КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: СоцијалИСТИ, реформИСТИ, националИСТИ,…ИСТИ….ИСТИ…

127

Емисија во живо на една белградска телевизија во која гостите дискутираат за сериозни општествени и политички теми. И покрај сериозноста на темите, најголемиот дел од гостите опуштен, ноншалантен речиси несериозен и во однесувањето и во зборовите. Залегнати во фотелјите, навикнати со години на истите, од различна новокомпонирана  политичка определба, преку малите екрани им соопштуваат на луѓето како никогаш подобро не се живеело, никогаш невработеноста не била помала, како системот не бил никогаш пофункционален и во функција на народот и неговата благосостојба. И покрај различната политичка определба и боја, дискусиите звучат исто во прво лице множина, онака како што звучат и нивните партии,  социјалИСТИ, монархИСТИ, реформИСТИ, националИСТИ,…ИСТИ….ИСТИ. Еден од гостите, најстар по години, очигледно од стариот ков, од минатото кога државата била држава, а политиката била почитувано занимање, мирно и тивко, како да кара мали деца, им вели, гледајќи ги право во очи – срам да ви е, ние ви оставивме асфалт и патишта, згради и хотели, инфраструктура и стопанство, вие сето тоа го уништивте и разграбавте, вие не сте кадарни не да изградите и доградите нешто, не сте кадарни ни да го сочувате…вие не можете ни да го искречите она што ние го изградивме.

Овие неколку зборови ја отсликуваат реалноста и сета трагедија, пропаст и назадување на овие балкански простори, сеедно дали се работи за Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија.

За помалку од четири децении на плурализмот сè пропадна, се уништи, уназади и разграба сето она што народот го градел со своја пот и труд и тоа почнувајќи од нула, од ништо. Разорени патишта, мануфактурни фабрики, разрушени градови и села, на секој чекор знаци на уништувањето од штотуку завршената војна не ги обесхрабриле луѓето да почнат одново и да создадат држава и тоа држава за пример на која денешните членки на ЕУ како Чешка, Полска, Унгарија, Бугарија, Грција не и беа ни до коленици  и за кои бевме Запад.

Беа создадени стопански гиганти кои произведуваа сè што може да се замисли, сето она што денес го немаме, а ни треба и го увезуваме. „Железара“ произведуваше, меѓу другото, и лимови со голема дебелина кои ниту една друга железарница не ги произведуваше а од кој лим се правеа бродови. „Металскиот завод Тито“ произведуваше за многу сегменти на стопанството, меѓу другото и системи за кочење за железницата, делови за воената индустрија, особено за тенковите. „ФАС 11  Октомври“ произведуваше автобуси и она што малкумина знаат произведе на три пати сопствен прототип на моторно возило кое требало самиот да го произведува во целост. „Гранит“, „Пелагонија“, „Бетон“ градеа секаде низ светот патишта, згради и друга инфраструктура. Текстилната, прехранбената, тутунската и друга лесна индустрија да не ја ни споменувам, а која произведуваше квалитетни и барани производи и за домашниот и за странскиот пазар.

Но генерациите што се жртвувале,  создавале и граделе , природно, биолошки им отстапуваа место на новите генерации кои ниту граделе, ниту се жртвувале, ниту имале доволно време да созреат и да пораснат, а имаа и сè уште имаат лепливи прсти. Таа генерација на неоформени луѓе, од улица и играње баскет, фудбал, џамлии, првото свое вдомување и вработување го најде во политиката, во министерските и премиерски фотелји, грабајќи се за нив преку партиските функции на новокомпонираните партии.

За краток период продадоа и разграбаа сè, осиромашувајќи ја државата, а богатејќи се себеси и создавајќи една нова каста на партиски и бизнис тајкуни. Пропаднаа големите фирми, кои на подарок ги добија членовите и блиските на партиската врхушка и полека, но сигурно пропаѓањето од стопанството, како чума премина на здравството, образованието, културата, одбраната, земјоделието… И не застана тука туку продолжи да го разјадува системот, уништувајќи го правосудството, идентитетот, гордоста и разјадувајќи го и самиот живот на крај.

Денес не градиме ние и нашите фирми ниту во странство ниту дома, нас денес Кинези и Грци ни градат патишта, Австријците ни ги наплаќаат и телефоните и струјата, Бугарите ни ја пишуваат историјата и ни го одредуваат потеклото, Србите нè снабдуваат со вакцини и жито, Турците со облека, а Кинезите со сè останато.

Ние знаеме и умееме само да произведеме партиски послушници, фејсбук-сеирџии и позери, иселеници, несреќен народ и анархија.

(ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот)