тотален налудничав казамат. Нас нè очекуваат избори, а избор немаме!

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)