Колкава казна за виновникот за хаваријата во Брегалница ќе покажат анализите

68

Висината на казната за фирмата, која е виновна за излевање на материја во реката Брегалница пред два дена кога од густа течност побеле ќе зависи од резултатите на анализите од мострите, кои се прават во лабарторија во Скопје, најави денеска заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Тој заедно со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски беше на терен по течението на реката Брегалница.

Позитивна вест,како што кажа, е што материјата која ја побеле Брегалница не е штетна за животинскиот и растителниот свет. Макрадули истакна дека хаваријата во реката Брегалница, како и во Велес покажуваат дека под итно е потребно вмрежување на локалните и државните инспектори, со цел поголема ефикасност на теренот.

– Се покажа и една законска слабост, која треба брзо да се менува, а тоа е една фабрика, којашто се наоѓа во ТИР зоната, практично по законот досега има потреба да достави елаборат Б дозвола, што се добива од општина, како и за едно кафуле. Мислам дека тие работи треба да се променат. Мора да се централизира, се разбира со заеднички сили со локалните инспектори, со можеби регионални канцеларии на инспекторатот, за да можат тие да ги даваат и да ги контролираат, тие дозволи. Се наметнува потребата за проверка и контрола на сите А дозволи, што во овој момент и го правиме – изјави Макрадули.

Забележа дека и покрај тоа што хаваријата се случи од компанија, која е со Б интегрирана дозвола, сепак Инспекторатот излезе на терен и помогна во пронаоѓање на изворот на хаваријата, од пукнато црево на цистерна на српска фирма, која пренесувала хемикалии за процесот на производство на фирмата „Техникал текстајл“ во ТИР зоната во Штип.

Инспекторатот донел една мандатна казна, која е првична, а кога ќе се добија анализите ќе се донесе и конечната одлука за казната, која се движи од 3.000 до 100.000 евра.

– Загадувачот плаќа без разлика што било не намерно, сепак мора да се плати штетата што е направена на биодиверзитетот. Мене ме радува што првичните информации се дека нема помор на риби и оти материјата не е токсична – рече Макрадули.

Градоначалникот Бочварски посочи дека до крај ќе се истера овој случај, со цел вистината да излезе на виделина, и како што рече, за среќа бунарите на Општина Штип за водата за пиење се безбедни, бидејќи се на повисоко ниво и не се допрени од страна на таа материја.

– Во наредните денови ќе се вршат анализи од водата за пиење од чистата вода којашто е излезена од филтер станицата во Штип и секако сировата вода којашто е пред влезот во филтер станицата и од водата во градскиот водовод. Центарот за јавно здравје и ЈП „Исар“ ги прават анализите и досега немаме анализа што покажува вода со полоши квалитети од тоа што била претходно – рече Бочварски.

Забележа дека тоа е добрата вест којашто сака да ја знаат граѓаните.

– Материјата којашто е истечена е само транзитно помината низ реката и првите анализи покажаа дека нема последици на животинскиот и растителниот свет – потенцира Бочварски.