КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Македонија денес, како Колумбија во време на картелите

722

Ситуацијата која се наоѓаме е невозможно да се опише со зборови или да се спореди со нешто што ни е познато особено ако се има предвид дека постарата генерација се уште се сеќава на едно општество кое било уредено и средено и во кое со гордост сме го кажувале името на својата земја. Денешната општествено политичка ситуација единствено можам да ја споредам со општествено политичката ситуација на Колумбија во време кога картелите владееле со неа. Уставот и законите се дерогирани, сета моќ, сето живеење е упатено и сведено на политичките партии и партиската книшка. Вработувањето, напредувањето, функционирањето, бизнисот, образованието сето тоа е поврзано со политичките партии, а можно е и остварливо единствено преку партиската книшка која стана побитна и од пасошот и личната карта, од знаењето и умеењето, од кадарноста и интегритетот. Партијата е основ и појдовна точка за се, таа е над државата , законот, Уставот.

При осамостојувањето и излегувањето од рамките на Југославија, ние не никнавме и не почнавме од нула, ние веќе имавме своја државност, свое уредување, традиции, искуства, закони, институции. Требаше да го продолжиме она што го имавме, да го осовремениме и прилагодиме на времето, да го поправиме она што во пракса не функционираше, а да го сочуваме она што даваше резултати. Во тие мигови и извесен период по осамостојувањето ние бевме водечка држава во регионот која служеше за пример. Многу од земјите кои станаа членки на Европската Унија кај нас служеа за лош пример, пример за изолираност, затвореност, сиромаштија, ние и како држава и како народ бевме многу пред нив и во поглед на човековите права и слободи, во поглед на стандардот и начинот на живеење, во поглед на отвореноста и можностите кои ги имавме, во поглед на државата и институциите. Неколку години потоа искусните и проверени политичари од онаа експертска влада ги наследија политичари кои првото свое вработување го остварија како премиери, министри, државни функционери, зелени и по години и по животно искуство, без било какво професионално искуство освен она лактање во партијата. Таквите политичари немаа скрупули, немаа мерки и граници, за нив се беше дозволено и возможно. Почна распродавањето прво на имотот на државата, потоа на угледот, па на крај и на симболите и атрибутите на државноста и сувереноста. Се создаваше една класа на политичари кои се збогатија преку ноќ, во исто време се создаваше и една бизнис елита која всушност го изведе транзицискиот грабеж кој и го овозможија овие политичари, и која преку ноќ се прогласи за бизнис елита. Почна да се создава спрега помеѓу таквата бизнис елитата и политичката елита, а полека и тивко им се приклучи и криминалното подземје. Згора на ова некадарноста и незаинтересираноста на политичарите да ги менаџираат општествените состојби особено оние од меѓунационалните и меѓуетничките односи создаде и простор и можност за разгорување на национализмот и шовинизмот. На некои партии токму тоа им беше и суштината и целта на постоењето и сета своја политика ја базираа на национализмот и шовинизмот. Со ваков развој на настаните и однесувањето на политичките чинители кои раководеа со државата се беше подготвено и спремно да и се случува на Македонија она што и се случува во мигот. Самите ние си го направивме ова што ни се случува денес, самите се доведовме во ваква ситуација која е катастрофална на секое поле и во секој сегмент на општественото живеење.

Успеавме за три децении да го уништиме образовниот систем кој создава функционално неписмени ученици, луѓе кои не читаат и не размислуваат со своја глава, луѓе кои не ја познаваат својата земја, култура, историја, своите корени. Го разнебитивме јавниот здравствен систем во кој се лекува само оној кој мора затоа што не може да си дозволи лекување во приватните здравствени установи. Го уништивме и земјоделието па увезуваме жито и брашно, зејтин и многу други производи, не садиме сончоглед, шеќерна репка, жито, ама садиме марихуана за која се задолжени и привилегирани неколку луѓе од власта или блиски до власта. За културата немаме пари, ги маргинализираме нашите писатели, поети ама ги славиме и им се воодушевуваме на турбо фолк певаљките,  сомнителни инфлуенсери и ликовите од подземјето. Ги исмеваме академиците, а јавното мислење го градиме според мислењата на газди на кафиќи и пропалитети кои денес се нарекуваат урбани ликови или попуписмени типови кои својот живот го свеле на фејсбук, а својата омраза ја преточиле во божемна критика.

Херои ни се криминалци, патриоти се оние кои извикуваат пароли, се удираат во гради и фаќаат магла кога нешто треба да направат за државата. Се цени послушноста и негува полтронството, се слави незнаењето и глорифицира глупоста. Црното се претставува како бело, а белото како црно, доброто станува лошо, а лошото се цени како доблест. Живееме во туѓи животи, се храниме со туѓа несреќа, се гордееме со туѓиот неуспех. Гласаме за помалку лошиот, а добриот го презираме, живееме едни покрај други, а не едни со други. Разнебитени сме и разединети како што ни е и државата разнебитена, омаловажена, исчуручени сме како што се обидуваме и нашето минато и историјата да ги превртиме, прекроиме и омаловажиме, а со сето тоа и со нас, владеат најлошите.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)