Зачестија барањата за промена на изборниот модел, меѓу кои е и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90 со цел заштедените пари да се наменат за поважни проекти. За СДСМ, ова е лицемерно барање од партијата која со години трошела пари и организирала избори во дијаспората. Од ДУИ, ова го гледаат како можност и за повеќе уставни промени, па најавуваат и свои предлози.

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска соопшти дека започнале разговори со парламентарните политички партии за изменување и дополнување на Изборниот законик. На оваа тема, разговарал со  пратеникот Павле Трајанов од ДС, како и со пратеникот Љупчо Балковски од ВМРО – Народна партија.

„Една изборна единица беше темата на разговорите за којашто се дискутираше на тие средби и, секако, можноста за размислување, односно нивните предлози за поставување одреден праг при тие изборни процеси. Со различни идеи се политичките партии, на крај заклучивме дека овој процес треба да започне во насока на демократизација на државата“, рече Мицевски.

На средбата, Трајанов ги претставил ставовите на ДС во врска со реформите на изборните правила, кои треба да се одвиваат во три фази.

„Во првата фаза, да се донесат измените на Изборниот законик, со кои Македонија ќе биде една изборна единица и без изборен праг; во втората фаза, да се направат коренити реформи на изборните правила, со кои ќе се отстранат системските предности на четирите партии, посебно во врска со медиумското претставување и финансирање на изборната кампања од Буџетот на државата; и, третата фаза, уставни промени со кои ќе се намали бројот на пратеници од 120 на 90”, соопштија од ДС, додавајќи дека се за намалување и на бројот на министерствата, бројните агенции, регулаторни тела и сл.

И Демократската партија на Турците на Македонија е за да се воведе „пропорционален модел“ со „една изборна единица“ без изборен праг.

Од СДСМ реагираа дека тие први го поддржале предлогот за една изборна единица.

„СДСМ е првиот што го поддржа предлогот на помалите политички партии за една изборна единица, и тоа е наша програмска определба. Не може да биде предлог на ВМРО-ДПМНЕ, туку на СДСМ. Тие се сега гласни по тоа прашање зашто со ништо не се занимаваат, освен со барања за предвремени избори, кои ќе ги има во 2024 година“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Од најголемата опозициска партија истакнаа дека со намалувањето на бројот на пратеници, ќе се заштедат средства, кои може да се пренаменат за поважни нешта.

„За четири години, со Собрание со 90 пратеници, што е за 30 пратеници помалку од сега, ќе се заштедат околу 4 милиони евра. Тоа се пари кои наместо во плаќање на функционери со разни привилегии, ќе се насочат кон народот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ реагираа дека ова барање на најголемата опозициска партија е лицемерно со оглед на тоа дека тие трошеле големи средства за избори во дијаспората.

„Лицемерно е барањето на ВМРО-ДПМНЕ за помалку пратеници во составот на Собранието, тоа е истата партија која со години трошеше пари и организираше избори за дополнителни тројца пратеници во дијаспората“, посочуваат од СДСМ.

Артан Груби од ДУИ, прв заменик-премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, рече дека измените на Изборниот законик и измените на Уставот мора да се направат со консензус и овие предлози да се стават на маса на политичките партии, а не во медиумите – ако сакаме да бидат успешни.

„Ме радува фактот што опозицијата или најголемата опозициска партија е подготвена за отворање на Уставот, во тој случај имаме ние и други теми што треба да се вклучат во овие уставни измени, како што е спорот со Бугарија или вклучувањето на бугарската, хрватската, црногорската заедница и укинување на ограничувањето од 20 проценти за употреба на албанскиот јазик. Отворени сме за таа идеја и да ја збогатиме со други дополнителни идеи за да ги заокружиме сите отворени прашања“, рече Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија дека треба сериозно да ја сфати позицијата платена од граѓаните, како и да разбере дека овде не се работи за пазарење, ниту, пак, за наддавање, како што е навикнат на принципите по кои се раководи коалицијата на СДСМ-ДУИ.

(И.С.)