Колку ЕУ е подалеку толку војната на Балканот е поблиску

252

Европските челници дојдоа и си заминаа. Претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен ни порача да сме трпеливи и дека ни остана само еден чекор до ЕУ,  како и дека не сакаат , а за тоа до каде сме и што можеме да очекуваме еврокомесарот Оливер Вархеји ни твитна! Она што нам ни остана е чувството дека не слушнавме  ништо ново, освен постојаната надеж и ветерот во грб дека еден ден ќе станеме членка на ЕУ. Можеби ќе не држат и зборовите на првата дама на Европската комисија дека тие не’ посакуваат во ЕУ, иако како месеците поминуваат процентот на граѓаните кои веруваат во ЕУ перспективата за земјава полека опаѓа. Од Скопје нè пофали дека условите сме ги исполниле, да не губиме надеж и дека последниот чекор којшто се очекува да го направиеме е постигнувањето напредок во разговорите со Бугарија. Фон дер Лајен неколкупати повтори дека е целосно посветена на ова прашање, коешто се надева дека ќе има позитивен напредок до декември. „Има добри идеи за кои вреди да се размисли, со цел да се надмине последната препрека до крајот на годината. Има многу теми кои можат да се решат со добар дијалог“… А кога ќе го добиеме посакуваниот датум најдобро го отслика албанскиот премиер Еди Рама кој по средбата со Фон дер Лајен во Тирана изјави: „Сега веќе не се подготвуваме за свадба, едноставно продолжуваме да даваме љубовни изјави, но кога ќе се одржи свадбата, останува до сватовите“.

Тактизирањето на ЕУ со процесот на проширувањето (веројатно поради тоа што моќните европски лидери се окупирани со сопствените внатрешни проблеми) оставаат бришан простор за натамошни тензии на овој дел од Балканот. Стравот дека кризата на Косово може да се прелее и во Македонија не е нереален. Иако нашите власти убедуваат дека Македонија сега како земја членка на НАТО не треба да стравува за својата безбедност, бидејќи Алијансата тоа нема да го дозволи, сепак аналичарите велат дека будно треба да се следат случувањата на границата помеѓу Србија и Косово.

Според деканот на Факултетот за детективи и криминалистика при Европскиот универзитет, Скопје  д-р Александар Нацев, многу важно е да се одржи една атмосфера на антиципација и подготвеност за реакција на нашиот безбедносен сектор.

-Нашите разузнавачките служби, пред се Агенцијата за разузнавање, но и Агенцијата за национална безбедност треба будно и многу одблиску да ја следат ситуацијата и да достават свои информации со предвидувања за можна (де)ескалација на состојбата. Всушност, доколку овие служби добро ја одработиле својата задача, тие би требало и пред да почне евентуалното ѕвечкање со оружје и присуството на специјални сили на границата, да имале одредени сознанија и да доставиле известувања до безбедносниот и државниот врв на Република Македонија, изјави професорот Нацев за весникот ВЕЧЕР.

Во однос на прашањето дали постои сериозна веројатност за прелевање на ова “ недоразбирање“ помеѓу Србија и Косово во Македонија, вели дека е малку веројатно но, не е и невозможно.

-Мислам дека шансите за такво нешто во овој момент се мали, бидејќи во моментов во нашиот регион има судир на многу геополитички интереси, имаме еден микс на држави кое се членки на НАТО и кои не се, а тука е и стратешката збунетост на ЕУ околу регионот на Западен Балкан, и „живата кал“ во која се заглави ЕУ со своите планови, ветувања и наративи, кои во одреден момент беа различно толкувани од домашните политичари во сите земји, па така и во Македонија (да се потсетиме само на епопејата за добиен/недобиен датум и слично). Токму затоа, не очекувам прелевање на било каква безбедносна закана во Македонија, но тоа не значи дека не треба да се одржи максимална будност и подготвеност на безбедносниот сектор, вели професорот Нацев.

И хрватскиот аналитичар, ректорот на Универзитетот Верн, Влатко Цвртила, не очекува прелевање на кризата во регионот. Очекува и се надева дека наскоро  со помош на ЕУ ќе се изнајде решение за деескалација на состојбата меѓу Косово и Србија.

-Тешко е да се поверува дека останатите земји од Југоисточна Европа ќе се приближат до Европската Унија за кратко време. Некои политичари повеќе не зборуваат за ЕУ како нешто што е цел, дури и не го споменуваат повеќе, рече Цвртила во телевизиска дебата на оваа тема. Тој не верува дека свеста во овие земји ќе се промени толку брзо што ќе изберат раководство кое ќе се стреми кон ЕУ. Смета дека овие политики веќе не се толку популарни бидејќи ЕУ е едноставно премногу слаба за да биде актерот што ќе крене политичка платформа со цел да се најде решение за стабилноста на регионот.

Професорот на Хрватскиот институт за историја Иво Лучиќ додаде дека ЕУ на некој начин ја затвори вратата за нови членки, без разлика на изјавите дека земјите од Западен Балкан имаат европска перспектива.

-Денеска со сигурност можеме да кажеме дека во следните 20-ина години ниту една држава нема шанси да влезе во ЕУ, смета Лучиќ.

Твртко Јаковина, од загрепскиот Филозофски факултет, на истата дебата посочи дека многу земји ја загубиле надежта за единствениот правилен пат – кон европска интеграција.

-Северна Македонија направи огромни компромиси со промената на името, а потоа беа пречекани од Бугарите со многу слични аргументи. Недостатокот на европска перспектива и големата слабост на Европската Унија, која нема да може да ја понуди таа перспектива, ги натера овие земји сега да се свртат кон можна меѓусебна соработка. Ова повеќе ќе остане каллив простор отколку што ќе има некои преуредувања на специјалните сили, рече Јаковина.

Вчера, премиерот Зоран Заев, пак, порача дека Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија. Ова, нагласи тој,  е особено и суштински важно бидејќи ако остане овој статус кво, без изгледни шанси за напредок, разочарувањето од блокадата на проширувањето ќе се прошири како канцер и врз другите процеси за европеизација на земјите од Западен Балкан. (Е.А.)

Крај на годинава – свеж момент за процес на проширување

Сега на крајот од годинава имаме неверојатни можности и предизвици да ја изградиме нашата работа и да дадеме свеж момент на процесот на проширување. Следната недела ќе се одржи Самитот на ЕУ-Западен Балкан со што ќе се потврди нашата посветеност на регионот. Кога станува збор за Албанија и Северна Македонија само можам да ги повторам зборовите на претседателката на Европската Комисија Фон дер Лајен, да биде постигнат договор за прифатлива преговарачка рамка, што ќе го отвори патот за одржување на првата меѓувладина конференција во рамки на словенечкото претседателство, порача вчера еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.