Колабираат влечејќи запреги и место вода и храна, добиваат камшик

140

Во светот се луксуз, кај нас коњите се евтино товарно превозно средство. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се предвидени парични и затворски казни за сопствениците кои ги измачуваат своите коњи. Граѓаните се сведоци како некои несовесни сопственици кон овие животни се однесуваат сурово, ги маваат со камшици или со дрвени прачки за да побрзаат, па често пати не можејќи да го издржат напорот од запрегата, која ја влечат полна со отпад, колабираат среде улица

Собирачи на отпад речиси секојдневно со запрежни коли кои се влечени од исцрпени и изнемоштени коњи. Граѓаните се сведоци како некои несовесни сопственици кон овие животни се однесуваат сурово, ги маваат со камшици или со дрвени прачки за да побрзаат, па често пати не можејќи да го издржат напорот од запрегата, која ја влечат полна со отпад, колабираат насреде улица.

Последен пример на тешко повреден и колабиран коњ беше оној во близина на пругите кај Кванташки пазар, на кој и покрај интервенцијата на активисти за заштита на животните со вода, а било пробано и да се подигне со дигалка и да се однесе на ветеринар, не успеаја да му го спасат животот.

Овој немил настан предизвика лавина реакции по социјалните мрежи. Тие ги прозваа институциите да се засрамат што дозволуваат ваква тортура врз животните од страна на нивните сопственици. Претпоставуваат дека некој(и) собирачи на отпад толку многу го измачиле коњот (целиот во рани и лузни од тепање, покрај кичмата и вратот скршен), што тој колабирал на жешкото сонце и потоа го оставиле да почине во страшни маки.

– Денес си замина Баксуз. И да, баксуз си што од сите реалности во кои можеше да се родиш, ти се роди баш во оваа каде што ве товарат секој ден и по цел ден додека не ви ги свиткаат кичмите, а после со ќотек ќе ви ги докршат. Истото и на тебе ти го направија. Во светот сте луксуз, кај нас евтина роба на сточен пазар – коментираат граѓани.

Тие побараа државата да забрани да се употребуваат за транспорт и товарење.

Собирачите на отпад се свесни дека ги мачат коњите, но сметаат дека немаат друг излез и дека тој им е единственото превозно средство со кое можат да собираат шишиња и стара хартија од контејнерите и да си обезбедат каква-таква егзистенција.

Но, скопјани се прашуваат дали тоа е навистина причината што се толерираат собирачите на отпад да се движат дури и по фреквентните сообраќајници. Не само што ги измачуваат животните што ја влечат запрегата, туку ја доведуваат во опасност безбедноста во сообраќајот.

Од коњичките клубови велат дека животното со напорна работа треба да се оптоварени две до три часа во денот, а потоа силата треба да им биде обновена со протеинска храна и витамини. Место тоа, собирачите на отпад по цел ден одат од контејнер до контејнер, на животните не им даваат дури ни вода да се напијат, освен што ги пуштаат да пасат трева по парковите, а која не може да им ја врати силата. Предлагаат надлежните да поведат сметка за овие животни и на сопствениците да им се најде некое превозно средство за да не собираат отпад со запрежни коли.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, вели дека за сопствениците кои несоодветно ги третираат коњите, ги измачуваат и ги оптоваруваат повеќе од она што физиолошки можат да издржат се предвидени парични и затворски казни. Тој истакна дека годинава до АХВ биле поднесени две претставки од невладини организации и од граѓани за негрижа и несовесно однесување кон коњи. Едната била отфрлена, а за другата во тек е постапка.

– При контролите на ветеринарните инспектори е утврдено дека здравствената состојба на коњите е лоша, дека животните се изнемоштени. Секое предизвикување болка, повреда и секое нехумано однесување кон овие животни е казниво дело. И со кривичниот закон измачувањето на животните претставува кривично дело, а сторителот може да се заврши и во затвор – нагласи Атанасов.

Официјалниот ветеринарен систем покажува дека во земјава има 11.932 копитари од кои 8.373 се коњи. За одговорно однесување со коњите и спречување на нивната злоупотреба, АХВ почнува кампања за подигање на јавната свест, но и на свеста на сопствениците и одгледувачите на коњи кои се користат за влеча, превоз и работа, како и подигнување на свеста за опасноста од учеството на оваа категорија животни во сообраќајот, особено во урбаните средини. Според АХВ, при одгледувањето коњи, како и секој друг вид животно, клучно е унапредувањето на неговата здравствена заштита и благосостојба, но и законската одговорност на секој сопственик.

– Освен што негрижата значи загрозување на благосостојбата на животното, претставува и загрозување на благосостојбата на сопствениците зашто коњите се и вид економски ресурс кој овозможува остварување финансиски средства за издржување на семејствата – напомена директорот.

Во рамки на оваа кампања изработен е едукативен спот, постер на македонски, албански и ромски јазик и билборди кои ќе бидат поставени во Скопје, Тетово, Битола, Штип и Прилеп.

(С.Бл.)