Премиерот Зоран Заев нема да го врати мандатот кај претседателот Стево Пендаровски и да бара мандат за нова влада. Најавените смени ќе донесат промени во најмалку три фотелји, но разговорите за „метлата“ воопшто не ја загрозуваат владината коалиција.
– Партнерските односи со ДУИ се стабилни, довербата помеѓу мене и лидерот на партијата Али Ахмети е голема. Свесни сме дека имаме одредени слаби кадри во нашите редови и затоа и зборуваме за промените и тие се случуваат. Јавноста ги лови слабостите и затоа се случуваат корекции и во СДСМ, и во ДУИ, изјави премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, прашан колку е стабилна коалицијата со Демократската унија за интеграција.
Деновиве се очекува да биде појасно колку вкупно министри ќе се збогуваат од Владата и кои ќе бидат новите кадри од СДСМ, ДУИ, Беса или ДПА, кои ќе седнат на „Илинденска“ бр. 2.
Во изјава за медиумите премиерот Заев рече дека веќе ги има имињата на функционерите кои планира да ги предложи за испразнетите позиции по чистката во Владата и во партијата.
– Јас веќе разговарам со луѓе кои треба да дојдат на позиции на оние места што ќе бидат променети. Разговорите течат. Секое слободно време го користам за да разговарам со нив за да можам да потврдам дека се нафаќаат, ја прифаќаат работата. Верувам дека ќе стигнам да ги објавам нивните имиња не подоцна од крајот на првата половина на јуни, изјави Заев.
Во политичките кругови се шпекулира дека министерствата каде што се очекува да има промени во рамки на операцијата „метла“ се транспорт и врски, екологија, правда и образование, кои моментално се предводени од министрите Горан Сугаревски, Садула Дураку, Рената Дескоска-Треневска и Арбер Адеми.
Доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада.
Неодамна премиерот потенцираше нема да има ротации, туку ќе бидат именувани нови личности. Не кажувам бројка, досега се сменети шест министри, а за да има реконструкција на Влада, треба смена на повеќе од третина од министрите. Ќе ги соопштиме новите имиња паралелно со разрешувањата, изјави по вечерашната седница на Централниот одбор, Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој со најавената реконструкција на Владата ќе ја напушти функција откако неодамна беше поставен за генерален секретар на СДСМ, изјави дека кадровската смена нема да се одрази на реформите и активностите во ресорот.
Неговото конечното повлекување од министерската функција, како што истакна, зависи од тоа кога мандатарот ќе ги заврши преговорите по однос на другите министерства.
Ново кадровско решение е потребно и за ресорот култура откако министерот Асаф Адеми поднесе оставка, а за првпат треба да се избере министер и за новото Министерство за политички систем откако се укина Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.