Мораториум на долговите за сиромашни семејства кон извршители, банки и други државни органи нема во мерките, хронично болните, родителите со деца до 10 години и мајките на породилно отсуство веќе се вратија на работа.

 

Следува реализација на четвртиот пакет мерки за справување со последиците од корона-кризата. 470 милиони евра, пари од Буџетот како директна помош ќе завршат кај граѓаните и компаниите.

Една од основните компоненти на четвртиот пакет мерки е зајакнување на приватната потрошувачка на граѓаните. -Со новиот сет мерки, го надградуваме успешниот проект за поврат на ДДВ кон физички лица, информира вчера пратеничката од СДСМ, Соња Лукаревска. Викендот меѓу 10 и 12 октомври ќе биде викенд без ДДВ.

350.000 граѓани, веќе постоечки корисници на апликацијата „Мој ДДВ“, за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври можат да купуваат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари и во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ.Според проценките, преку оваа мерка ќе се оствари промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инјекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра преку повратот на ДДВ.

Досега, за една година преку оваа мерка веќе се вратени над 11 милиони евра кај граѓаните. Со новиот пакет економски мерки, платежни картички со износ од 6.000 денари ќе добијат над 5.700 самохрани родители, над 180.000 пензионери со пензии до 15.000 денари, невработени лица кои се пасивни баратели на работа, самостојни уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници.Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат и дополнителни 540 студенти, како и граѓаните кои се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи. Вкупно, со оваа мерка се опфаќаат над 283.000 наши сограѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра.

Мораториум на долговите за сиромашни семејства кон извршители, банки и други државни органи нема во мерките, хронично болните, родителите со деца до 10 години и мајките на породилно отсуство веќе се вратија на работа.

Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, и ексзаменик министер за финансии, смета дека третиот пакет на мерки се реализираше само 13%, затоа е потребен 4-ти пакет, кој е резултат на претходната неспособност и расипништво.

-Помпезно најавуваниот предизборен трет пакет на мерки во износ од 355 милиони евра заврши со реализација на 47 милиони евра односно не цели 13% реализација и тоа за предизборен поткуп на населението кое владата многу сакаше да го помогне, за да 1 месец по изборите го опустоши со растот на цената на електричната енергија кој е висок трошок за секое македонско семејство.Изостана поддршката на фирмите за вработените и токму 4-от пакет на мерки е доказ дека истата не беше реализирана со третиот пакет мерки и доказ дека на оваа влада функциите и фотелјите им беа поважни од спасување на македонската економија, вели Димитриеска Кочоска.

Таа смета дека треба да се направи реална анализа колку од 4 пакет мерки се наменети за стопанството и губењето на работни места.

-Вчера видовме дека пензионерите со пензија до 15.000 денари ќе добијат картички во вредност од 9.000 денари еднократно. Откако пред три години го изменија законот за исплата на пензии и им скратија дел од нивната пензија која законски им следуваше и откако ја зголемија електричната енергија сега им предвидуваат мерка помош. Им помагаат на оние од кои повеќе зедоа отколку што ќе им дадат, вели Кочоска.

Колку ќе помогнат на еден самохран родител со двајца ученици, кој едвај врзува крај со крај и сега треба да купи два компјутери, а добива само 9.000 денари еднократна помош. Па барем да добиеја викенд без ДДВ, ама навистина викенд без ДДВ можеби и ќе успееја нешто да направат.За студентите ништо, ама баш ништо не направија особено за оние од ранливи категории кои сега треба да плаќаат и партиципација на факултетите.Дали Владата размислува за граѓаните, оние 40.000 кои ги изгубија работни места во јули и август, а сега откако ги објавија мерките тие граѓани ќе имаат надеж, очекување дека некој ќе ги врати на работа. Што ќе се случи доколку работодавците сепак одлучат да не ги вратат. Губењето на работа не е детска игра. Тоа е нечија судбина, нечиј живот, смета Кочоска.

65 милиони евра ќе биле пласирани на стопанството од страна на комерцијалните банки за кои државата ќе гарантира со 10 милиони државна гаранција. А остатокот кај комерцијалните банки кој ќе го покрие? Кој ќе го преземе ризикот?Ова значи дека повторно само оние компании кои досега со банките имале кредитна историја ќе можат да ги користат овие поволности. За малите компании повторно ништо, изјави вчера Димитриеска  Кочоска.