Секојдневно напорно се работи за обезбедување на сите потребни услови во новото живеалиште во Скопје ЗОО. Двокатната резиденција со голема дневна, спални соби, карантински простории и надворешен дел со многу реквизити и лулашки се наменети за шимпанзото Коко кој в среда се враќа во Скопје, заедно со новите пријатели.

Во април 2009 година Коко замина во Холандија на ресоцијализација бидејќи беше западнат во депресија. Тогашното раководство на Зоолошка најави дека Коко ќе се врати за една година, но сепак лекувањето на депресијата траеше десет години. За неговата ресоцијализација помогнаа зоолозите во престижната Институција за ресоцијализација на шимпанза „Алмере“ во Амстердам.

– Коко се враќа заедно со три шимпанза со кои изминативе години се дружеше во Холандија. Две женки и едно машко, нема да биде сам, како што беше пред да замине на ресоцијализација. Едната женка е родена 1962 година, додека другата женка и машкото се родени 1986 година. Со нив доаѓа и тим од Холандија што ќе помогне шимпанзата полесно да се адаптираат на новото живеалиште – вели Тина Мицковска, портпарол во Зоо Скопје.

Изградбата на живеалиштето почна пред три-четири години според најсовремените стандарди на Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА). Во него има затворен и отворен дел.

– Условите за престој на шимпанзата се одлични. Ние вработените дадовме сè од себе да обезбедиме голем број играчки за Коко и другарите. Шимпанзата сакаат ќебенца и затоа апелираме кој сака нека донесе по некое да донира, бидејќи ќе ни требаат – вели Мицковска. 

Шимпанзото Коко е роден во Зоо Скопје во 1986 година и кратко време по неговото раѓање умира мајка му и оттогаш западна во депресија. Затоа помина 13 години во Холандија да се излекува и ресоцијализира.

(С.Бл.)