Кои се оригиналните автори на теоријата за „Месечевиот заговор”

194

Пет децении од спуштањето на првиот човек на Месечината е навистина долго време, многу повеќе од половина човечки век, смена на неколку генерации. Со развој на новите масовни медиуми теоријата на заговор дека Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА) подготвила телевизиски спектакл во режија на Холивуд доби силен замав.

Всушност, веќе беше јасно дека прошетката на Нил Армстронг и Баз Олдрин по правливата почва на Месечината на 20 јули 1969 година (21 јули по европско време) стана главен настан на 20. век. Дејвид Боуви подоцна напиша повеќе песни и изгради свое вселенско алтер его, инспириран од првите руски и американски мисии во Космосот. Вудсток, легендарниот музички фестивал што се одржа по само четири недели подоцна, падна во втор план.

Поради грандиозноста, настанот за многумина е психолошко и умствено непојмлив, споредено со тоа каде беше светот во 1969 година и подоцна: Виетнамската војна, нафтени и енергетски кризи, сиромаштија и недостиг од храна и вода за пиење во добар дел од глобусот. Подоцна, откако теориjата на заговор почна да здодева, и Армстронг лично ја отфрли со следното директно тврдење „мисијата беше поедноставно да се изведе отколку да се фалсификува”.

Бидејќи, ако претпоставиме дека лет на Месечината не се случил, тогаш во заговорот требало да се вклучени отприлика 400 илјади лица. Токму толкав број на луѓе учествувале во подготовката и реализацијата на лансирањето на вселенскиот брод „Аполо-11″ – инжинери и научници, контролори од центарот за управување со летот, снабдувачи на опрема и делови, доктори и медицински сестри, математичари и програмери. Требало да се изведе тајна снимка „слетување на Месечината”, да се скријат астронаутите, и сите вклучени во таа претстава да молчат, засекогаш.

Логиката и научните факти говорат едно, а емоциите се нешто сосема друго. Денес, во време на Интеренет, социјални мрежи и паметни телефони, постои цела субкултура од конспиролошки сајтови, форуми и групи водени од емоции и ликови кои ако не заработуваат од тоа, наоѓаат сатисфакција во повеќе кликови, пријатели и локална популарност.

Познавам еден таков лик, Виктор Огањанов, руски доселеник во САД, инжинер-авиоконструктор, кој работел за компаниите како „Локхид Мартин” и „Боинг” одговорен за безбедноста на авионските шасии. Тој има илјадници потписници, чии коментари пиштат со троловска убеденост во заговорот, поттикнати од техничката позадина на Огањанов.

Многумина се убедени дека теоријата на заговорот потекнува токму од Советскиот Сојуз (подоцна Русија) на штета на идеолошкиот соперник САД. Според анкета на Руската државна агенција за истражување на јавното мнение (ВЦИОМ) од 2018 година, 57 отсто од Русите веруваат дека спуштањето на Месечината е холивидска лакрдија. Процентот е зголемен правопрорционално со ширењето на антиамериканизмот во земјата – во 2011 година „само” 40 отсто верувале во тоа.

Москва се меша во демократските процеси во многу земји; врши раскол во западните општества со ширење лажни вести и полувустини; руски тролови и хакери го подметнаа Доналд Трамп на Американците – па зошто да не подметнат и глобален заговор за тоа дека американската прошетка по Месечината е лакрдија, телевизиски спектакл.

Точно е дека Русите го имаат првиот човек во орбитата, Јуриј Гагарин, првата жена-космонаут, Валентина Терешкова (сегашен член на руската Дума), и првата прошетка во отворен Космос, но Американците ги претекнаа во најважното – со „мунвок”, први зачекорија на друго небесно тело. Но, ако навистина биле први во вселенската трка, во теоријата на заговор дека летот на Месечината е претстава режирана од Холивуд и НАСА, Русите сепак први не се.

Оригиналните автори на заговорот се всушност – Американци.

Вилијам Чарлс Кејсинг напишал повеќе книги на многу теми. На пример, како да се нахраниш за долар на ден (границата потоа ја спушта до 99 центи), како ефтино да купиш земја и да станеш фармер, како да преживее еден пензионер. Но, на Дивиот Бил, неговиот прекар за пријателите, му појде од рака кога во 1974 година ја напишал книгата „Никогаш не бевме на Месечината: Американска измама од 30 милијарди долари”. Успеал да ја објави на своја сметка во 1976 година како прва книга во светот на тема „месечев заговор”.

