КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Крстосници на животот

228

Недела, рано утро, влажните скопски улици се празни. Рано е уште за младите на кои денот им почнува таму некаде напладне, рано е и за младите брачни двојки, кои во недела одат на прошетка со децата во парк или во Зоолошката градина.

Стојам на семафорот на „Партизанска“, на крстосницата со булеварот „8 Септември“ и чекам да се вклучи зеленото на семафорот. Забележувам човек кој стои покрај семафорот и сака да премине на пешачкиот премин накај бензинската пумпа, но некако чудно се движи и прави чудни движења како да наслушнува, како да чека нешто. Прави чекор, па застанува накратко, мрда со раката, па пак прави чекор движејќи се некако несигурно.  Неколку возила отспротива тргнаа на зелено. Во тој миг, и човекот тргна да преминува на црвено не гледајќи ни лево ни десно и пресекувајќи им го патот на возилата. Се стаписав и во ужас очекував миг во кој возилата ќе налетаат на него. Во тие неколку мига, сешто ми пролета низ главата гледајќи ги човекот и возилата, а неизречената осуда што поминува на црвено и не погледнува ни лево ни десно, ми остана на усните. Го видов белиот стап со кој мавташе човекот лево-десно и ми се стегна грлото од неговата беспомошност и опасноста во која се наоѓа. Тој е слеп, не гледа ништо, темнина владее во неговите очи, сфатив стаписан. Истото го забележаа и возачите што се движеа накај него, застанаа среде крстосница, без свирење, негодување, стаписани како и јас. Во тој миг, на крстосницата царуваа неговата темнина и нашата тишина. Во таа апсолутна, нестварна тишина, не се слушаше ни звукот на семафорот кој треба да им помогне на луѓето токму во вакви ситуации. Не работеше звучната сигнализација и тоа беше причината што човекот стоеше наслушнувајќи и што тргна во мигот кога мислеше дека може безбедно да ја помине улицата. Човекот со белиот стап продолжи накај бензинската на „Партизанска“, дојде до оградата и почна да тропка со стапот де лево де десно за да се ориентира, возилата и понатаму стоеја, а возачите, како и јас, го испраќаа со поглед во кој беа измешани безброј чувства и безброј прашања. Човекот замина полека движејќи се накај Воена болница, во исто време останувајќи тука, во нашите мисли, глави, души.

Долго време сликата на човекот со белиот стап остана да лебди пред моите очи и во моите мисли. Најверојатно, само ваквите мигови нè отрезнуваат како луѓе и ни ги покажуваат и суштината на животот и вредностите на живеењето, кои многу одамна сме ги заборавиле. Ваквите настани и ваквите луѓе нè засрамуваат во нашата лекоумност и леснотијата со која ги прифаќаме дел од работите здраво за готово, како нешто што се подразбира и што ни е подарено, нè засрамуваат во нашето незадоволството и ненаситноста во материјалниот свет и во нашето игнорирање на духовното.

Сме станале мрзливи и пасивни, незадоволни од она што го имаме, несреќни поради она што го немаме. Станавме друштво на плиткоумни консументи, мрзливи потрошувачи на сето она што ќе го видиме на евтините реклами што ни се сервираат по порталите. Најголемиот дел од луѓето немаат време ниту за дружба, ниту за роднините, ниту за семејството, немаат време за ништо, а не го испуштаат од раце мобилниот со кој нарачуваат храна, билети, пијалаци и подароци за заштеда на време. Кафеаните и кафулињата се полни, секој со својот мобилен во рацете, ретко може да се слушне разговор, а и кога ќе се случи тоа, ликовите се изобличени од бес, омраза, незадоволство, без смисла и цел во животот. И сите до еден здрави и прави, но слепи при здрави очи и глуви за сè околу себе.

Многу одамна сме ги затвориле своите очи пред туѓата несреќа, тага, неволја, не ги слушаме лелеците на унесреќените и на оние на кои им треба помош, сме ја затвориле нашата душа за сомилост, солидарност, љубов, братство, духовните вредности сме ги изобличиле и унаказиле и ги продаваме за безвредни материјални дреболии.

Во животот ќе дојдеме и ќе преминеме преку многу крстосници гледајќи лево и десно, барајќи ги вистинскиот пат и безбедниот премин, помагајќи си со сетилата кои ги имаме и кои, дури и кога ќе застраниме, може да нè вратат на правиот пат и вистинскиот правец. Но, на тоа наше патување наречено живот ќе сретнеме различни луѓе, хендикепирани, изгубени, кои ја немаат таа можност да се вратат или да го најдат патот, не затоа што не сакаат туку затоа што не можат, а ние не треба да ги затвораме очите и да ја вртиме главата пред нивната судбина затоа што тоа може утре да биде наша.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)