КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Дури и штетната вистина вреди повеќе од корисна лага

1094

Со години топ-тема е правосудството, проблемите, аферите и случувањата во судството и обвинителството ги полнат весниците, порталите, вестите и го забавуваат народот, а го намалуваат рејтингот, којшто веројатно по последните случувања не е поголем од 0.

Последната афера, која ги полни весниците и порталите, е  барањето на Советот на јавни обвинители за одговорност на обвинителот Ленче Ристовска. Советот на јавни обвинители реагира на изјавата на обвинителката со која истата на јавноста ѝ го соопшти она што е јавна тајна и за што зборуваат сите, од експертската јавност до граѓаните. Погодени веројатно од вистината, неспособни да ја согледаат реалноста, членовите на Советот се нашле навредени. Да се малку паметни и објективни би требало да бидат засрамени, а не навредени.

На истата седница, на која е побарана одговорност на обвинителката, било дискутирано за поведението на двајца обвинители кои не се појавувале на работно место, односно за кои Советот немал информации за нивната работа цели 4 години. Каков е тој Совет којшто е навреден од изјавата на Ленче Ристовска, која бара реформи во Советот затоа што креира клиентелистички однос на јавните обвинители, а четири години толерира обвинители кои не доаѓале на работа, односно за кои четири години немал информации за нивното работење. Каков е тој Совет на кого му требаат четири години не да покрене постапка против оној што не доаѓа на работа, туку допрва да дискутира за тоа. Совет кој толерира четири години вакво нешто, секако треба да претрпи реформа под итно.

Не така одамна Вилма им се закани со порака на судиите на Апелацискиот суд, барајќи да донесат одлука по нејзина желба. Зарем, тоа не е кршење на кодексот на обвинителската професија? Советот на обвинители не само што не покрена постапка, туку не се ни состана по овој повод, ниту дискутираше.

Познат ѝ беше случајот на јавноста, се дигна голема бука во јавноста, кога внуката на тогашниот претседател на Советот на јавни обвинители беше избрана за обвинител во јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и никој ништо не презема, нити некому му падна на памет обвинителската етика, ниту некој се засрами, а за одговорност и да не зборуваме.

Истиот тој претседател го оштети службеното возило кое го управуваше без службен налог и за приватни потреби и не само што не одговараше, ниту се покрена постапка, ниту плати за поправка на службено возило туку беше најбезобразно покриен од јавниот обвинител.

Ако се погледнат напредувањата на обвинителите и нивниот избор за кој не само јавноста има критики и забелешки туку и дипломатите во земјата, изјавата на Ленче Ристовска ниту е нешто ново ниту нешто нечуено па Советот да реагира на истата.

Обвинителката, според објавените информации, изјавила дека „се додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е извор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна, изборот што Советот го прави, креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал”

Ваквите критики ниту се нови ниту првпат обвинителката ги кажува, таквите критики и забелешки долг временски период се слушаат и упатуваат не само на Советот на обвинителите туку и на судскиот совет. Впрочем, една од најголемите забелешки и во извештајот на ЕУ, на меѓународната и домашна експертска јавност е токму напредувањето на правосудниот кадар, основите и условите и транспарентноста на истиот.

На крај, според пренесените изјави и барањето на Советот на јавни обвинители се бара одговорност од обвинителката Ленче Ристовска според етичкиот кодекс заради јавно коментирање на одлука на Советот, а не поради невистина. Треба ли да казнуваме обвинители кои се одважиле и јавно ја критикуваат катастрофалната состојба во судството или треба да гаиме послушници и полтрони кои молкум и без поговор ќе се согласуваат со недоветноста, исполитизираноста и некадарноста на оние кои раководат со институциите. Проценете сами кон што не доведе таквото раководење и каков кадар создаде.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)