Дивиот Бил по образование бил дипломец по англиска литература, но од 1956 до 1963 година работел во одделот за техничка документација на компанијата „Рокетдајн” што ги дизајнирала и изработувала моторите за ракетите-носачи „Сатурн-5″, кои ги вивнуваа мисиите на „Аполо” во орбитата.

Повикувајќи се на документи од компанијата и разговори со колеги, книгата дава неколку заклучоци – истите оние користени од љубителите на заговорот до ден денешен: НАСА не била технички способна да го реализира летот, на фотографиите од Месечината не се гледаат ѕвездите, невозможноста да се прават фотографии на Месечината поради високата температура, смртоносното ниво на космичко зрачење за време на летот.

Други заклучоци од книгата на Кејсинг: Астронаутите лажат, а оние што се обиделе да ја кажат вистината биле убиени од ЦИА (тројцата космонаути кои починаа во 1967 година за време на тестирање пред полет на претходна „Аполо” мисија). Кобниот старт на шатлот „Челинџер” во 1986 година беше ставен во рамките на „месечевиот заговор”.

Холивудскиот режисер Питер Хајмс имал слични сомнежи – како може настан од такви грандиозни величини (тројца космонаути да полетаат на единствениот природен сателит на Земјата и двајца да слезат на него) да нема директни сведоци а само телевизиска камера.

Во 1972 година Хајмс напишал сценарио за тоа дека настанот е лажиран. Само по повеќе од пет години успеал да го продаде на една продуцентска куќа. Какви промени се случиле за тие пет години? Скандалот Вотергејт, после што довербата на Американците кон власта се намалила на рекордно ниско ниво.

Филмот „Јарец-1″ (Capricorn-1) се појавува на големите екрани во 1978 година и, за воља на вистината, опишува како американските власти лажирале мисија на Марс, не на Месечината. Режисерот потоа укажа дека тоа било условот што го поставиле од НАСА за да добие дозвола да снима во објекти и простории во сопственост на агенцијата.


Интересно е тоа што еден од актерите во филмот во улога на астронаут е американскиот фудбалер Оу Џеј Симпсон. Цели 17 години после премиерата на филмот, Симпсон ќе биде суден (и потоа ослободен од одговорност) за убиството на неговата сопруга и нејзиниот љубовник, една од најкоментираните епизоди во современата американска популарна историја. Погодувате, љубителите на теоријата за „месечевиот заговор” веќе најдоа смисла и во тие два неповрзани настани.

Филмот „Јарец-1″ стана еден од најпопуларните независни филмови во 1978 година, но малку направи да ја убеди Америка дека астронаутите со мисиите „Аполо” не слетале на Месечината. Според анкета на „Галуп” од 1999 година, во тоа веруваат само 6 отсто од американските граѓани.

Има многу филмови за тоа дека Американци не слетале, но по бројот на продуцирани и режирани проекти предничи филмографот Барт Сибрел. Тој стана познат по четири нискобуџетни документарци на оваа тема, но и предмет за потсмев како најистурен поборник за теоријата на заговор. „Се случи нешто забавно со нас на пат до Месечината” е еден од неговите филмови промовиран во 2001 година.


Сибрел остана запаметен по тоа дека како папараци ги следи и демне сега веќе остарените астронаути и им бара да се заколнат со Библија дека навистина летале на Месечината и назад. За време на еден таква средба кога јапонска телевизија земала интервју од Олдрин, астронаутот се обидел да го откачи здодевниот режисер. Овој му возвратил дека е „плашливец, лажго и крадец”, и добил тупаница в лице од 72 годишниот астронаут пред камерите.

 

Подоцна кога филмографот сакал да го даде на суд Олдрин, но неуспешно, се појави шега во слична логика на конспирологијата – нема доказ дека тој бил удрен по носот, снимката е неубедлива.

Кон првичната теорија за „месечевиот заговор” се накалеми и тврдењето дека на снимање на лажираното слетување на Месечината работел британскиот култен режисер Стенли Кјубрик, креатор на филмот „Одисеја во вселената 2001 година”. Тврдењата се појавија после смртта на режисерот во 1999 година и беа демантирани од семејството на Кјубрик.