Преговорите меѓу СДСМ и Алијанса за Албанците (АА) за влез на опозициската партија во Владата се во тек, потврди премиерот Димитар Ковачевски откако претходно најава дека се преговара со АА за зголемување на владејачкото мнозинство пристигна и од ДУИ. Околу условите за приклучување на АА и прераспределбата на министерските и раководните функции во владејачкото мнозинство засега нема кокретни информации, иако и понатаму има многу шпекулации.

Разговорите со АА во контекст на европската иднина на земјата ќе продолжат и доколку се усогласиме по клучните принципи може да се случи проширување на владиното мнозинство, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи ја изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека се разговара со АА и за нивен евентуален влез во владината коалиција.

–Одговорот што го даде претеседателот на ДУИ, Али Ахмети, не се разликува многу од одговорот што јас го дадов, од причина што јас кажав дека со партијата Алијанса за Албанците, особено со нејзиниот вд претседател Арбен Таравари, разговарав за европската иднина на државата и сите одлуки кои треба да се носат. Исто така, кажав дека нашата владина коалиција е отворена за сите политички партии што ја делат таа визија и дополнително кажав дека разговаравме конкретно и за сите оние закони и реформи што се однесуваат на владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, и економските политики, односно антикризните мерки за справување со оваа огромна економска и енергетска криза во којашто се наоѓа и земјата и Европа, рече премиерот Ковачевски.

Тој притоа додаде дека не се разговарало конкретно за ресори и дека во иднина доколку разговорите продолжат во добра волја и во позитивен дух како до сега, може да се случи и проширување на владиното мнозинство. Коментирајќи ја изјавата на Таравари дека АА во овие разговори има свои црвени линии, Ковачевски рече дека во секои разговори и преговори, нормално е секој од учесниците да има минимум услови кои мора да бидат исполнети.

Во однос на изјавите на коалицискиот партнер Алтернатива, според која владиното мнозинство е стабилно и нема потреба од негово проширување, Ковачевски се согласи дека Владата е стабилна, со 64 пратеници што се потврдило со изборот на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа и на двајцата уставни судии. Додаде дека секојдневно комуницира со дел од коалициските партнери, како и со министрите од Алтернатива, но дека сè уште владејачкото проширување не било тема на разговор со нив.

–Не сме разговарале, меѓутоа мислам дека доколку сите сме определени за продолжување непречено на патот на државата во европските интеграции, тогаш мислам дека лесно ќе ги постигнеме сите согласности, смета Ковачевски.

Претходно, претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети по завршување на вчерашната средба во партиското седиште во Мала Речица, истакна дека и тој и премиерот Ковачевски се во разговори со АА, но, како што посочи, уште е рано да се зборува за некаков епилог.

– Средбите со нивни претставници ги остварив јас. Ги има остварено и Ковачевски со Таравари. Ќе видиме каков епилог ќе има од разговорите што ќе се реализираат меѓу двете страни. Сè уште не е разговарано за детали, тоа е тековен процес. Ние, како Албанци имаме потреба за поголемо единство, да бидеме малку поорганизирани во насока на остварување на мисијата, рече Ахмети.

Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, на завчерашниот брифинг со новинарите потврди дека со Алијансата за Албанците се разговара за заедничката проценка дека постои политички моментум кој наметнува поголема координација помеѓу политичките партии, чија цел е брза трка за членство во Европската Унија.

– Дека се разговара, го потврдија сите чинители во процесот, но што се разговара е прашањето. Се разговара за заедничката проценка дека постои политички моментум што наметнува поголема координација помеѓу политичките партии кои што имаат за цел брза трка за членство во Европската Унија, односно постојат вонредни предизвици кои што бараат вонредни пристапи. Кажав кои се тие вонредни предизвици. Првата, уставните измени коишто треба да го обезбедат неспречениот тек на преговорите, скринингот кој што исто така бара инклузивност на политичките субјекти кои бараат и веруваат во ветувањето, односно во намерата во 2030 година Северна Македонија да стане членка на Европската Унија. Енергетската и економската криза, сето тоа се вонредни пристапи, рече Османи.

Османи потенцира дека тоа не значи дека се воведуваат нови преседани, туку се бара решение за конкретните предизвици.

Коментирајќи ја најавата дека Алијанса за Албанците ќе стане дел од владата на СДСМ и ДУИ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, посочи дека тоа е комплетно скршнување на АА од нивните тези дека оваа влада е криминална и коруптивна. Тој додаде дека ова е доволна порака за граѓаните како да постапуваат за следните парламентарни избори, посочувајќи дека тој очекува политиките на оваа влада да бидат сотрени од народот.

(И.С.)