Колку отпад ќе произведеш толку и ќе платиш!

Наместо да се наплаќа за површина, односно за квадратен метар како што е сега, услугата ќе се плаќа за произведено количество отпад. Сегашниот начин на плаќање на сметките за отпад предвидува едно лице кое живее на површина од 50 квадратни метри, да плаќа за ѓубретарина исто колку и пет лица што живеат на површина со иста квадратура. Меѓутоа, тие произведуваат пет пати повеќе отпад од едното лице и затоа ќе плаќаат поскапо

144

Најдоцна од 2024 година ќе почне да се применува новата методологија за пресметка на услугата за одлагање отпад. Наместо да се наплаќа за површина, односно за квадратен метар како што е сега, услугата ќе се плаќа за произведено количество отпад. Сегашниот начин на плаќање на сметките за отпад предвидува едно лице кое живее на површина од 50 квадратни метри, да плаќа за ѓубретарина исто колку и пет лица што живеат на површина со иста квадратура. Меѓутоа, тие произведуваат пет пати повеќе отпад од едното лице.

Како што ја утврдува цената за водата и на електричната енергија така Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ќе ја утврдува и цената за наплата на отпадот. Цената нема да биде универзална за цела држава, туку ќе се утврдува по региони, каде што е предвидена изградба на регионални депонии.

Тоа значи дека ќе се плаќа само за оној отпад што ќе се депонира на депонија, а сè друго ќе може да се преработува. За да направат помалку отпад и за да платат помалку за него, преку општините и јавните комунални претпријатија со набавка на контејнери и со кампањи за подигање на јавната свет, граѓаните ќе бидат стимулирани да прават примарна селекција на отпадот.

– Ќе одиме со претселекција, а не со класично собирање и депонирање на отпадот. Тоа ќе се прави или на ниво на општините, во зависност од тоа колку им се јаки комуналните претпријатија, или ќе се прави во претоварните станици. Во рамки на секој регион ќе имаме неколку претоварни станици. Начелно, ќе се обидеме да го намалиме количеството отпад, кое ќе го депонираме во централните депонии – објасни неодамна министерката за животна средина Каја Шукова.

На денешната конференција „Имплементација на кружна економија во управувањето со цврстиот отпад“, таа истакна дека во Македонија е потребна сериозна имплементација на законите за управување со отпадот.

– Сите заедно, како партнери, да собереме сили и, конечно, да почнеме со сериозна имплементација на законите за управување со отпадот. Во Македонската асоцијација за цврст отпад (МАСВА) гледаме на партнер кој ќе ни помогне во управувањето со отпадот во државата – посочи Шукова.

За да има добар систем за управување со отпадот, секој од нас мора да го плаќа надоместокот. Во државава има региони каде што наплатата на ѓубретарината е многу ниска (од 30 до 40 проценти).

Инаку, Министерството за животна средина обезбеди кредит од Европската банка за обнова и развој во висина од 55 милиони евра, со дополнителен грант од швајцарската Влада од девет милиони швајцарски франци за изградба на депонии во пет региони: Полог, југозападниот дел, Пелагонија, југоистокот и Вардарскиот Регион. Министерството за животна средина веќе има подготвено документација за Полошкиот Регион според ЕУ-стандардите, каде што централна депонија ќе биде Русино, но само за следните пет години, затоа што оваа депонија нема капацитет да собира отпад повеќе од пет години.

Со истиот тој заем, паралелно ќе се работи и на депониите во Пелагонија и во југозападниот дел, каде што централната ќе биде во Општина Новаци, додека за Југоисточниот и за Вардарскиот Регион се подготвува соодветна документација.

(С.Бл.)